Љубовта е лек против очајот

Очајот започнува тогаш кога човекот престанува да верува дека е сакан, а ја достигнува својата најголема сила кога и самиот престанува да љуби. Срцето станува студено, погледот – суров, а страдањето на ближниот повеќе не го допира. Останува само сопствената болка, која човекот ја храни сè додека не стане поважна од секој што стои покрај него.
Недостигот на љубов не е само слабост на карактерот. Тој е болест што ја суши душата. Од него се раѓаат рамнодушноста, осудувањето, зборовите што повредуваат и молчењето што остава човек сам. Некој може да зборува за Бога, а во исто време рамнодушно да помине покрај скршеното срце на својот ближен.
Очајот шепоти: „Ништо повеќе нема смисла.“ Себичноста додава: „Туѓата болка не е моја грижа.“ Заедно, тие ја затвораат душата во просторија без прозорци. Таму веќе не може да навлезе ни вистинската молитва, затоа што молитвата без милост станува само празен звук.
Љубовта не се мери со убави зборови, туку со подготвеноста да останеме покрај човекот што паднал. Понекогаш еден поглед без осуда може да спречи нечиј пад. Еден добар збор може да извлече едно срце од работ на очајот.
Оној што ја одбива љубовта, најмногу се осиромашува себеси. Оној што го подига скршениот човек, Го среќава Христос токму во неговата рана. Најголемата загуба не е страдањето, туку срцето што повеќе не трепери пред туѓата болка.
Мајка Силуана / подготви С.Стефковски
27.07.2026