Комуникацијата е еден од најважните темели на една здрава врска

Но не е доволно само да разговараме. Важно е да можеме да се отвориме без страв, без вознемиреност дека разговорот ќе доведе до прекин или конфликт.
За да постои вистинско споделување, потребна е емоционална сигурност. Да знаеш дека кога ќе кажеш нешто ранливо, другиот нема да те осудува, нема да те контролира, нема да го обезвредни твоето чувство и нема да ја искористи твојата ранливост против тебе.
Затоа што кога изразувањето на чувствата постојано наидува на критика, контрола или омаловажување, комуникацијата престанува да биде безбедна. И тогаш во нас се активира еден механизам на заштита... тишината.
Човекот почнува да го задржува во себе сето она што го оптоварува. Сам го обработува стравот, тагата, несигурноста, гневот. Не затоа што нема потреба да разговара, туку затоа што научил дека разговорот може да го чини повеќе отколку неговото молчење.
Вистинската комуникација не значи секогаш да го имаш вистинскиот одговор.
Туку другиот да може да каже: „Ова ме боли“, а ти, пред да се обидеш да го поправиш или исправиш, едноставно да можеш да го сослушаш, да го разбереш, да го прифатиш во својата прегратка.
Затоа што емоционалната блискост не се гради кога едниот зборува, а другиот осудува.
Се гради кога едниот се отвора, а другиот слуша со емпатија.
Таму започнува вистинското споделување.Таму започнува поврзаноста.
Нашиот човек е оној со кого можеме да разговараме за сè, со слободата и удобноста што ги создава љубовта.
Дури и нешто што се однесува на самиот човек што го сакаме — да можеме да го кажеме онака како што го чувствуваме и доживуваме, но секогаш со љубов и едноставност, а не од егоизам, обидувајќи се да го испровоцираме другиот за да се бориме против него.
Да ги провериме нашите мотиви пред да отвориме уста.
Дали сакам да го споделам ова за да исчезнат сенките и да дојде светлината?
Или можеби за да го повредам другиот, да направам да се чувствува лошо или да го манипулирам?
Да разговараме, значи.Но да разговараме со мотив на љубов, поврзаност и зачувување на нашето „заедно“.
Инаку, подобро е да молчиме.
Целта не е секогаш да се утврди кој е во право, туку љубовта да биде над секое наше „право“, над секоја грешка, секој егоизам и секоја потреба да докажеме дека ние правилно ги гледаме работите.
Затоа што една врска не е судница.
Не ѝ требаат победници и поразени. Ѝ требаат двајца луѓе кои, дури и кога се повредуваат, избираат да ја заштитат својата врска.
Да можеме да слушаме без да го подготвуваме нашиот одговор.
Да разбираме без нужно да се согласуваме.Да бараме прошка без да мислиме дека со тоа губиме.
И, пред сè, да запомниме дека пред нас немаме противник, туку човек што го сакаме.
Затоа што суштинската комуникација нема за цел едниот да му се наметне на другиот.
Нејзината цел е двајца луѓе повторно да се сретнат, дури и кога за момент се изгубиле во гневот.
Да не прашуваме само: „Кој е во право?“
Туку да се прашаме:„Што му е потребно на нашето ‘заедно’ за да не се изгуби?“
Архимандрит Павел Пападопулос/ Подготви С.Стефковски
12.08.2026