Вистинското смирение започнува со реално гледање на себе

Еднаш реков дека смирението е многу сложена тема, затоа што еден единствен збор опфаќа многу различни реалности.
Еден англиски писател рекол дека смирението, пред сè, е реализам. Кога си замислувам дека сум генијален, а потоа мирно си велам: „Не биди глупав, ти си сосема просечен човек“, тоа веќе е почеток на смирението, кое едноставно се раѓа од реалното гледање на нештата. А ова чувство за реалност може да се негува дури и преку смислата за хумор.
Си направил нешто и ти се чини дека е извонредно; а потоа малку ќе се погледнеш себеси и...
Мајка ми еднаш ми рече: „Си работел, си местел — готово, тркалото е направено; си се качил и си тргнал — колку прекрасно! А потоа си погледнал назад — останале само шпиците!...
“Често би можеле така да се погледнеме себеси, не со злонамерна насмевка, туку едноставно со насмевка: „Колку си смешен! Зошто толку се перчиш?“
Се сеќавам, од едно блиско искуство, дека во еден летен детски камп, еден од моите другари се налути и западна во страшен бес. Нашиот водач, наместо да почне да го укорува, зеде огледало и му го стави пред лицето. Кога момчето си го виде лицето, изразот на своето лице, целиот бес му помина, затоа што воопшто не сакаше да биде таков.
Можете ли да си замислите како изгледа едно пријатно лице кога одеднаш ќе биде изобличено од бес...
Кога би знаеле така да се гледаме себеси, многу често во нас би се родил оној вид смирение што едноставно извира од реалното гледање на нештата.
Но најдлабоката форма на смирението — смирението на светителите — произлегува од тоа што тие со духовните очи ја виделе Божјата убавина, Божјата светост, Божјата чудесност.Не затоа што се ставиле себеси покрај Бога и се споредувале со Него, туку затоа што биле толку восхитени и совладани од таа неискажлива убавина, што не им останувало ништо друго освен да паднат ничкум, со свет трепет, со љубов и восхит.
И тогаш повеќе ни не се сеќаваш на себе, едноставно затоа што убавината е толку голема, што повеќе не е интересно да мислиш на себе:
кој би се гледал себеси кога може да гледа нешто што ја надминува секоја убавина?.
.— Митрополит Антониј Сурошки,
„За смирението“, разговор, февруари 1983 г.
Подготви С. Стефковски
11.10.2026