sveki.stefan.jpg


Зад палењето на свеќата се крие длабока симболика. Светиот Симеон Солунски (+1429) ни кажува дека свеќата која ја палиме ги има овие значења:

 - Ја симболизира чистотата на нашата душа, зашто е направена од чист восок. - Исто така и мекоста на душата, врз која можеме да напишеме било што. - Уште и Божјата Благодат, зашто восокот доаѓа од мирисни цветови. - Обожувањето, кое треба да го достигнеме, зашто таа се пали со оган и го храни. - И светлината Христова, која ја гори и осветлува темнината. - На крај, љубовта и мирот, особини на секој Христијанин, зашто, додека гори, таа со својата светлина го просветува и утешува човекот кој е во темнина.

  • Палејќи свеќа треба да се сеќаваме дека треба да живееме во светлината која сме ја добиле со нашето крштевање. Затоа крштевањето уште се нарекува и просветување. Затоа, за време на крштевањето држиме запалена свеќа. Оваа светлина е огнот на Светиот Дух и таа се пали во нашата душа секогаш кога учествуваме во Светата Литургија и се причестуваме. На крајот на секоја Света Литургија пееме: «Видовме вистинска светлина, Го примивме Духот небесен, ја најдовме верата вистинска, на неразделната Троица ѝ се поклонуваме, зашто Таа нè спаси нас.»

Свеќите се еден вид наш принос на Бога од материјалните добра, кои Он ни ги дава (Твои од Твоите, Тебе Ти принесуваме) и ја означуваат мекоста на нашата душа, но и соединувачката сила на Светиот Дух, зашто се произведуваат, по правило, од чист восок, направен од пчела, која собира полен од најразлични цветови за да го произведе. Затоа нè потсетува и на работливоста на пчелите, но и на тоа дека го собира само доброто.

  • Исто така, восокот го симболизира и начинот на кој Огнот, односно Божеството, се соединува со душата и ја омекнува и просветлува и неа и оние кои се во нејзино опкружување.Свеќата, како што гори, ја просветлува околината. Така и совесниот Христијанин, кога се жртвува за Божјата љубов, ги просветува луѓето и им го покажува патот на спасението.

Секогаш кога верниот оди во Храмот, треба да запали свеќи за живите и за покојните. Палењето свеќа секогаш треба да биде проследено со молитва. За живите да бараме милост и заштита, а за покојните успокојување и спасение на душите.

  • Свеќата на крштението ја симболизира духовната светлина која ја прима новопросветениот и која треба да ја сведочи и покажува пред луѓето. Свеќите на погребот, гробот и поменот ја симболизираат светлината Христова, која се молиме да го просвети покојниот и да го упокои на место светло, блажено, каде нема тага, ниту воздишка, но живот бесконечен.

Полиелејот во Храмот ја симболизира небесната црква, каде свеќите и кандилата ги претставуваат светителите. Затоа, во манастирите, во одредено време на богослужбата, полиелеите се нишаат, за да се покаже како и небесниот свет учествува во славењето на Бога.

 DETE.Sveshten.Angel1.jpg

 ❈ ❈
Така треба да свети пред луѓето


Извор:Бигорски манастир