Majka.sodete.predikona.jpg

ДЕТЕТО ВО МАЈЧИНАТА УТРОБА

 

Во денешно време многу деца доаѓаат на свет несакани, а на многу од нив дури и не им е дозволено да дојдат на свет. Секое дете би требало со љубов да биде дочекано и примено во семејството. Љубовта која детето ја прима од своите родители на почетокот на својот живот е незаменлива-таа е сигурен темел на кој тоа може да го гради својот живот. Недостатокот од оваа љубов остава рани кои се неизлечиви, освен ако детето не прими особен благодатен дар на љубов кон Бога, бидејќи оној кој е лишен од родителската љубов во најраната доба од својот живот, нема да биде во состојба да поднесува душевни страдања, дури ни помалите удари со кои сите ние неминовно се среќаваме во животот со другите луѓе.
Знаеме од житијата на светите и од Светото Писмо дека децата, уште додека се во мајчината утроба, можат да го почувствуваат присуството Божјо. Се сеќавате  на Свети Јован Крстител кој заигра во мајчината утроба, кога го препозна присуството на воплотениот Господ. Во житието на Свети Сергеј Радоњешки пишува дека уште додека бил во утробата на својата мајка, оттаму се огласувал во најсветите моменти на Божествената литургија...
Впечатоците кои бебето ги восприма за време на бременоста на мајката во голема мера ја одредуваат неговота душевна, чувствена, па дури и духовна состојба. Треба сериозно да се прими советот на лекарот да поведеме сметка за здравата исхрана за време на бременоста. Телесната грижа, меѓутоа не е доволна.  За да се роди детето и како духовно битие, родителите, а особено мајката, треба постојано да се моли за време на бременоста, сметајќи го детето и за Божјо колку и за свое. Мајката треба да се исповеда и често да се причестува. Детето во утроба не треба да е изложено на јака бука и лоша атмосфера, каква што создаваат некои филмови  или караници. Самите мајчини мисли и чувства исто така обезбедуваат поволна средина за развој на детето. Затоа нејзното срце треба да биде преплавено со добредојде полно со љубов и молитви за нејзиното дете.
Жената која исчекува дете треба да се моли на Мајката Божја, за да биде благословен плодот на нејзината сопствена утроба. Мајката Божја е заштитничка и наставничка на сите воспитувачи, бидејќи Божествениот Младенец (Богодетето) го родила и израснала во овој свет, на оваа земја.
Бабиците кажуваат дека новороденото дете го препознава гласот на таткото затоа што го чуло во мајчината близина уште додека се наоѓало во нејзината утроба. Татковиот однос кон бебето, дури и пред да се роди, како и атмосферата во домот, е многу значаен за неговиот духовен развој.


 Од книгата: Васпитајте своје дете од Сестра  Магдалена

Подготви: М.Б.

Наслов на оригиналот:
Sister Magdalen
Reflections on children in the Ortodox Church today
(Stavropegic Monastery of St. John the Baptist
Tolleshunt Knights, Essex)

 Друго:

 

Друго: