Trojka.Liturgija.jpg

ЗАПОВЕД БОЖЈА – ПОГРИЖИ СЕ БАРЕМ МАЛКУ ЗА СВОЈАТА ДУША

1949 г.

 ...Сè треба да се работи според силите. Со телесната работа ни се исцрпува целото тело, а на душата ѝ остануваат неколку сонливи минути. Зар така треба? Треба да се сеќаваме на зборовите на Спасителот: „Барајте го најнапред Царството Божјо...“ Тоа е заповед како и „не убивај“, „не блудствувај“ и др. Нарушувањето на таа заповед повеќе и штети на душата, отколку случајниот пад. Тоа незабележливо ја лади душата, ја држи во безчувство, а често доведува и до духовна смрт: - „нека мртвите ги закопуваат своите мртовци“, т.е. оние духовно мртвите, без чувство за духовност, без жестина во извршувањето на заповедите, ни топлина ни студенило, од кои постои опасност Господ „да ги изблува од Својата уста“. Треба барем еднаш во рок од 24 часа да се излезе неколку минути на суд пред Господа, исто како да сме мртви и како на четириесетиот ден да стоиме пред Него и ја очекуваме пресудата. Замислувајќи како да сме пред Господа и го очекуваме судот, плачеме и се молиме Божјото милосрдие да нè помилува и да ни го прости неплатениот долг. Ги советувам сите така да прават до самата смрт. Најдобро е навечер, а може и во кое било време, да се сосредоточи душата со молитвата кон Господ за да ни прости и да нè помилува; а уште подобро е тоа да се прави неколку пати на ден. Тоа е заповед Божја и на светите отци – да се погрижиме барем малку за својата душа. Сè одминува, смртта ни е зад грб, а ние воопшто не мислиме како ќе излеземе пред судот Божји и што ќе ни изрече Праведниот Судија, Кој го знае секој наш чекор, и оној најскриениот – душевниот и телесниот, до смртта. Што ќе одговориме? Светите отци затоа плачеле и го молеле Господ за опростување, за да не плачат на Големиот Суд и во вечноста. Ако нив им било потребен плач, зошто, ние несреќниците, се сметаме за добри и мислиме безгрижно само за земното...
 Простете и помолете се за себе и за мене. Поздрав на сите и благослов Божји.

ШТО ЗНАЧИ – „ДА СЕ ИМА РАСПОЛОЖЕНИЕТО НА ЦАРИНИКОТ“

1954 г.

Драга м. В, колку што човекот навистина, а не привидно е поблиску до Бога, толку повеќе се чуствува недостоен и грешен, погрешен од сите луѓе. Така се чуствувале светите отци. Примери има многу, сетете се сами.
Цариникот од друга причина се чуствувал себе за грешен. Но, станувајќи свесен за својата грешност, не се оправдувал, туку се молел за прошка од Господа и – ја добил. Сите луѓе имаат неисплатлив долг пред Бога. Никакви подвизи не можат да го исплатат неговиот долг, а како што Господ вели па дури и да се исполни сè што ви е наредено (т.е. сите заповеди), или да се сметате себе за непотребен слуга. Значи сите ние, кои секогаш ги нарушуваме Божјите заповеди, обврзани сме да го имаме цариниковото душевно настроение. Во себе не треба да се бараат никакви заслуги, дури и при вршењето на подвизите. Ние сме секогаш бескорисни слуги. Само милоста Божја им простува на оние кои се каат и ги води во Царството Божјо.
Ете зошто светите отци и Господ ни забрануваат да тежнееме кон возвишена состојба на духот. Целиот наш внатрешен подвиг треба да се сосредоточи на покајание и на сè што води кон покајание, а Божјото ќе си дојде само од себе кога местото во нас ќе биде – чисто и ако сака Господ. Ако подвижникот нема искрено чувство на грев и нема смирено срце, тој сигурно паднал во прелест. Особено тој што се наоѓа во молитвен подвиг, должен е да ја има молитвата на цариникот и неговата понизност, инаку ќе го излажат бесовите (злите духови), и ќе западне во високомислење, суета и прелест. Господ нека нè избави од тоа.
Ова е одговорот на Вашата желба да знаете, што значи да се има расположението на цариникот. Господ во приказната за фарисејот и цариникот ни покажал како треба да се молиме и со какво душевно настроение, а како не треба (преку фарисејскиот пример). По доаѓањето на Спасителот и Неговото страдање, молитвата на цариникот светите отци ја замениле со Исусовата молитва. Смислата им е разбирлива.
 

(Продолжува)

 


5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg 

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга

 


Друго: