Доксологија

 


Доксологија, или на словенски Славословие е кованица од зборовите δόξα, што значи слава и λόγος, што значи слово. Тоа е една од најстарите видови христијански песни, која според формата, своето потекло го води уште од еврејската богослужебна традиција, но со целосно христијанска содржина. Најпознато славословие е Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш и во вечни векови. Амин. Со време, ова славословие се проширувало и ја добило формата на Велико Славословие, кое го пееме во недела и на големи празници при крајот на утрената, односно пред самиот почеток на Светата Литургија.
Што се однесува пак, до службата Доксологија, таа е посебен вид богослужба, која се пее по Божествената Литургија, на денови значајни за народот, како благодарност кон Бога. Најчесто се служи на народните празници, при помазување на цар, враќање на војската од победа и слично. Своето име го носи, бидејќи токму ова Велико Славословие го зазема централното место на богослужбата. Во Македонија, поради различните историски збиднувања, оваа традиција беше до скоро изгубена, иако во музичките книги од нашето поднебје имавме натписи на компонирани славословија, кои покажуваат дека се наменети да се пеат токму на оваа служба. Благодарение на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, оваа пракса беше за прв пат востановена и во нашата свештена обител, најпрвин за празникот Илинден. Чинот се извршуваше според книгата Светогорски Типик, со промени во однос на некои тропари кои се пејат (пр. беше исфрлен тропарот на Светогорските Отци, а додаден тој на свети Климент), додека како изворник за преводот на молитвите беше користен Диптих со укази за Типикот на Атинската Архиепископија.Од оваа година, со благослов на Блаженејшиот Архиепископ г.г. Стефан, оваа служба се служи во сите соборни храмови низ нашата татковина на ден Илинден, Денот на Независноста и Денот на Востанието, а со благослов на локалниот епископ, може да се служи и на празниците на градовите.Инаку службата Доксологија своето потекло го води уште од најголемото христијанско царство – Ромејското (Византија). Како што беше нагласено на почетокот, возвишениот чин на Доксологија се практикувал при помазание на цар, при прославување на големи народнополезни настани, при победи во војни и сл. Државната идеологија во Византиското царство била неразделно поврзана со православната христијнска доктрина. На државата се гледало како на еден голем кораб, кој плови по патот на спасението. Нејзина највисока цел била приведување на народот кон Богочовекот Христос. Василевсот (царот), како врховен претставник на световната управа, бил Божји помазаник, кој имал голема одговорност пред Бога за тоа дали успешно го води царството, во согласност со домостројот на спасението. Негов сотрудник во тоа спасително дело бил патријархот, кој стоел на чело на црковната хиерархија. Затоа и се вели дека црковната и световната власт дејствувале по принципот на симфонија (согласност) – две глави во едно тело. Всушност, како поинаку би можело и да биде, кога секојдневниот живот на Византијците бил тесно поврзан со Православната Црква и проткаен со евнагелски дух? Во една таква христоцентрична средина, богослуженијта од видот на Доксологија имале, навистина, големо значење: молитвите упатени кон Бога за оние што се на власт, за христољубивото воинство, за паднатите за верата и татковината, носеле мир и благосостојба на целото царство. Како што е општопознато, многу нешта од византискот управен модел и од нејзината духовна и материјална култура биле презмени од нејзините земји – наследнички во духовен поглед, меѓу кои спаѓа и нашата татковина. Торжествениот богослужбен чин Доксологија е еден прекрасен пример за тоа.

 

 http://bigorski.mk/index.php?content_type=pouchni_slova&action=details&record_id=77