Reka.Jordan.jpg

   ПОГИНУВА САМО ОНОЈ ШТО ГРЕШИ, А НЕ СЕ КАЕ И САМИОТ СЕБЕ СЕ ОПРАВДУВА


Почитувана М.!
Господ сака да се спаси секој човек. Но, секој човек не сака да се спаси со дела. Со зборови секој сака да се спаси, а со делата го отфрла спасението. Со што го отфрла? Не со гревовите, зашто постоеле големи грешници, како оној разбојникот, Марија Египетска и други кои се покајале поради своите гревови и Господ им простил: на тој начин и добиле спасение. Погинува, пак, оној кој греши и не се кае, и самиот себе се оправдува во гревовите. Тоа е она најстрашното, најопасното. Господ вели: „Јас дојдов да ги повикам не праведниците, туку грешниците на покајание“. Што значи тоа? Светото Писмо вели: „нема преведни, нема ниту еден, сите заедно се покажуваат како непотребни...“ Сите се грешни, но колку што човекот е повеќе свет – толку повеќе гревови гледа кај себе. Господ дојде да ги повика на покајание и преку покајанието да ги спаси грешниците, т.е. оние кои станале свесни за своите гревови, кои се каат пред Господа, и Го молат за проштевање. А оние кои не ги гледаат своите гревови или самите себе се оправдуваат, таквите Господ ги отфрла од Себе. Така Господ ги офрлил и уште на земјата ги осудил фарисеите, кои себеси се сметале за праведни, па дури и за пример пред другите. Страшна е таквата состојба. Господе, избави го тоа од секој човек!
 Преподобен Сисој Велики ги молел ангелите, кои дошле по неговата душа, да се помолат Господ да го поживее – за да се покае. Преподобен Пимен Велики говорел: „Верувајте браќа, таму каде што е сатаната, и јас ќе бидам фрлен“. А тој (Пимен Велики) воскреснувал мртви! Така и сите угодници Божји до самата смрт ги оплакувале своите гревови како свој неисплатлив долг пред Бога.
 А ние од самољубие ги сокриваме своите гревови, се оправдуваме, иако со едната нога стоиме во гробот... Погледни го сиот свој живот, покај се за сè за што си свесен. Моли се со солзи, како што моли светата Црква, со големи поклони (метании): „Дарувај ми да ги видам своите прегрешенија“. Ако човекот не ги види своите гревови, не значи дека ги нема. Тоа значи дека човекот е потонат не само во своите гревови туку и во духовно слепило. Ако, пак, духовникот или воопшто било кој човек отстрана нè обвинува за грев, не треба да се оправдуваме туку да Го молиме Господа да ни ги открие нашите гревови и да ни даде можност да се покаеме пред смртта и овде на земјата да добиеме проштевање.

 

 

(Продолжува)

 


5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg 

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга

 


Друго: