Reka.Jordan.jpg

СИТЕ СТРАСТИ, ДЕМОНСКИ СПЛЕТКИ, ЖАЛОСТИ И СТРАДАЊА СЕ ПОБЕДУВААТ СО СМИРЕНИЕ

1958 г.

Почитувана моја...!
Ти паѓаш со духот и се губиш поради мало искушение. Господ тоа го допушта на тебе за да ја познаеш својата немоќ и да сфатиш дека сè и сешто се крие во човечката душа, да видиш колку труд треба да вложиш за да се очистиш од страсти и да постанеш храм Божји и да добиеш спасение. Кога ќе ти се открие човечката немоќ, тогаш ќе припаднеш кон Господа и од длабочината на срцето ќе викаш кон Него како апостолот Петар, кога почна да се дави во морето. Тогаш ќе почнеш да добиваш помош од Господа и ќе разбереш дека Господ е навистина близу до оние кои го повикуваат името Негово од сè срце и од благодарност ќе паднеш пред Неговите нозе, оплакувајќи ги сите свои гревови со кои си Го навредила Него. И така ќе се смириш со срцето, ќе престанеш да ги осудуваш другите и ќе почнеш да се трудиш околу тоа, Господ да ти ги прости поранешните гревови и со тоа да не дозволиш во иднина да Го навредуваш нарушувајќи ги заповедите. Ќе разбереш колку е празно сè што е земно, и твојата приврзаност кон земното, караниците и тагата се толку празни, и поради тоа не треба да тагуваш, не треба да се расправаш и да го губиш душевниот мир, а можеби и спасението.
Сè е нечисто, сите страсти, сите бесовски (демонски) сплетки, сите жалости и страдања, а тоа се победува со смирение.
Смирение ќе покажеме тогаш кога од сè срце, како благоразумниот разбојник, ќе речеме кон Господа: „Достојно ќе примиме по делата свои, спомни си за мене Господи, во Царството Твое!“ Ако имаме такви зборови, во сите животни прилики нема да негодуваме ни кон Господа ни кон луѓето и веднаш ќе ни стане полесно и ќе застанеме на правиот духовен пат. Ако, пак, му негодуваме некому, тогаш потребно е уште повеќе да се смириме и да кажеме: „Господе, јас навистина не вредам за ништо, само Ти можеш да ме спасиш! Ако сакаш, можеш да ме очистиш“, рекол лепрозниот кој ја изгубил сета надеж за исцеление и тогаш од Господа чул: „Сакам, очисти се!“ И – Господ го исцелил. Така и ние, во длабочината на душата чувствувајќи ја својата немоќ и духовна бедност да Му се обратиме на Господа, единиот наш Спасител и да речеме со смирено срце: „Господе, ако сакаш, можеш да ме исцелиш и спасиш!“ И – ќе добиеме одговор од Распнатиот наш Господ: „Сакам, очисти се!“ Тој одговор ќе ја смири нашата душа и ќе добие сила со благодарност да ги поднесуваме сите непријатности на земниот живот, како што разбојникот без негодување висел на крстот до вечерта, во ужасни маки.
Господ нека ти помогне, почитувана М. да го разбереш тоа, да се смириш и да се предадеш во рацете Божји и секогаш да повторуваш: „Господи, нека биде Твојата света волја! Господе прави со мене она што Тебе Ти е угодно, не дозволувај да Ти негодувам, и спаси ме!...“
Ти до сега само си читала и слушала за душевната борба, за плачот, за страдањата на срцата. Господ ти допушта тоа да го почуствуваш и да решиш дали ќе трпиш без негодување да Му благодариш на Бога, или пак ќе Му се предадеш на негодување а потоа и на погрди работи – на очајание.
Одлучи сама. Дај крв и прими Дух! Детското време ти помина, време е да ги прифатиш обврските на постарите. „Срцето смирено и покајничко, Бог нема да го презре“, „ѓаволските мрежи не го допираат смиреноумниот“ (му било кажано на преподобен Антониј Велики во една прилика, кога во видение ја видел ѓаволската мрежа, со кој е премрежен сиот свет). Ако, пак, се оддадеш на негодување и почнеш да ги обвинуваш луѓето и околностите, тогаш ќе преминеш кон негодување на Бога и можеш да паднеш во очајание, од кое Господ нека те избави. 
Господ нека ти дарува душевен мир, смирение и духовен разум. Нека ти подаде трпение и сила да ги носиш на грб сопствените страсти и страстите на другите со кои доаѓаш во допир...

 


ДЕМОНИТЕ ВЛАДЕАТ СО ГОРДЕЛИВИТЕ – ТРЕБА ДА ЗДОБИЕМЕ КРОТКОСТ ЗА ДА НЕ ЗАВЛАДЕАТ СО НАС


Почитувана...!
Мисли почесто на смртта и кој ќе те сретне таму. Можат да те сретнат светли ангели, но можат да те пресретнат и мрачните, зли демони. Од само еден поглед кон нив може да се поремети умот... 
Нашето спасение се состои во тоа да се спасиме, т.е. да не паднеме во рацете на демоните, туку да се избавиме од нив и да влеземе во Божјото Царство, во бесконечна, непоимлива радост и блаженство на својот Господ. Демоните се горди и владеат со горделивите – значи, треба да стекнеме кроткост, за да не завладеат со нас, земајќи ни ја душата. Демоните се злопамтиви и немилосрдни – значи, ние треба брзо да проштеваме и да се измириме со оние кои нè навредиле и да бидеме спрема сите милостиви. И така да се постапува во сè!
Треба да се отфрлат особините на бесовите (злите духови) од нивните души, а да се допуштат оние ангелските, на кои ни се укажува во Светото Евангелие.
Ако, по смртта, во нашата душа има повеќе особини на бесовите, тие ќе завладеат со нас. Ако ние овде постанеме свесни за своите бесовски особини и ако се молиме за проштевање за нив од Господа, а и самите им проштеваме на сите, тогаш и Господ ќе ни прости нам и ќе ги уништи сите нечисти особини и нема да нè даде во рацете на злите судови. Ако ние овде не судиме никому, тогаш и Господ таму нема да нè осуди. Така е со останатото.
Затоа да живееме во мир, проштевајќи си еден на друг, помирувајќи се еден со друг, да се каеме пред Господа и да Го молиме за милост и спасение од бесовите и вечните маки, додека е сè уште време.
Да не си поигруваме со својата вечна судбина.
Господ нека те вразуми! Амин.

 

 

(Продолжува)

 


5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg 

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга

 


Друго: