Rozdestvo.Hristovo.lj.jpg

ХРИСТОВОТО РОЖДЕСТВО

Празнувањето на Христовото Рождество (25 декември / 7 јануари), е обликувано, како што е споменато, според начинот на празнувањето на Велигден. И на него, исто така, му претстои 40-дневен пост со посебни подготвителни денови. Така, во деновите на св. апостол Андреј (30 ноемв. / 13дек.) и св. Никола (6/19 дек.) се пеат стихови кои го објавуваат приближувањето на Господовото раѓање.

Пештерата убаво се украси, зашто Дева доаѓа носејќи го во утробата Христа... Пастири, со свирење посведочете го страшното чудо, и мудреци од Персија донесете злато, темјан и смирна... (Песна на Вечерната на свети Никола).

Спроти Рождеството се служат Царски Часови и Литургијата на св. Василиј Велики, соединета со Вечерната. На овие служби се читаат старозаветните пророштва на Михеј, кој предскажал, дека Витлеем ќе биде местото на раѓањето на Спасителот, и пророштвото на Исаија кој го предскажал доаѓањето на Месија и Неговиот лик.

Затоа, самиот Бог ќе ви даде знак; ете девојка ќе зачне и ќе роди син, и ќе му стават име Емануил (што значи: со нас е Бог) (Ис. 7,14).
Зашто ни се роди дете, чија власт му е на рамото, и името ќе му биде: прекрасен, советник, Бог силен, отец вечен, кнез на мирот. Бескрај ќе расте власта и мирот (Ис. 9, 6-7).

Целоноќното бдение на празникот започнува од Великото Повечерие со пеење на Со нас е Бог и со стихови од пророштвото на Исаија. На Повечерието исто така се пее тропарот и кондакот на празникот и по долги празнични ектении свечено се благословуваат: пет леба, пченица и вино, кои потоа се раздаваат на тие што се молат, и елеј, со кого свештеникот ги помазува. Овој дел од службата, како што споменавме, се вика Литија.
Божиќната утрена, која заедно со повечерието го сочинува Божиќното бдение, почнува, како и обично со зборовите: Слава во висините на Бога, и на земјата, мир, меѓу луѓето добра волја (Лк. 2,14). Но на рождественските служби овие зборови од ангелската химна се пеат, а не се читаат како обично.
Евангелското читање на Матеја, раскажува за Христовото Рождество и сите песнопеења и стихири го прославуваат Него.

Христос се раѓа, славите: Христос (доаѓа) од небото, пресретнете го; Христос е на земјава, вознесувајте го; нека му пее на Господа сета земја, и со веселие запејте му народи зашто се прослави (I песна на канонот).

Божиќната Литургија исто така започнува со псалми на прославување и пофалби. Наместо Трисветото се пее крстителната химна од Посланието до Галатјаните. Апостолското читање исто така се зема од истото послание:

А кога се исполни времето, Бог го испрати својот Син кој што се роди од жена, кој беше под законот, за да ги искупи тие што се под законот, за да примиме посинување. А бидејќи сте синови, Бог го испрати Духот иа синот во вашите срца, кој што вика: Ава, Оче! Така, повеќе не си роб, туку син, а ако си син, наследник си Божји преку Христа (Гал. 4, 4-7).

Следните два дена по Рождеството се посветени на Божјата Мајка и на св. првомаченикот Стефан. А самиот Божиќен период продолжува до Богојавление, и сето тоа време се пеат празнични песни, и нема пост и коленичење.
До IV век Божик се празнувал заедно со Богојавувањето како една голема свеченост на Божјото појавување на земјата во Човечки лик, како Месија на Израелот. Потоа бил издвоен во посебен празник, за да му се придаде нова смисла на празнувањето на непобедливото Сонце, што се славело на тој ден. Тоа бил свесен чекор на Црквата насочен кон победа над идолопоклонството. Ние го гледаме тоа и во тропарот на празникот, кој го отфрла поклонувањето на сонцето и ѕвездите и повикува кон поклонување на Христа, вистинското Сонце на Правдата (Мал. 4, 2).

Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот со светлина на знаењето; во неа пак, оние што им служеа на ѕвездите од ѕвездата се учеа Тебе да ти се поклонуваат, Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, Исток на висините, Господи, слава Ти (тропар).

Празникот Божик е наречен Раѓање во тело на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос. На Божик го славиме раѓањето на Синот Божји како човек, Оној кој што заедно со Отецот и Светиот Дух е вистинит Бог во вечноста. Затоа во Црквата пееме:

Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш и земјата на Недостапниот пештера му принесува. Ангелите со пастирите Го прославуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашпш заради нас се роди Дете младо, Превечниот Бог.

Значи, Божик е празнување на спасението на светот преку Синот Божји, кој што, поради нас постана човек, и преку кого и ние самите можеме да постанеме Божји синови на Бога Отецот со присуството на Светиот Дух во нас.
Полното пак име на празникот звучи вака: Рождество во тело на Господа, Бога и Спасителот наш Исус Христос.

(Продолжува)

Томас Хопко

ПРАВОСЛАВНА ВЕРА II

Издавач: КАНЕО

при Дебарско- кичевска епархија - Охрид , 1997 г.

Главен и одговорен уредник:

Митрополит Дебарско- кичевски Тимотеј

 

Друго: