НАПРЕДУВАЊЕТО ВО ДУХОВНИОТ ЖИВОТ НЕ СЕ МЕРИ СО ДУХОВНАТА УТЕХА, ТУКУ СО ДЛАБОЧИНАТА НА СМИРЕНИЕТО


Многу уважувана!...
 Околу вашите доживувања по повод светлата Утрена служба ќе речам: „На оној кој Го љуби Господа, сè му оди во прилог“. Светите отци велат дека Царството Божјо не доаѓа како нужна последица поради придржување на духовниот „ред“. Ако очекуваме духовна радост, може (најчесто се случува) да не ја добиеме. Правилното настроение на душата се состои во тоа да се сметаме себеси за недостојни за секаква духовна утеха. Уште повеќе, преподобниот Јован Лествичник ни вели: „Со раката на смирението отфрлај ја радоста која доаѓа, како недостоен за неа, за да не би се соблазнил од неа и да не би го зел волкот за свој пастир“. Таа мисла, на различни начини, ја искажуваат сите свети отци. А сите луѓе лесно се „лизгаат“ во секакви гревови, а особено во оние коишто се колку штетни, толку и тешки. Никој не може со сопствени сили да ги запре и да ги надвладее – освен свеста за својата немоќ, бедност, грешност за ненадминување на својот долг пред Бога, и оттаму, незапирливиот плач („срце понизно“ кое постанува „смирено“), кое го имале сите Божји угодници, ете тоа е правилно духовното настроение, кое го заштитува човекот од паѓање и го води кон духовни дарови и кое ги штити тие дарови, доколку се удостои за тоа.
 Подвижникот кој не плаче усрдно, се наоѓа во духовна „прелест“, поточно во лажно настроение, и, ако не се поправи, може да падне во бесовска (демонска) прелест и да загине. Во наше време сè се случува во незабележителен облик (не говорам за очигледното зло), но може да се случи, и повеќето од оние што се подвизуваат, привремено или секогаш, да се наоѓаат во прелест. Ова е многу чувствителен предмет за дискусија...
 Успешноста во духовниот живот се мери – не со духовна утеха, која може да биде од лукавиот, туку – со длабочина на смирението.


ПРЕКОРУВАЈ  СЕ СЕБЕСИ ЗА СЕКОЈ СТОРЕН ГРЕВ И НИКОГАШ НЕ СЕ САМООПРАВДУВАЈ


Почитувана...! Мир на Вас.
Брзам да Ви напишам неколку зборови додека е сè уште ден, зашто – осветлување не даваат, а и ламбата е без стакло. Ја прочитав Вашата исповед за суетата и не забележав ништо што би ме „оддалечило“ од Вас. Ништо посебно не сте напишале. Ниту Вие, ниту сите останати луѓе, немате со што би се пофалиле. Сите ние сме се оддалечиле со своите животи од Бога. Што имаме скапоцено, па со подигната глава да излеземе пред судот Божји?...
 ...На секој човек му е својствена суетата во толкава мера, што тој буквално проникнува целиот од надворешноста до најскриената длабочина. А во исто време тоа е најотровна карактеристика со која во духовниот живот нема никаков напредок. Суетата треба да се намали, а потоа и потполно да се уништи и во секој случај треба да се испитуваме себеси и секоја појава на суета да ја одбиеме со понизно срце (воздивнувајќи пред Господа од сè срце: „Господи, еве змијата повторно ја подигнала својата глава!“); и со гнев да ја одбиеме и да повикаме кон Господа: „Господе, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот! Не сакам, не припаѓам, ослободи ме од неа, дарувај ми да ги видам своите прегрешенија!“ Прочитајте за суетата кај Јован Лествичник глава 5, 6, 7, 11, 14, 17, 23-26, 31, 34, 38, 39, 41, и 43 и 45; прочитајте за гордоста во 1, 2, 5, 11, 16, 17, 20, 24 и 28 глава.
Прекорувајте се за секое нарушување и на најмалата заповед Божја, не допуштајќи никакво самооправдување. Памтете ја заповедта на Спасителот: „Кога извршувате сè што ви е заповедано, речете – ние сме бескорисни слуги“. А ние не само што не ги исполнуваме сите заповеди, туку ниедна не ја исполнуваме како што треба, а за горделивост и фалба секогаш сме подготвени. Господ нека Ви помогне да се избавите од таа змија! Но, без труд, претпазливост и барање помош од Господа не можете да го победите ниту најизопачениот и најлукавиот непријател. Таквата појава на суета, за која Вие пишувате, многу е очигледна и груба. Постојат и поопасни нејзини видови, и ако немаме Божја помош, би паднале во очајание. Потпирајте се на Евангелието и на примерот на самиот Господ Исус Христос во борбата против суетата... Не воздигнувајте се во себе, туку во Господа, не само за големи нешта, туку и за ситници. Ние без Господа не можеме ништо да сториме добро и за нас корисно – а она што ни се чини дека е добро, според прпоука на Христовите подвижници, подоцна ќе се покаже како штетно (поточно сè што е направено без молитва и без барање на помош од Господа).
 Свети се оние молитви кои излегуваат од длабоко, побожно, понизно и смирено срце, а фарисејски (горди и суетни) молитви не само што не се свети, туку претставуваат подлост пред Бога.
 Простете ми. Спасувајте се.

 


(Продолжува)

 


--------------------------------------------------------------------------------

  5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга

 


 

Друго: