ЗА ХРИСТИЈАНСКОТО ТРПЕНИЕ НА БОЛЕСТА И СМРТТА


Почитувана...!
 Го добив Вашето писмо за болеста на Л. Таа не ми излегува од памет. Иако сите, и големи и мали, неизбежно мораат да го напуштат овој свет, сепак кога му се случува на некој наш близок и мил, тогаш неволно човекот протестира во својата душа против тоа. Во длабочината на секој човек лежи свест за својата бесмртност. Тој навистина е бесмртен, а тоа што го нарекуваме како смрт е всушност ново раѓање – раѓање за друг свет, преминување од еден во друг, и за многумина, несомнено – подобра, бесконечно подобра состојба. Ете зошто не би требало да жалиме кога смртта се приближува, и попрво би требало да се радуваме, но ние или малку веруваме во идниот живот или се плашиме од него, но и овдешниот живот силно нè држи (во своите канџи). Од духовна гледна точка треба да се радуваме за Л. – Господ ѝ дава да се подготви за идниот живот, но присутен е страв да негодува и да стане малодушна. О, кога таа би се смирила, кога би се обратила со сето срце кон Бога, кога би се покајала искрено за своите грешки и би се причестила со вера и благослов со светите Христови Тајни! Тогаш смртта би била радост за неа, ново раѓање, преминување кон оние кои ја сакаат со својата душа, кои чекаат да ја исполнат со совршена радост на која и нема крај и за која „окото сè уште не видело, увото не чуло и која во срцето човеково не се вселила“.
 Пренесете ѝ го на Л. нашето сочувство и големата желба да успее да ја надвладее својата несреќа и полесно и радосно да премине во идниот живот, во вистинската наша Татковина, подготвена за нас од постанокот на светот, каде човекот ќе стане сличен на Ангелот, каде „неговото лице ќе се просветли, како сонце“.
 Пренесете ѝ, исто така, не познавајќи ме, многу години се однесуваше кон мене со љубов – тоа нема никогаш да го заборавам, било да живее долго или пак ако наскоро умре. По смртта ќе ми биде мила. О, кога би имал смелост да кажам дека мојата душа ќе биде засекогаш покрај нејзината и овде и во идниот живот.
 ...Погледнете ја Л. во очи со љубовта која ја имате кон неа, погалете ја по косата, по лицето и илјадапати бакнете ѝ ги рацете – нека тоа биде од мене. Со нас е Бог!
 Ако човек може да го сака и жали човекот, колку поголема е љубовта Божја, кога Својот Син и наш Господ го извела на Крстот поради нашето спасение! Затоа Л. да не се плаши, нека се надева во безграничната Божја љубов!
 Нека Л. го оправда своето име и да почуствува барем малку љубов кон Бога, Кој и за неа претрпел страдања, исмејување и смрт на Крстот. Тогаш, небесната Љубов ќе направи да биде Нејзината земна љубов своја родена ќерка и причесник на славата и блаженствата на Божјиот Живот. Својата љубов кон Бога треба да ја докажуваме со трпение во жалостите од овој свет, со трпение во болестите без негодување за да постанеме причесници (соделници) на страдањата Христови. „Ако со Него страдаме, со Него и ќе се прославиме“.
 Повторно повторувам: Л. мојата душа е со Вас и од сè срце добра Ви го посакувам тоа што е погоре напишано. Трпете, не приговарајте! Ако Ви недостасува вера говорете: „Господе, сакам да верувам, сакам да бидам вистинска Христијанка, Господе, помогни ми на моето неверие!“ и Господ нема да Ве остави!

 

 

(Продолжува)

 


5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg 

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга


Друго: