ПЕДЕСЕТНИЦА, слегување на Светиот Дух 

 

ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

Тропар на праведниот
Божји свештеник
М е л х и с е д е к
22 мај / 4 јуни

О Велики Господи, о Сило незнаена,
Ти даде лик на свештенството преку праведниот Мелхиседек,
а покажа совршенство во Себе Самиот преку Синот Твој Единороден
затоа еј ти Мелхиседек Божји свештенику,
праобразу на јереите,
моли се да не попушти ревноста на свештениците,
моли се оче правилно да управуваат епископите,
Словото да биде со живот исповедано,
лебот и виното во Живот  преобразено,
за попатнина кон Небесната скинија.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов маченик Василиск
22 мај / 4 јуни

Вселената те запозна како кроток Христов ученик,
тебе Василиске мачениче, миленик на Ангелите,
преку тебе благодатта стана оган
кој ги гори неверниците.
Моли се за нас ти кој Христа за
придружник го имаше, до небесните порти
на вечното спасение.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов маченик
Јован Владимир
22 мај / 4 јуни

Радувај се Владимире свети на кого Надеж му е Отецот, прибежиште Синот, а покров Духот Свети – Бог Троичен.
Он вера ти засили, а ти сам сведочејќи за тоа
во Негови раце глава предаде помазана од благодатта Негова
и осветена од Крстот чија светлина не одминува.
За нас моли се праведен мачениче
таква вера нетрулежна пред Спасителот да имаме.


 
*жена му беше благочестивата Косара
со која девственички живееа, а после смртта маченичка
таа постана монахиња до крајот на нејзиниот живот.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на блажената
девственица Косара
22 мај / 4 јуни

Милосрдието и гостољубието твое Косаро света,
пред Господа излегоа, а блаженството како венец се подари
кога нозете затворенички, напатени, како Христови ги изми.
Домостроителот, девственоста ти ја сочува
приведувајќи те пред Пресветата, и злата нарав човечка
во прослава на твојот сопруг ја приведе.
Моли се за нас мајко блажена, Христос
да нѐ има во своите раце.


 

*сопруга на свети Јован Владимир и ќерка на Цар Самоил
за канонизација

Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
преподобномаченик Христов
Павле Пелопонески
22 мај / 4 јуни

Зборовите од устата излезени ги покри срцето твое
за Христа разгорено, о Павле преподобномачениче,
а истите ги согоре ревноста да пострадаш
за Оној Кој прв те возљуби.
Сега радувај се оче свети кој Него маченички Го исповеда
и за нас моли се преку сите дни на нашиот земен живот.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Православен календар за 04/06/2022

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022 лето Господово

Од Верскиот календар:

Светиот праведен Мелхиседек, цар Салимски    

Современик на праотецот Авраам. Според зборовите на Светиот апостол Павле, како цар и свештеник Мелхиседек е праобраз на Господ Исус Христос (Евр. 7).

 markov.sv.Zlata1.jpg
Светиот маченик Василиск    

Роднина на Свети Теодор Тирон. Беше мачен заедно со Евтропиј и Клеоник. Кога последниве двајца беа распнати и на трети март издивнаа, Василиск повторно го вратија во затворот. Тогаш се случи смена на царските намесници, па Василиск остана долго во затворот. Со солзи Го молеше Бога да не го лиши од маченичката смрт. И после долга молитва Самиот Господ Исус Христос му се јави, му вети дека ќе му ја исполни желбата и го прати во неговото село да се поздрави со мајка му и со браќата. Тогаш дојде новиот намесник Агрипа и заповеда веднаш да му го доведат Василиск од селото. На патот од селото кон градот Амасија преку Својот маченик Господ изврши големи чуда, заради кои многуброен народ поверува во Христа. Агрипа му нареди на маченикот да му принесе жртва на Аполон. „Аполон значи губител!“, рече Василиск и со усрдна молитва го урна идолот во прав и со небесен оган го изгоре храмот. Уплашениот Агрипа сето тоа им го припишуваше на магиите, та нареди и Василиск го убија со меч. Тогаш Агрипа полуде и во лудилото отиде на губилиштето, најде малку од крвта на маченикот во прашината, си ја подвзра себеси под појасот, од што веднаш стана здрав. Си дојде на себе и се крсти. Подоцна некој Марин, граѓанин Комански (Комани се викаше местото каде што го погубија Василиск) подигна црква за моштите на маченикот и таму мнозина болни наоѓаа исцеление.