ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

Тропар на светиот Христов
свештеномаченик епископ Сардиски
Терапонт
27 мај / 9 јуни
Раззеленувањето на дрвјата ја покажува силата на пролетта,
но ти Терапонте со благодатта Христова,
 надминувајќи ја природата створена,
со вера во Оној Кој човекот не го напушта,
ја исповеда верата во Пресвета Троица,
и покажа Бог преку тебе дека во живот вечен,
 од мртвило изведува.
Затоа моли се о ти чија крв дава живот на мртва природа,
да се засили верата во човека,
и преку неа да се спаси од лагата погубна.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот
Терапонт Белоезерски
27 мај / 9 јуни

 глас 4
Со чист живот просветувајќи се,
во молитвите и постовите си се јавил
како прекрасен цвет на пустината,
и следејќи го својот учител,
својот ум кон Небесниот си го насочувал.
На стадото твое наставник си бил,
затоа те молиме оче Терапонте
 моли Го Христа Бога да се спасат нашите души.



 
Извор МПЦ-ОА

Тропар на светиот праведен
Јован Руски чудотворец
27 мај / 9 јуни

глас 4
 Од земјата на твоето ропство
 повикувајќи те во Небесната населба,
 Господ го сочува неповредено
 исцелителното твое тело, праведен Јоване;
зашто од Русија земен и во Азија продаден,
среде агарјанското злочестие,
 благочесно поживеа во многу трпение
 и откако посеа овде со солзи,
 таму жнееш со неискажлива радост.
Затоа моли Го Христа Бога
да се спасат нашите души.



 
Извор  МПЦ - ОА 

 

Тропар на светите
маченици Христови
Теодора и Дидим
27 мај / 9 јуни

Верата ваша во Господа,
го подигна умот кон небесата,
ја излекува душата од желбата за овој свет,
свети маченици Теодоро и Дидиме,
срцето ваше исполнувајќи се со Христа,
губилиштето го сметаше за награда,
молете се за нас, вие верни чеда Господови.



 Извор МПЦ - ОА 

Манастир св.Јован Претеча Слепче

 

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (09.06.2023)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од Верскиот календар:

bogorodica.k.dol.jpg

Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Сардиски

Мнозина Елини ги обрати во верата Христова, заради што од незнабожците беше луто мачен со глад, затвор и ќотек. Гол го положија на земја, го врзаа за четири суви колца, па немилосрдно го биеја додека не му го свлекоа месото од коските. Но маченикот сепак остана жив, а оние суви колци зазеленеа и пораснаа во високи дрвја, од коишто големо мнозинство болни добиваа исцеление. Најпосле Свети Терапонт беше заклан како јагне, во времето на Валеријан и со душата се пресели во Царството Небесно за да ја гледа славата Божја во вечноста. Чесно пострада 259 година.

Светите маченици Теодора и Дидим

Во времето на злочестивиот цар Максимилијан живееше во Александрија девицата Теодора, благородна по род и воспитание. Како христијанка ја изведоа на суд пред незнабожците. По долги истизавања за верата во Христа, кнезот мачител нареди да ја фрлат во блудилиште и да им биде дозволено на војниците да влегуваат кај неа заради задоволување на телесната похот. Света Теодора усрдно Му се молеше на Бога да ја спаси од скверноста. И додека се молеше влезе кај неа војникот Дидим и ѝ рече дека и самиот е Христов слуга, па ја облече нејзината облека, а нејзе ѝ ја даде војничката. Тој Теодора ја пушти да излезе, а самиот остана во блудилиштето. За ова Дидим го фатија и го изведоа на суд, а тој призна дека е христијанин и дека ја спаси Теодора и дека е готов за Христа да умре. Беше осуден на смрт и изведен на губилиште. Тогаш кај него дотрча Теодора и му викна: „Ако ми ја спаси честа не барав да ме спасиш и од смртта. Отстапи ми го мене мачеништвото!“ На ова Свети Дидим ѝ рече: „Возљубена сестро, не спречувај ме да умрам за Христа и со крв да си ги измијам гревовите!“ Кога ја слушнаа оваа препирка незнабожците ги осудија обајцата на смрт и беа убиени со меч, па им ги изгореа телата во оган. Чесно пострадаа и понесоа венци на бресмртна слава во 304 година во Александрија.