ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот Христов
апостол Јуда Тадеј
19 јуни / 2 јули

Како Христов сродник познавајки те о Јудо,
и како храбар маченик свештено те восфалуваме,
ти прелеста ја порази и верата ја сочува,
денес празнувајќи го сесветиот твој спомен,
разрешување на гревовите по твоите молитви просиме.

 Извор МПЦ – ОА

 

Тропар на свети Јован Битолски
митрополит Шангајски и  архиепископ Санфранциски
19 јуни/2јули
глас 5
Грижата твоја за паствата која странствува,
се покажуваше во твоите молитви,
кои за сиот свет секогаш ги принесуваше,
така веруваме, спознавајќи ја твојата љубов,
Светителе и чудотворче Јоване!
Сиот од Бога осветен од
свештенодејството на Пречистите Тајни,
со кои и самиот секогаш закрепнат,
си  итал кон страдалниците, исцелителе најрадосен.
Поитај ни сега на помош и нам
кои со сето срце те почитуваме.

 
Извор МПЦ - ОА


Тропар на светиот преподобен
Јован отшелник
19 јуни / 2 јули

Слобода пред Господа доби, преподобен
оче Јоване, според благодатта
која трудот го награди,
и умиление од Пресветата која
твоите молитви ги услиша,
затоа за нас пред Христа
спомни си свети подвижниче,
милост да најдеме по твоите свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец
Пајсиј Велики
19 јуни / 2 јули

Угодниче Божји, украсу на пустиниците
облагодатен од Духот Свети,
Пајсие преподобен оче наш,
Христос те поведе јазикот на милоста да го научиш
и мноштво по твоите молитви свети,
Он кон спасение приведе.
Затоа оче духоносен, моли се пред
Пресветата Троица, да ги помилува душите наши.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот отец
Зенон
19 јуни / 2 јули

Нестекнувањето на земјава,
богатство неизмерно ти донесе на небесата,
Зеноне неуморен подвижниче,
а послушанието те врати во првобитната убавина,
која ангелската ја надминува,
затоа и за нас спомни си од
пределите на рајската градина.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот Христов маченик
Зосима војник
19 јуни / 2 јули

Трпението твое во маките за Христа принесени,
венец невенлив на твојата глава донесе
во слава Божја о, Зосимо војнику Господов,
вистината те ослободи од маките телесни
и затоа ние од твоето исповедништво поучени,
кон твоите свети молитви припаѓаме
и на нив се надеваме пред Господарот на животот.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (02.07.2021)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

sv.Apostol.Juda.jpg

Светиот апостол Јуда    

Еден од Дванаесеттемина. Син на Јосиф и Салома (но не Саломија Витлеемска), а брат на Јаков, братот Господов. Со Салома, ќерката на Ангеј (син Варахиин, Захариев), Јосиф дрводелецот имаше четири сина: Јаков, Јосија, Симон и Јуда. Овој Јуда понекогаш се нарекува и Јуда Јаковов, по брат му Јаков, којшто е попрочуен од него. Своето послание Свети Јуда го почнува вака: „Од Јуда, слуга на Исуса Христа, брат Јаковов.“ Иако и тој можеше да се нарекува брат Господов колку и Јаков, тој тоа не го правеше од смирение и срам, зашто во почетокот не Му веруваше на Господ Христос; и кога старецот Јосиф пред смртта сакаше да му даде дел од имотот и на Исус како на сите свои деца, сите па и Јуда, се спротивставија на тоа, освен Јаков, којшто драговолно одвои дел од својот имот и го намени за Исус.

Јуда уште го нарекуваат и Левиј и Тадеј. Има уште еден Тадеј, од Седумдесеттемина апостоли (21 август), но овој Тадеј или Јуда когошто Црквата го слави на денешен ден беше еден од големите апостоли. Го проповедаше Евангелието по Јудеја, Самарија, Галилеја, Идумеја, Сирија, Арабија, Месопотамија и Ерменија. Во Едеса, градот на Авгар, ја дополни проповедта на оној другиот Тадеј. Кога проповедаше во пределите околу Арарат, го фатија незнабожците, го распнаа на крст и го убија со стрели, за вечно да царува во Царството Христово.

Преподобен Паисиј Велики    

sv.Pajsij.Veliki.jpgМисирец по раѓање и јазик. После едно видение во сон, мајка му го заветуваше да Му служи на Бога. Како момче дојде кај преподобен Памво, а овој го прими за ученик и соученик на преподобниот Јован Колов, којшто и го опиша житието на Паисиј. На голема радост на својот духовен отец, Паисиј најусрдно се трудеше, додавајќи подвиг врз подвиг. Повеќепати му се јавуваше Пророкот Еремија, кого што тој особено го сакаше и почесто го читаше; често му се јавуваа и ангели Божји, па и Самиот Господ Христос. „Мир на тебе, возљубен Мој угоднику!“, му рекол Господ Исус Христос.

Со голема благодат од Бога, Паисиј имаше голем дар да се воздржува од јадење. Често не вкусуваше леб по петнаесет дена, уште почесто по една недела, а еднаш, според сведоштвото на Јован Колов, седумдесет дена помина не вкусувајќи ништо. Имаше голема борба со духовите на злобата, коишто некогаш му се јавуваа такви какви што се, а некогаш во вид на светли ангели.

 Но благодатниот слуга Божји никогаш не даде да се прелаже и не се опрелести. Беше проѕорлив и во сиот Мисир прочуен по чудотворството. Во вечноста се пресели во 400 година. Преподобен Исидор Пелусиот ги пренесе неговите мошти во својата обител и чесно ги погреба.

Светиот маченик Зосим     02/07/2009

Римски војник во времето на царот Трајан. Храбро ја исповедаше својата вера во Господ Исус Христос, за што претрпе тешки маки. Сред мачењето слушна глас од небото: „Држи се, Зосиме и крсти се. Јас сум со тебе!“ Во затворот му се јавуваа ангели Божји. После мачењата беше расечен со секира, во 116 година.

 Преподобен Јован Отшелник

Се подвизувал во 6 век близу Ерусалим. Со подвигот доспеа до голем степен на чистота и сила, па и ѕверовите му се покоруваа. Се упокои во Господа во длабока старост, 586 година.