ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

  Тропар на
светиот Христов маченик
Георгиј Кратовски
11 февруари / 24 февруари

3.angeli.so.truba
Благодатта Христова бргу ги оживува
нашите души умртвени,
по твоите свети молитви,
о Гергие свети новомачениче,
затоа народите итаат кон твоето свето име,
кое Бога го прослави,
девственоста и чистотата ги возвеличи,
и за сите нас спасение од Спасителот измолува,
за секој кој во Него ќе поверува.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче




Тропар на светата
блажена Теодора царица
11 февруари / 24 февруари

3.angeli.so.truba
Блажена си ти Теодоро, слугинко на Бога Вишниот,
која ликот Божји и неговите угодници
на светите икони ги почитуваш,
блажена си заштитнице на Православната вистина,
која народот во спасоносната вера го поведуваш,
блажена си и за своето трпение,
кое нам како пример ни го оставаш,
со кое Христа треба да го дочекаме во висините.



 
Извор МПЦ-ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Власиј епископ Севастијски
и другите со него
11 февруари / 24 февруари

3.angeli.so.truba

Велик молитвенику пред Господа,
Власие свети епископе, мачениче преку кого
Христос силата на Благодатта ја посведочи.
Моли се за нас о ти подвижниче
на кого зверовите се покоруваа, болните се исцелуваа,
седумте жени маченички со небесни домови се здобија,
да добијат од Бога милост голема
сите кои го празнуваат твојот свет спомен.



 


 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (24.02.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

sv.Gorgi.Kratovski.jpg

Светиот маченик Георгиј Кратовски    

Македонец од градот Кратово. По занает златар. Во срцето и со сета душа христијанин. Имаше осумнаесет години кога Турците сакаа да го потурчат, но остана тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеа со најлути маки и најпосле жив го запалија. Пострада за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прослави со невенлива небесна слава.

Света Теодора

Грчка царица, сопруга на злобниот иконоборен цар Теофил. По смртта на овој цар царицата Теодора се зацари со својот син Михаил III. Веднаш го воспостави иконопочитувањето на Соборот во Цариград во 842 година. Во таа прилика беше востановено и празнувањето на победата на Православието коешто оттогаш се врши во првата недела на Чесниот пост. Оваа света, за Црквата заслужна жена, Му ја предаде својата душа на Бога на 11 февруари 867 година. Во тоа време на потполно торжество на Православието над сите ереси, според прекрасната Божја Промисла меѓу Словените беа испратени Светите браќа Методиј и Кирил како христијански мисионери.

sv.Vlasij.jpgСветиот свештеномаченик Власиј    

Родум од кападокиската област. Богобојазлив и кроток уште од раното детство. Заради своите големи добродетели беше избран за епископ на градот Севастија. Во тој незнабожечки град Св. Власиј беше големо духовно светило. Во времето на тешкото гонење на христијаните Св. Власиј го храбреше своето стадо и ги посетуваше Христовите маченици по затворите, меѓу кои особено се истакнуваше славниот Евстратиј. Кога градот Севастија остана сосем без христијани - едни пострадаа, други побегнаа - тогаш старецот Власиј се повлече во планината Аргеос и таму се насели во една пештера. Дивите ѕверови го познаа светиот човек и се приклонија кон него и ги милуваше. Но гонителите го најдоа светителот и во неговото скривалиште и го поведоа да му судат. Патем Власиј исцели едно момче на кое му беше застанала коска во грлото; и на поплаката на една вдовица дека волкот ѝ го грабнал прасето направи со силата на својата молитва и волкот го врати украденото. Мрачните судии го мачеа жестоко, го биеја и го стружеа. Со својата непоколебливост во верата Свети Власиј многумина ги обрати кон Христа. Заедно со него беа затворени седум жени и две деца. Прво ги заклаа жените, а потоа и чудесниот Власиј со децата. Пострадаа и се прославија во 316 година. Народот му се моли на Св. Власиј за здравјето на добиците и за заштита од ѕверовите. (Извор: www.mpc.org.mk ; Форо: http://www.patriarhia.ru/ )