ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на  преподобниот и рамноапостолен
Кирил учител словенски
14 февруари / 27 февруари

3.angeli.so.truba
Глас 4
Уште од пелени, ти благоглаголив,
ревносно Премудроста своја сестра ја направи;
и така, Пресветлата ја појми како чиста девица.
Примајќи ја, ја  приведе,
 и како со монисти златни,
 со Неа својата душа и ум ги украси,
 и така ти блажен,
 се појави како втор Кирил,
именит, и со разум мудар.

 
Извор МПЦ-ОА
Или друг:


Тропар на светиот
Философ Кирил Солунски
14 февруари / 27 февруари



Се развесели духот твој Кириле,
и се зарaдува срцето кога стигна во Господовите дворови,
вечно одморајќи се од патиштата земни,
каде Господ преку тебе Вистината ја рашири,
Словото го прослави, Духот го засади.
Радувај се учителе, кој благоста на Мудроста
 ја засеа во срцата,
на оние кои го бараат Бога,
а Тој по твоите свети молитви,
ги чува со Неговата моќна десница,
покрива со покров Негов,
за сите да го фалат и слават Името на Отецот,
 Синот и Светиот Дух во вечни векови.

 

Кондак

3.angeli.so.truba
Од младоста Троичниот те венча со Ќерката своја,
а Таа како мираз дарови ти донесе,
од висините небесни, од длабочините на спознанието,
од пазувите на љубовта, а ти како самарјанин патувајќи,
сѐ за секого и секому раздаде,
за спасение Господа да го познаат,
и опростување од незнаењето и гревовите да добијат,
прославувајќи ја милоста Негова во вечни векови.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на
преподобниот отец
Авксентиј Витински
14 февруари / 27 февруари

3.angeli.so.truba

Светлината се зацари во тебе,
о Авксентие оче наш преподобен,
и темнината место ѝ отстапуваше, на сите патишта од животот твој:
лагата луѓето ги напушташе, демоните во темнина најкрајна,
вистината на соборот победи,
и мноштво умудрувања по твоите свети молитви,
со кои и ние денес во слава Божја сме осенети.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на
преподобниот отец
Марон
14 февруари / 27 февруари

3.angeli.so.truba

Храмот на гордоста, со благодатта Христова
во Храм Божји го приведе,
ти Мароне оче наш преподобен,
и од него Господ на сите страни раздаде од твоето,
прелевајќи од Неговото во срцето,
во душата, во умот твој, за исцеление на многумина
со еден лек за сите – молитвата – топло принесена.
Радувај се учителе, радувај се бесплатен лекаре,
радувај се за нас, пред Бога вазден ревносен застапниче.


 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (27.02.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Преподобен Авксентиј

Мошне угледен богаташ меѓу големците и дворјаните на царот Теодосиј Помладиот. Горејќи со љубовта Христова Авксентиј се замонаши и пребиваше уште недолго време во Цариград. Кога почнаа за него да зборуваат пофално, побегна од човечките пофалби и се оддалечи на една гора близу Халкидон, којашто потоа се нарече Авксентиева Гора. Не му се оствари желбата да остане таму засекогаш скриен од луѓето, зашто го најдоа овчарите и разгласија за него. И почнаа кај него да донесуваат болни за исцеление. И тој многумина ги исцели. На слеп му го врати видот, очисти лепрозни, ги помаза со елеј, подигна еден фатен и мнозина демонизирани ги ослободи од демоните. Уште поголем восхит предизвикува неговото смирение со кое ги примаше оние што ќе одведеа кај него болни заради молитвена помош. Или ќе ги помолеше присутните да застанат на заедничка молитва кон Бога за болниот, или прво ја утврдуваше верата кај луѓето па ги уверуваше дека ќе им биде според верата, или над главата на болниот изговараше: „Те исцелува Господ Исус Христос“. Сето ова го правеше само за да не му се припишува чудотворството нему, туку на Бога Кој е семоќен. Учествуваше на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон и многу силно го штитеше Православието од ересите на Евтихиј и Несториј. Господ ја зеде неговата душа кај Себе кога беше во длабока старост. Се упокои во 470 година.

 

 † Упокоение на св. Кирил Солунски;

(Свети Методиј и Кирил Рамноапостолни  )  

Родени браќа родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер помина десет години меѓу Македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин). Но кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија словенската азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт - а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година - неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент како епископ, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.