„Спасителу наш, кога се крсти во Јордан, ги освети водите, прифаќајќи еден слуга да ги положи своите раце врз Тебе, за да го исцелиш светот од страстите. Голема е тајната на Твоето јавување! Човекољупче Господи, слава Ти“ (хвалитна стихира на Утрена на Богојавление).

Дојдете да Го славиме Оној, Кој денес и се јави на вселената и Кој ја покажа Неговата светлина врз нас. Беспочетното Слово, денес Отецот Го прослави меѓу луѓето и непогрешливо изјави: Овој е Мојот возљубен Син, Кој Ми е рамен по природа.

Денешниот велик празник, светото Богојавление на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско во Охрид, беше прославен со света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Саше Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Големиот (Богојавленски) водосвет, а потоа сиот верен народ, заедно со свештенството, предводено од Митрополитот Јосиф, со свечена литија тргна кон градското пристаниште, каде беа осветени водите на Охридското Езеро и беше фрлен светиот Крст во осветените води. Кум на годинешната манифестација во Охрид беше градоначалникот на Охрид г-дин Никола Бакрачески, како и бизнисменот г-дин Сашо Симески. На осветувањето на водите во Охридското Езеро присуствуваше и Премиерот на Р. Македонија г-дин Никола Груевски, Претседателот на Собранието на Р. Македонија, г-дин Трајко Вељаноски, како и други пратеници, членови на дипломатскиот кор, како и илјадници верници од земјава и странство. Помеѓу многубројните верници, кои скокаа по светиот Крст, најсреќен беше Петар Рупески од Охрид, кој годинава по вторпат го фаќа крстот.

Митрополитот Јосиф ги освети и водите во реката Црни Дрим во Струга. Кум на годинешното празнување на Богојавление во Струга беше г-дин Дончо Прентоски, кој по потекло е од Мислешево, Струга, а живее и работи во Германија. Крстот во Струга заврши во рацете на стружанецот Томче Голабоски.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, а истата, од страна на секретарот на Дебарско-кичевската епархија, беше прочитана и во Струга. Беседата ви ја пренесуваме во целост.



Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата тајна Крштение е една од седумте свети тајни, која е задолжителна за секој верник, кој сака да стане член на едната, света, соборна и апостолска Црква. Најпогоден ден, пак, кога треба да зборуваме за оваа света тајна, е токму денешниот, Богојавленскиот, односно денот на крштевањето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

Самиот Спасител немал потреба да се крсти, но му заповедал на свети Јован Претеча да Го крсти, за да се исполни секоја правда. Со тоа, Христос ни ја покажува неопходноста од крштевање. Спасителот ни појаснува, како што некогаш му кажувал на фарисејот Никодим, дека ако човекот не се роди повторно од вода и дух, тој нема да влезе во Царството Божјо. Ако, пак, човекот верува во Бога и сака да влезе во Царството Божјо, тогаш задолжително треба да ја прими тајната Крштение. Исто така, Господ Исус Христос вели: „Ако некој поверува и се крсти - ќе се спаси, а кој не поверува и не се крсти ќе биде осуден“ (Мр. 16,16). Токму преку овие зборови Господ Исус Христос нè повикува да поверуваме и да се крстиме.

Многумина од нас си го поставуваат прашањето: што се случува во тајната Крштение? Во неа настапува смртта на стариот гревовен човек. Во тајната Крштение му се проштева секаков грев на оној кој се крштева. Му се проштева прародителскиот, но и личниот, доколку се крштева возрасен човек. Од купелот на крштението, човекот излегува како ангел Божји. Имаме безброј примери во историјата на светата Црква кога се крштавале возрасни и со многу престапи и гревови. Но, во великата тајна на Крштението тие излегуваат очистени и без грев. Тие засветуваат со блесокот на сонцето, се изменуваат на внатрешен план и го доживуваат блаженството на Царството Божјо. Со примањето на крштевањето, тие се препородуваат преку силата на Светиот Дух и се облекуваат во самиот Господ, бидејќи Бог влегува во нивното срце.

Денеска на светата Литургија пеевме: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“. Тоа значи дека Господ влегува во срцата на оние, кои се крстиле. Но, од човекот зависи дали и по крштевањето ќе живее христијански или, пак, грешно и безбожнички, притоа жалостејќи Го Господа, не каејќи се за своите гревови. Ако човекот не ја очистува својата душа, тогаш тој ќе се покаже како некрстен. Затоа честопати можеме да ги слушнеме прекорните зборови: вие верници и крстени, но полоши сте од некрстените. Со нашите гревови и лоши постапки, честопати и крстените луѓе се покажуваат полоши од безбожниците.

Господ му дал слобода на човечкиот род. Секој еден може да оди по Бога или по ѓаволот. Трет пат нема. Нема среден пат. Но, иако паѓаме и грешиме, потребно е да се каеме и да бараме прошка за нашите гревови и престапи. Бог, пак, како Семилостив, секогаш ќе ни прости и ќе нè помилува, како што ни дава пример и во евангелската парабола за блудниот син. Овој грешен и непослушен син го зел својот дел од таткото и отишол по белиот свет. Сè што зел потрошил и останал на питачки стап. Кога паднал во една таква состојба, па дури да јаде и корења заедно со свињите, си дошол на себе и рекол: „Ќе одам кај мојот татко и ќе барам да бидам негов слуга, а не син...“ Таткото, односно Бог, не чекал дури ни зборовите да ги изговори, а му оди во пресрет, го прегрнува, му проштева и го прима како најсакан Свој син. Таков е нашиот Семилостив Бог. Но, Он бара наш повик и ја чека нашата подготвеност, односно чека да побараме прошка за нашите прегрешенија.

За да се премине морето, потребен е брод, зашто ако паднеме во морето, не ќе можеме да го препливаме и минеме. За да се препливаат животните грижи и да се дојде до Царството Божјо, потребно е да се влезе во црковниот брод, односно да се влезе во Црквата, бидејќи само во неа е спасението. За да се влезе во Црквата, пак, можно е само преку светата тајна Крштение. И тогаш кога човекот ќе постане член на Црквата, тој продолжува според своите слабости да паѓа во грев. Но, она што е потребно е да се стреми кон Господа и да се кае. Тој може со своите гревови да отстапи од Црквата, но со искрено покајание, се очистува и повторно се соединува со Црквата Христова.

Како што рековме, Господ Исус Христос немал никакви гревови, но, дошол на Јорданскиот брег заедно со толпата народ и примил крштение од Јован Крстител. Он не се појавува како семоќен Бог, како некој херој или, пак, како некој кој сее страв. Спасителот доаѓа смирен и кроток, доаѓа како слуга на овој род, како Оној, Кој се поисответил со грешниците, и покрај тоа што е Син Божји. И токму во моментот на тоа лично понижение, се дава Божјото откровение, дека Христос е Возљубениот Син Божји.

Безгрешниот доаѓа на реката Јордан и го прима покајното крштение, сведочејќи со тоа дека е Он човек во тело и дека Он е еден од нас. Иако безгрешен, Он се идентификувал и со последниот грешник, се изедначил со паднатите и заблудените, само за да го подели со нив бремето на прегрешенијата и да им даде излекување на нивните души.

Ние знаеме дека гревот ги разделува Бога и луѓето, Творецот и созданието. Богојавлението, пак, е знак на присуството на Бога во светот и во неговата историја. Со Господ Исус Христос се разрушува ѕидот, кој го разделувал човечкиот род од Бога. Сега Бог постанува човек и ја прима човечката природа, а светот преизобилува со Божјата благодат и сила. И кога на денешниот празник ние ја осветуваме водата, сведочиме за големата тајна, за сепроникливоста и спасителното присуство на Божјата енергија во физичката природа на нашиот свет. Светата вода што денеска ја осветивме е голем симбол за присуството на благодатта Божја во животот на светот и природата.

Да се помолиме на денешниот празник Богојавление, Бог да ги објави во нас Неговите благодатни и спасоносни сили. Преку нив, пак, да ја сочуваме верноста кон Спасителот, со Кого сме соединети преку тајната на крштението, а на Кого сме должни да Му бидеме верни постојано, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!

19.01.2014 година
Богојавление
храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“
Охрид

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 V.Josif.Premierot.jpg

 

Избор: Дебарско- кичевска епархија