Aco.G.Bg.jpg

 ДЕЛЕГАЦИЈА НА СКОПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ПОСЕТА НА СОФИСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ
 (24 и 25 ноември 2014 година)


Aco.G.Bg.jpg

    Од Софискиот Универзитет – Православниот богословски факултет во Софија, бевме поканети, проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Ацо Гиревски, декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, за по повод патронот на Универзитетот во Софија.
    Делегацијата од Македонија во предвидените свечености присуствуваше и на Литургијата која се служеше при параклисот на Богословскиот факултет во Софија, а со неа чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Западно-и Средноевропски митрополит г. Антониј заедно со професорите при Факултетот. На Литургијата беа професорите на Факултетот (поранешни) и сегашни, вработените и студентите и поканетите гости. Пееше факултетскиот хор.
    По Литургијата и одржаното слово за празникот од страна на еден од теолозите, говореше Митрополитот  г. Антониј, а веднаш по него и деканот проф. д-р Александар Омарчевски. И од двајцата бевме љубезно поздравни по име, како драги гости од братска Македонија.
    Бевме замолени да им се обратиме на студентите и да отпоздравиме, па со благослов на Ректорот им се обративме во својство на декан, со следниве зборотви:
    „Ваше Високопреосвештенство, г. Антониј, почитуван проф. д-р Александар Омарчевски, декан на ПБФ во Софија, Ваше Високопреподобие, Почитувани професори, високопречесни и чесни отци, драги студенти, браќа и сестри,
    Благодариме на поканата по повод патрониот празник на ПБФ во Софија, та еве стасавме од Македонија, каде што Свети Климент учителствувал, епископствувал, проповедал, крштевал, се подвизувал, се еден збор обитавал и каде што го завршил овоземниот живот. Свети Климент, патронот на Македонската православна црква и на нејзините просветни институции.
    Дозволете ми почитувани, да Ви пренесам благослов, поздрави и честитки од Неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, ве поздравувам и во името на Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, професор д-р Велимир Стојковски, кој е меѓу вас денес. Ви носам, исто така, поздрави и од Наставно-научниот совет при нашиот Богословски факултет во Скопје, студентите и вработените, и нека ви е честит патрониот празник.
    Во Македонија практикуваме една стара приказна, која веројатно потекнува од Свети Климента наш, а таа гласи: „Кога жалоста се споделува со ближните, таа се намалува, се губи, ја снемува за секогаш. Тоа се покажа при упокојувањето на блаженопочившиот патријарх ваш Максим, кога МПЦ-ОА испрати делегација на денот на опелото за да ја споделиме жалоста со вас.
    Кога, пак, радоста ќе се сподели до другите таа се зголемува, таа расте како тесто вели приказната. Денес сме дојдени, повторно од Македонија за да ја зголемиме радоста со вас. Па радувајте се браќа, и радоста ваша нека биде полна.
    Овој пат сакам да ви заблагодариме и заради испраќањето на вашиот доцент кај нас, д-р Иван Иванов, за визитинг професор на нашиов Богословски факултет, и да знаете дека студентите веднаш го засакаа. Уште еднаш ви благодарам и повторно честитки по повод патрониот празник и пак и пак, велам, радувајте се!“
    Следуваше службениот дел и заедничката средба помеѓу деканите и ректорот: проф. д-р Омарчевски како домаќин и гостите: ректорот проф. д-р Велимир Стоковски и деканот д-р Ацо Гиревски. Разменивме подароци во книги и ја поздравивме досегашната успешна соработка, посакувајќи таа да продолжи и да се развива во нагорна линија. Попладнето се вративме за Скопје.

 Aco.G.Bg.jpg

 Aco.G.Bg.jpg

 Aco.G.Bg.jpg

 Aco.G.Bg.jpg

                            
Известува: проф. д-р Ацо Гиревски, декан