Архиепископот охридски и македонски г.г Стефан, по повод 40-годишнината од возобновувањето на Македонската православна црква, во интервју за МИА се осврнува на развојот на МПЦ во изминатите четири децении, на дијалогот со СПЦ, на Законот за верски заедници...

На 17 јули се одбележува 40-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, период во кој таа се соочи со бројни последици. Како го оценувате развојот на МПЦ во изминатите четири децении?

- Годинава се навршуваат 40 години од возобновената автокефалност на Охридската Архиепископија - темелот на Македонска Православна Црква. Изминаа четири децении од богоугодната одлука на Синодот и соборјаните - и македонскиот народ да има своја самостојна Црква, која единствено Христос Господ ќе го има за своја Глава, а таа Црква, пак, за својот народ ќе се грижи како вистинска Мајка. Доволни му беа туѓинските возглавувања и духовни поробувања, кога, откако ќе ја присвоеја црковната власт, го третираа народот како посвоен, а во него, наместо чеда, гледаа пленето паство... На тој одлучувачки чин од јули 1967-та се решивме, откако како народ успеавме на дел од Македонија да имаме своја држава, како федеративен дел од повоена Југославија. Духовната тиранија повеќе не можеше да опстои. Како народ за се можеше да прифати да биде и понижен и изневерен, но не и во име на Господа и за својата Црква. Воскреснувајќи ја по точно две столетија славната Охридска архиепископија, беше исправена неправдата, и тоа, не на некоја институција, туку токму нему - на Божјиот народ од ова парче македонска земја.

Како резултат на возобновената автокефалност се отворија Богословијата и Богословскиот факултет, се обнови монаштвото, се изградија и се градат нови, а се обновија и се обновуваат старите цркви и манастири, се намножија потребните епархии, се отворија македонски цркви и манастири ширум светот: во Австралија, САД, Канада... На оваа и на ваква Црква има на што да се радуваат и апостолот Павле и Македонката Лидија, и светите Климент и Наум, и Прличев и Теодосиј, и Натанаил и Мисирков, а таа е таква по нивните несебични заложби и како дар од небото. Паметиме какви беа, и тоа со децении и столетија, а знаеме какви се сега, и Плаошник и свети Наум, и Бигорски и Рајчица, и Вељуса и Водоча, и Зрзе и Осоговски, и Марков и Лесново, и многу, многу други. Но, неспоредливо најважна и најцврста од сите градби е онаа изѕидана во душите на овој народ.

(повеќе)