Скопје, 29.01.2017 год.- Соборен храм

Недела триесет и втора и триесет и четврта по Педесетница

Евангелие според Лука зачало 94
Лука 19,1-9


Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,Во денешното прочитано Евангелие истакната ни е спасителната мисија  на Господ Исус Христос, како што ни вели светиот апостол Лука: "Синот Човечки дојде да Го побара и спаси загубеното" (Лука 19,10). Токму така, Господ преку патот на покајанието ги обраќал грешниците и ги спасувал заблудените. Вистинското сведоштво за сето ова ни е денешниот евангелски пример со митникот (цариникот) Закхеј.


Минувајќи низ градот Ерихон, Спасителот бил пропратен од мноштво народ. Луѓето оделе по Него, за да ги слушаат Неговите спасителни зборови, кои биле потврдени и поткрепени со многу чуда и Божји дела. Во таа толпа од луѓе бил и еден жител на Ерихон, низок по раст, но со голема и неоддолива желба да Го види Христа. Тоа е Закхеј - старешината на митниците. Да бидеш старешина на митниците, т. е. цариниците, во тоа време од владеењето на Римската империја, претставувало колку висока, толку и презрена работа. Митарите биле собирачи на данокот од сиромашниот народ за Римската држава. Притоа тие го глобеле и ограбувале тој народ, поради што биле замразени кај луѓето, а нивната совест била натежната од многу неправди и гревови. Таквата совест не им давала мир на нивните души. Но, во душата на старешината Закхеј настапувале моменти на духовно отрезнување, кога тој ја сознал својата гревовност и побарал олеснување од таа состојба. Саканиот мир на својата совест и душа, тој го побарал во Божјото сеопростување и милост. Па затоа нискиот Закхеј, неможејќи од народот да Го види Христа, истрчал пред сите и се качил на една смоква, покрај која требало да помине Господ Исус Христос. Закхеј, слушајќи за Христовата љубов кон грешниците и митарите, ја пробудил во себе надежта дека ќе најде лек за својата огревовена душа. Тој, исто како крвотечивата жена, која сакала само да се допре до крајот од облеклото на Господа, цврсто верувајќи дека ќе се излечи, сакал само со еден скриен поглед на Христа да го добие душевниот мир. Но, како што крвотечивата жена не можела да остане сокриена за Господа, така и Закхеј сокриен меѓу гранките на смоквата бил здогледан од севидливото око на срцевидецот Господ Исус Христос. Христос погледнал нагоре кон смоквата, го здогледал Закхеја и му рекол: "Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом" (Лука 19,5).

За нас, кои цврсто веруваме во Божјата севидливост на Христа, не е чудно што Тој го прозвал Закхеја по име, но Закхеј тоа го зачудило. Сепак, тој бил воодушевен од сето ова. Веднаш слегол од смоквата и со радост Го примил Христа. Радоста на Закхеја била голема, блажена и спасоносна, затоа што тој знаел дека е презрен човек и недостоен да Го прими Христа Спасителот, а Господ го задржува погледот на него и го удостојува да биде гостин во неговата куќа.

Во тие моменти се јавуваат миризливите плодови на покајанието, преку зборовите на Закхеј, кој вели: "Господи, еве, половината од својот имот ќе Го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам" (Лука 19.8). А Исус му вели; "Денес дојде стасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов" (Лука 19,9).

Драги браќа и сестри, драгоцен и поучен е денешниот евангелски пример за сите нас. Сите ние, треба длабоко во себе да ја осознаеме нашата огревовеност и духовно несовршенство, па со срце скрушено и со мисла покајничка да посакаме да Го видиме Господа. Да ги отвориме нашите духовни очи, за да ја видиме Божјата семилостивост и љубов кон сите нас. Да Го побараме Бога во нашите души, како што Он не бара нас, кога сме загубени во гревот и злото. Тогаш нашата совест ќе биде мирна, а нашата душа облагородена со постојана радост.

Ќе даде Господ за таквата душа покајание и препород во нејзиниот живот, препород на злото и гревот во добродетел, со што ќе ги заслужи Господовите зборови: "Денес дојде спасението на оваа душа", сега, секогаш и во вечни векови, амин.

о.Сашко  Николовски

 

Скопје, 29.01.2017 год.- во параклисот  на св. Мина,- Соборен  храм „Св. Климент Охридски“

На празникот на:

vozdvizenie.jpg

Чесни вериги на Светиот апостол Петар