Gjurgovjden2017 17

Објавено: 06 Мај 2017

„Непрестајно моли Го Господа за нас кои ти пееме, блежени, како Христов маченик, како оној што мачителот го победи, како изгонител на лукавите духови, како буден пазител, како непосрамен застапник“ (песна од Канонот на Утрена на св. вмч. Георгиј).

На 06.05.2017 година, на празникот на св. вмч. Георгиј - Ѓурѓовден, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Силуан. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Gjurgovjden2017 16

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

„Дивен Бог во свјатих своих"
(Пс. 67, 36)

Драги браќа и сестри,

Празнувањето на светите маченици, кај религиозните луѓе, причинува голема сладост на душата. Празнувањето на мачениците е опростување на гревовите, излекување на болните, утеха на ожалостените, сила на слабите, спасение на грешните и веселба на душите. Кога го прославуваме маченикот, Го прославуваме Бога. Преку тоа, луѓето биваат повикувани кон небесните добродетели. Празнувањето на светиите е за наше спасение. Но, тоа е драгоцено и угодно, и на Бога и на светиите, само тогаш, кога достоинствено ги прославуваме, односно, онака како што приличи. Но, ако ги прославуваме со јадење, пиење, со пеење и со веселби, тогаш, тоа не може да им биде угодно на Божјите угодници. Светиите трпеле маки и смрт, за да нè научат како се влегува во царството небесно, и дека, ние, луѓето, се спасуваме и со наш труд. Тие се мачеле и умирале, но, сега, живеат и вечно се веселат. Гладувале и жеднувале за Христовото име, а сега, се насладуваат во присуството на Божјото лице. Трпеле маки и страдања, за да не се одречат од Христа, но, сега, се радуваат и се веселат во Неговото царство.


Од житието на св. Георгиј, дознаваме дека Римскиот император Диоклецијан, имал обичај да оди кај идолот Аполон, кого го прашувал и барал да му претскаже настани, пред кои се наоѓал. Така, во една прилика, Диоклецијан побарал мислење од овој идол, а идолот, пак, во кого бил вгнезден ѓаволот, му рекол: Не можам повеќе да претскажувам, бидејќи праведниците на земјата ми пречат и ми ја одземаат силата. Тогаш, императорот прашал: Кои се тие? А ѓаволот, преку идолот одговорил: Тоа се христијаните. Императорот ги повикал сите војсководци и високи чиновници од империјата и наредил сите христијани да бидат истребени, бидејќи тие им пречат на нивните стари богови да прават добрини на земјата. Со тоа започнало страшно гонење и убивање на христијаните.


Во тоа време св. Георгиј бил војсководец во Никодимија, и под негова управа имал илјада војници. Но, во исто време, бил цврст и ревносен христијанин. Не можејќи да ја гледа неправдата којашто им била нанесувана на христијаните, излегол пред императорот и решително му рекол: „О царе, и сите вие кнезови и судии, што правите? Место да управувате со царството, вие ги терате христијаните да се откажуваат од вистинскиот Бог и да се поклонуваат на вашите безумни, ништожни, нечестиви и лажни богови. Ве молам оставете ги христијаните да си ја негуваат верата". Поради ова храбро истапување, овој млад и енергичен војсководец, најпрво бил убедуван да се откаже од христијанството, а откако тоа не успеало, бил подложен на најразлични измачувања и страдања. Но, св. Георгиј, сето тоа со трпение го поднесол, и на крај, маченички го завршил својот живот, овенчувајќи се со маченички венец во царството небесно.


Светата Црква, овие примери на страдања на Божјите угодници, ни ги изнесува за да нè поучи. Нè поучува дека и ние треба да го живееме нашиот живот со трпение и со добродетели. Од нас не се бара мачеништво. Но, Бог, од нас бара да постапуваме според Неговиот закон. Затоа се вели: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди" (Јн. 14, 15). Да бидеме вистински христијани. Да имаме трпение и да се чуваме од секаков грев. Да трпиме онака, како што мачениците трпеле страдање за Христовата вера. Нека ни бидат пример христијаните од раната Црква, кои, меѓу себе биле поврзани како браќа, не се клеветеле и не си завидувале еден на друг. Затоа, милоста Божја била врз нив и ги победувале сите искушенија, што животот им ги носел.


И ние денеска, да се обратиме со искрена молитва кон св. вмч. Георгиј. Да ни ја зацврсти верата во Воскреснатиот. Да одиме по патот Христов, одбегнувајќи секаков престап и грев. Да правиме добри дела, и така, да измолиме милост Божја и да наследиме вечен и блажен живот во царството Божјо. Амин!


Христос воскресе!

Св. вмч. Георгиј
06.05.2017 год.
Манастир „Св. вмч. Георгиј" – с. Рајчица, Дебар

Gjurgovjden2017 1

Gjurgovjden2017 2

 Gjurgovjden2017 4

 Gjurgovjden2017 5

Gjurgovjden2017 6

 Gjurgovjden2017 7

 Gjurgovjden2017 8

 Gjurgovjden2017 15

 Gjurgovjden2017 19

 Извор: Дебатско- кичевска епархија