mihail.beseda2.jpg


На денот на светиот апостол Карп, светиот апостол Алфеј, и светиот новомаченик Александар Солунски, во храмот на св. Јован Крстител се отслужи Божествена Литургија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.


Недела на Светите Отци
од Првиот вселенски собор (325 г.)
“Kако да го познаеме Бога” - Беседа

mihail.beseda.jpgСекој човек, дури и најнесреќниот, тежнее да живее и бега од смртта. Човекот е создаден од Бога не за да умре и да стане земја, туку вечно да живее. Дури и незнабошците тежнеат кон бесмртноста, иако не знаат на кој начин да ја достигнат. Човекот е создаден за вечен живот. Но во светот злото, гревот и смртта водат постојана бора со живите луѓе, за да им ги умртват телото и душата. На луѓето им е одреден вечниот живот, меѓутоа сите тоа не го заслужуваат и сите не го достигнуваат тој вечен живот.

До пред неколку дена Светата Црква го славеше воскреснатиот Спасител, изворот на вечниот живот. Но и натаму Црквата не престанува да укажува на единствениот најдрагоцен идеал-вечниот живот. Секој од нас треба да го познава патот што води во тој вечен живот, да знае на кој начин можеме да ја победиме смртта, што треба да направиме, а што да одбегнуваме, за да не умреме вечно.

Дали ние се грижиме да се здобиеме со такво сознание? Денешниов век сосема оправдано се нарекува век на науката, век на знаењето. Денес има огромен број научници специјалисти од сите области на науките. Тие пресметаа колку е земјата тешка, колкаво е растојанието помеѓу одделни ѕвезди, колку плодови даваат растенијата и тн. Сите родители се грижат децата да им станат учени и ги испраќаат во училиштата, жртвувајќи големи финансиски средства. Тоа е добро. Но за познавањето на Бога сите не се интересираат. Повеќето од луѓето се задоволни со земниот живот. Светските статистики покажуваат дека просекот на човековиот живот во последните 50 години е зголемен за 10-15 години. Но дури не само 15, туку и за 100 години да биде зголемен земниот живот на човекот, тој сепак има крај. За пофалба е кога се грижиме за намалување на болестите и страдањата во земниот живот. Но неразумно е да заборавиме дека сме одредени за вечен живот. Нашата татковина не е земјата туку Небото. Ако го заборавиме ова свое назначување, нашиот живот ќе личи на прекуморски брод  кој има се што му е потребно за патување, а нема навигатор и компас, што ќе го покажува правецот по кој бродот треба да оди за да стигне сигурно во мирно пристаниште.

За вечниот живот, за единиот вистински Бог, за неговиот еднороден Син Господ Исус Христос, не можеме речиси ништо да научиме во редовните државни училишта. За жал, во многу држави во светот во училиштата и високите школи ништо не се учи за вечниот живот и за Бога. Но ако не можеме Бога да го познаеме преку знаења добиени од училиштата, ние можеме да го запознаеме во Храмот Божји. Тука потојано се чита Неговото Слово и се слави единствениот вистински Бог и неговиот Син Господ Исус Христос. Во храмот е главен учител Господ Исус Христос Спасителот. Во храмот и од беседите нема да научиме колку е сонцето оддалечено од земјата, но ќе научиме кој е вистинскиот пат кон небото, кон Бога и кој е Создател и Спасител на светот. Нема да научиме како да влеземе во длабочините планински за да копаме сребро и злато, ниту како да слеземе во морските длабочини и оттаму да изнесуваме скапоцени бисери; но ќе научиме како да се вдлабочиме во сопственото срце, како да го очистиме од грев о да го отвориме за Божја благодат. Нема да научиме за граматика и странски јазици, но ќе научиме да се оттргнеме од јазиците на лагата и измамата и ќе го научиме јазикот на вистината и способноста да зборуваме со Бога-да Му се молиме и да Го славиме-сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

07.06.2008
Свештеник :  Михаил Таневски

 

mihail.beseda1.jpg

 

Посети:{moshits}