Слово на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, при одбележувањето на 1000-годишнината на Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“, на 18 октомври 2020 година.

 Почитуван претседател, господине Стево           Пендаров¬ски – покровителу на денешново славје,         
-    Почитуван претседател на Владата, господине Зоран Заев,
-    Ваши Високипреосвештенства и Преосвеш-тенства,
-    Игумене, Преосветен Епископе Антаниски                г. Партениј,
-    Почитувани пратеници во Собранието и министри на Владата,
-    Почитуван претседателе на МАНУ,
-    Ваши екселенции,
-    Почитуван ректоре на УКИМ,
-    Почитуван потпретседателе на АЦНС,
-    Почитуван директоре на Комисијата за односи со Црквите и верските заедници,
-    Почитувани дарители и помагачи, гости и почиту-вачи на Бигорски,
-    Сечесни отци,
-    Ваши преподобија,
-    Возљубени во Господа,
† СТЕФАН, Митрополит Скопски,
Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва


ПОБЕДИТЕЛОТ НАД ВРЕМЕТО И НАД ВЕКОВИТЕ

Колку се мили Твоите живеалишта,
Господи на силите .
Ти, ...Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш ,
...на Твојот дом  му припаѓа
светост за вечни времиња .

Во Светото божествено Писмо има многу места коишто ни го објаснуваат и ни го доловуваат значењето на времето, на целта и на поводот за кои некогаш сме се нашле на некое место. A oвие библиски зборови како да се наменети токму и за денешниов повод и за ова свето место, како и за овие добри и докажани домаќини, што нѐ собраа на прослава, и тоа не на некоја вообичаена и честа, туку на несекојдневна – на милениумска. Ретко кој поединец, па и генерација, се удостоени со ваков благослов Божји – да се биде дел од еден илјадагодишен чин, кога, за еден миг, се застанува за да се погледне назад во времето на едно дело кое не е десетлетно или столетно – туку е илјадалетно. И тоа застанување не е за да се стави крај на таа создавачка историја, туку е погледнување во еден збир од поединци и заедници, на заеднички доживеани таги и радости, на распнувања и воскресенија, на падови и подеми, на страдања и успеси... И тоа набљудувано искуство треба да вроди поттик за продолжување со ново траење во времето...    


Инаку, „Свештената историја на Црквата е преисполнета со светли примери, како на одделни личности, така и на духовни центри, кои, со својот живот и со својата дејност, оставиле особен белег на еден временски период, па дури и на една цела епоха“ . А овде, во Бигорски, и храмот и конаците, и иконите и фреските, и бигор-каменот и резбите во дрвото, и шумот на недотекливите чешми, чиниш – сѐ е славословие на ист глас и со иста порака! Овој илјадагодишен славеник, кому денес, како и целото ова 2020-то лето Господово, му оддаваме чест, благодарност и особено внимание, е токму тоа: збир од место и од личности. Бигорски постоел, постои и ќе постои за верниот народ, како што и верниот народ постоел, постои и ќе постои за ова богоблагословено  место. Бигорски, сам по себе, е нераскинливо ткиво на дела и делатели, на посветени богољупци коишто твореле и творат свештена историја – историја на спасението. А тоа делување е исполнето со благодатта на Светиот Дух и затоа e запишано со светлозарни букви и во паметта на луѓето, но и на страниците на историјата, и црковната и националната. Зашто, впрочем, само животот и делото што се производ на постојаната вера и на сеоданата љубов кон Христа воскреснатиот и кон Неговата Црква, што се творат во името на нашиот Господ Бог – оставаат белег, поттикнуваат на промена, создаваат духовност, се препознаваат како вистински систем на вредности кој треба да се последува и да се живее.


А манастирите и монаштвото се особено значајни за свештената историја на Православната Црква и во животот на православните христијани. Не е случајно и без смисла исповеданието на еден современ светогорски старец дека „монахот е надежта на човекот, зашто е знак и сведок на Царството Божјо“ . И ние, на овој македонски духовен простор, сме сведоци за вистинитоста на тоа – дека монасите се надежта на човекот, зашто монасите низ нашите манастири, и во минатото и во сегашноста, се двигателот на духовниот препород на народот, се доследни чувари и исповедници на автентичниот преданиски дух на нашата христијанска вера.
Монаштвото не е заедница или, пак, поредок надвор од црковното единство, туку е суштински дел од телото на Црквата. „Монаштвото е крвотокот на Црквата“, „другото јас на Црквата“, како што велат црковните отци. Имајќи го предвид ова, но и реалноста, односно аргументите на црковното искуство, ќе истакнеме дека манастирите, иако се создадени да бидат духовни тврдини надвор од светот, тие, всушност, се  молитвени пристаништа за светот. „Монахот својот подвижнички живот го поминува во молитва за сите луѓе, носејќи го на своите плеќи, покрај својот, и крстот на целото човештво. Вистинскиот монах никогаш не може да биде лишен од љубовта. Иако оддалечен, во тишината на својата ќелија, сепак, станува толку близок со секој човек, што дури и самото негово присуство ги просветлува животите на многумина“ . И сето тоа во име на примарната цел на монашкиот живот – љубовта, која, според зборовите на свети Исак Сирин, значи „горење на срцето за сето создание“ .


Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,


Бигорски е нашиот победник над времето и над вековите, е наша гордост што трае, зашто, од љубовта кон него и од љубовта од него, израсна во неисцрплив вруток, во наш духовен горостас и наш најдобар црковен репрезент. Ако само за момент се навратиме на историските случувања од 11. век до денес, нема ниту едно раздобје во кое овој духовен центар, во помала и во поголема мера, не е присутен и активен со својот придонес. Со тоа се оправдува заклучокот дека уште од своето основање манастирот како да бил благословен да биде нешто големо и значајно. А тоа се провејува и се покажува на дело и до ден-денес. Во минатото манастирот претрпел многу премрежија, достигнувал и слава, но и падови; бил уриван и опустошуван, сардисуван и ограбуван, осиромашувал и останувал без монаштво... Сепак, и во тие, како и во своите славни времиња, овој монашки центар бил искра на надежта за македонскиот народ во многу погледи – и културно, и политички, и економски и, пред сè, духовно. Како што е и денес и, дај Боже, да биде и утре и до крајот на вековите.
Возљубени почитувачи на Бигорската обител,
Бигорското постоење започнало со чудо, а тоа чудо продолжило да трае и трае до ден-денес. Впрочем, целото постоење на Бигорски е едно постојано чудо: не во онаа смисла на нешто несекојдневно, на нешто извонредно и надвор од законите на времето и природата, туку разбрано во неговата православна смисла – како создавање. Бигорски откако постои – создава, чудотвори дела во слава на Бога и за доброто и за спасението на нашиот народ; ја создава, рамо до рамо со своите сотрудници, на македонското духовно поле – живата Црква. Но создава не само во духовноста, туку и во уметноста, јазикот, книжевноста, архитектурата..., а неодамна поставената изложба на вредности од ризницата на Бигорскиот манастир, во реализација на МАНУ и на манастирот, го покажаа во форма тоа материјално создавање.


Духовното, пак, создавање, се покажува на очиглед и денес, како и многупати досега, преку присуството на многубројниот воцрковен народ, или како што за тоа создавање во една прилика  бигорскиот игумен, опишувајќи го предизвикот на секој бигорски црноризец, рекол: „Мисијата на бигорскиот монах е – да Му принесе како дар на Бога мноштво покајан народ, мноштво следбеници, научени и утврдени во Христовото дело. Врз неговото срце е испишана целта на монаштвото – да плаче, да се моли и да љуби како Христа, а и заради Христа, далеку од удобноста и можностите на овој свет“ .


Ако некому не му е доволно јасно делото на Бигорски, тогаш доволно е да се погледнат последните 25 години, и ќе ни станат јасни значењето и улогата на овој македонски духовен и културен центар низ духовната и низ народната историја на овие простори, па и пошироко. Зашто последниве две ипол децении, ако ги споредиме со историските раздобја во минатото, од таа славна 1020 година до денес, се огледало во кое се огледува целото илјадагодишно минато. Впрочем, ако современите двигатели и жители на Бигорски творат толку и такви дела, подобни и инспирирани од оние што око не ги видело, уво не ги чуло, ниту на човек на ум му паднало , тогаш какво ли е минатото? Несомнено, не може сегашноста да е добра, ако не се накалемила и не продолжила на добро минато. Иако, да не биде поттик за горделивост, туку за уште поголема благодарност за славата Божја , ова последново, во овие речиси неполни три декади, е најголемиот дострел, и во духовна и во материјална смисла, во неговата  илјадагодишна историја.


Па, на Бигорски, на неговиот Преосветен игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, и на братството црнорисци, заедно со сечесните и посветени монахињи од метосите, не можеме да не им го признаеме и да не го пофалиме досегашниот подвиг за спасението на многу поединци, подвиг посведочен со многу сили и со многу труд и за полнотата на нашата Света Црква, како и за целото Православие. Во животот на овие црнорисци, во нивната мисија, не може, а да не се препознае Христовиот повик за сведоштво на спасоносната вистина, упатен кон апостолите, а преку нив и до сите следбеници на Синот Божји: да бидете сол на земјата и светлина на светот , и доколку некому нешто правите – го правите за Господа .

Вие, Преосветен игумене и преподобни отци, им помогнавте и им помагате на многумина обременети и изморени од тежината на секојдневието, од немирот и од неизвесноста, овде, во Бигорски, и до каде што можевте – им подадовте рака, ги примивте во прегратката на духовничката грижа, земајќи на себе рамноапостолен подвиг, кој се состои од постојана жртва и неуморно сведочење на верата во Триединиот Бог. На современите заточеници на привидната слобода и на гревот, им ја објавивте и ги убедивте во вистинската слобода, која се реализира во Христа, зашто: „Ако го прифати остварувањето на својата лична слобода во Христа, тогаш човекот ги доживува радоста и полнотата на човековото живеење“ .


А љубовта е таа која сведочи силно за вас, жителите на овој наш земно-небесен остров, и за сите коишто од љубов дошле и во љубовта пребивале; сведочи за Бигорски, од неговите почетоци до денес. Духовниот бедем на оваа духовна тврдина, на овој град на врв планина , е изграден од таа љубов. И затоа е препознатлив и приемчив, по зборовите Христови: По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици... , ако ...останете во љубовта Моја . Затоа неосвојлива е оваа крепост, и кој и да ѝ се приближи со добра намера, самиот ќе биде освоен и примен, а оној со лоша намера ќе биде посрамен од тоа толку силно сведоштво на љубовта.


Еве, ако ние замолчиме, ќе прозборат и  ќе посведочат илјадниците чеда, присутни речиси во секој храм на нашата Света Македонска Православна Црква, како и манастирските штитеници, оние сегашните и тие што го поминале патот на преумувањето, коишто добро се бореле со духовниот непријател и победиле . Тие што некогаш беа во темнина, а сега се светлина во Господа и живеат како деца на светлината , ќе ја посведочат таа љубов и таа добрина што „го приближува човекот кон Христа Бога, го изградува, преобразува и осветува“ . Го издвоивме подвигот на љубовта, најважниот сегмент од мисијата на бигорското братство, но не и единствениот. Ќе треба уште многу време и простор да се говори и за другите дела, чиј именител е повторно љубовта, за тоа дека Бигорски е еден од пионерите во возобновата на македонското современо монаштво – каде што овој ангелоподобен подвиг се воспоставуваше полека и сигурно, па затоа овој манастир е најголемиот наш духовен центар, е градба што постојано се гради и се зголемува, имајќи го за свој современ ктитор богодаруваниот со уметнички и архитектонски осет – бигорскиот игумен. Исто така, Бигорски е најпрепознатливиот сведок на нашата црковна реалност и на нашата подготвеност, како и потврда на нашето право за црковна самобитност во Православниот свет.


Но свесни сме дека во православното живеење и творење, ништо ниту почнува ниту се остварува без благословот и молитвеното застапништво пред милостивиот Бог за преуспевање и за напредок. Надлежниот архијереј на оваа богочувана епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во овие последни 25 години од ова бигорско илјадолетие, а секако и претходно откако раководи со Дебарско-кичевската епархија, со својата сестрана поддршка и со своите татковски совети, проникнати од неговото силно богољубие и монахољубие, придонесе манастирот да стане она што е денес – вистинска духовна тврдина и цврст столб на нашата Света Охридска Архиепископија, возобновена во Македонската Православна Црква.


Возљубени,

Собрани сме за да оддадеме почит и да си спомнеме за сите коишто Му служеле овде на Бога и знаеле колку е поблажено да се дава отколку да се прима , како и за присутните, всушност, за сите коишто се вградија во милениумската историја на Бигорскиот манастир и да посакаме уште многу години историја, уште многу векови постоење, уште милениуми чудотворење и создавање во слава на Бога.
Преосветен игумене, заедно со монаштвото околу Вас,
Молитвено ви посакуваме, Господ да ве дарува со крепко здравје, со многу сили, со ум и разум, за да успевате во допишувањето на иднината на Бигорскиот манастир. Трудете се вашето дело да биде богоугодно, та каде што вие ќе застанете, да продолжат тие што по вас ќе дојдат, за да Му служат на Бога, на македонскиот православен  народ, на Македонската Православна Црква и на сите коишто ја почитуваат Бигорската обител. Како што наследивте големи и славни дела, добра основа и просветлено искуство, оставете и вие такви дела за иднината, за ова велелепие да продолжи да векува.

Бог нека го благословува и умножува делото на оваа наша илјадагодишна обител, а за доброто на нашиот благочестив народ и на нашата МПЦ – ОА! Да се молиме на Господа и на патронот св. Јован Крстителот – на Бигорскиот манастир да му се множат годините и вековите! – Амин!

 

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/pobeditelot-nad-vremeto-i-nad-vekovite/