2021-07-07-ivanden-19

Јоване преславни и вселенски апостоле, Гаврилово благовестие, на неплодната процветување и на пустината – добро воспитувание; искрен пријателу на Младоженецот Христа! Него моли Го, да ги помилува душите наши.

Голема е радоста од исполнувањето на благовестието за денешниот ден, дотолку повеќе што тоа беше најавено од благовестителот на вечната радост, Архангелот Гавриил. Во историјата на човештвото има само два толку значајни настани што Бог ги возвестил преку овој Свој најголем благовесник. Тие се Рождеството на предвечниот Син и Слово Божјо од Пречистата Дева и Раѓањето на Претечата и Крстителот Јован, „најголемиот меѓу родените од жена“ (Матеј 11,11). И како што самото име на Крстителот значи благодат и радост, таков е и празникот на неговото раѓање.

Овој празник за Светата Бигорска Обител, којашто е удостоена да биде под постојана молитвена закрила на Чесниот Претеча, претставува многу повеќе од празнување и слава. За неа тој е извор на нови животи сили, вруток на нов благодатен поттик, за уште поревносна служба во негова слава. „Празникот на Раѓањето на Свети Јован Претеча“, ќе рече нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, „претставува посебна радост за сето создание: се радуваат ангелите Божји, сиот Христов свет, но и сета бессловесна природа – ‘се радува сета твар со твоето Божествено раѓање’. Причина за тоа е не само што се роди уште еден човек – што, секако, според зборовите на Господа е исто така, голема радост – ами тоа што се роди токму оној кој го подготви патот за доаѓањето на Спасителот; се јави светилникот што ја навестува вистинската Светлина, дојде зората пред да изгрее Сонцето, се слушна гласот пред да се појави Словото“.

Оваа година, на торжеството по повод неговото Рождество, нашиот славен патрон ја закити својата илјадагодишна Обител со уште две големи достоинства. Имено, на денешната Божествена Литургија, чиноначалствувана од нашиот надлежен Дебарско-кичевски Митрополит г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, со нашиот игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, со игуменот на Беровскиот манастир г. Фотиј и со бројно духовенство од нашата, но и од други епархии, со почесно архимандритско достоинство беше удостоен манастирскиот економ и верниот соподвижник на нашиот старец уште од почетокот, јеромонахот Доситеј, а нашиот собрат Анатолиј, духовно роден и со голема љубов израснат од старецот, беше ракоположен во возвишениот свештенички чин, станувајќи јеромонах на нашата Света Обител.


За славата, пак, и честа на денешниот голем ден говореше нашиот почитуван архипастир, Митрополитот г. Тимотеј:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

    Со твоето раѓање, Претечо и Проповедниче, се отвори покајанието, оти само ти проповедаше, викајќи: Покајте се, се приближи царството небесно
    (Втор канон, песна 4, тропар 1)

Се исполнуваат пророчките зборови. Господ ги подготвува луѓето и целата природа и целиот свет за доаѓањето на Спасителот. За да Му подготви пат на Господа, Он го испраќа Претечата Јован. Името ‘Јован’ на еврејски значи ‘благодат’. Тоа значи да се сведочи со подвиг кој треба да го изврши Претечата. Да се задржиме на историјатот на ова собитие. Добро ни е познато дека кај еврејскиот народ бездетството се сметало за казна Божја, а бездетните се сметале за големи грешници (5 Мој. 28, 18). Таквите луѓе на некој начин се сметале за луѓе преку кои не може да дојде Спасителот, односно Месијата. Татко на свети Јован бил свештеникот Захариј, кој бил почитуван човек, а и неговата мајка Елисавета имала благочестив и свет живот. Но, и покрај тоа, тие се помириле со реалноста дека нема да имаат пород. Но, никогаш не роптале на Бога за тоа (Лк. 1, 6). Тие живееле очекувајќи го избавувањето од гревот, со покајание и вера во Месијата и Избавителот на светот, Кој очекувале да дојде. Во Новиот Завет, а исто така и во Стариот Завет на повеќе места се вели: барајте и ќе ви се даде. Ако човек бара со усрдна молитва, пост и подвиг, Господ нема да го оттргне Своето уво од таквата молитва. Тој човек ќе добие сѐ што му е неопходно. Затоа во кондакот на овој празник и се вели: ‘Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча’.

Господ испраќа утеха на луѓето кои се верни и живеат согласно со законот Божји. За време на кадењето во Светињата над светињите, Захариј имал видение во кое му било кажано дека ќе му се роди син, кој ќе биде предвесник на Христа Спасителот во светот. Захариј се посомневал во ангелската вест и затоа онемел сѐ до исполнувањето на оваа најава и раѓањето на Јован. Кога се родило детето, мајката побарала да се вика Јован, а Захариј побарал штичка и напишал: ‘Јован му е името’. Тогаш му се одврзал јазикот и со радост Го славел и фалел Бога.

Кратко по раѓањето на Јован, за овој чудесен настан слушнал Ирод, кој побарал да бидат погубени сите младенци. Во оваа прилика Захариј бил убиен во Ерусалимскиот храм, а Елисавета, просветлена од Светиот Дух се повлекла во пустината, каде ја засолнила својата рожба. По кратко време и самата се упокоила, а Јован станал жител на пустината. За него се грижеле Божјите ангели и врз него пребивала Божјата благодат. Во пустината тој се подготвувал за мисијата која му претстоела: да го припреми јудејскиот народ за дочекување на Спасителот.

Примерот на пустинскиот живот на Јован е особено поучен за нас христијаните. Секој од нас има свој ангел пазител, кој го добиваме за време на светата тајна крштение. Нашиот ангел не пази да не паднеме во гревови, при многуте искушенија кои не снаоѓаат. Ние само не треба да заборавиме на Бога и не смееме да ги заборавиме Неговите заповеди.

Да се потсетиме на маките и страдањата кои биле допуштени на праведните Захариј и Елисавета, па и на самиот свети Јован Претеча. Тие се огромни и нашите евентуални маки, страдања и непријатности се ништожни во споредба со нивните. Господ ги допушта искушенијата и страдањата на луѓето онака како што Нему Му е угодно. Потребно е да бидеме трпеливи во нивното поднесување. Бог секого од нас треба да го сочува од малодушноста, искушенијата и роптање против промислата Божја. Патиштата Божји се неиспитливи и ние не можеме да знаеме зошто Бог со едни постапува на еден, а си други на друг начин. Во Евангелието се вели: ‘Не судете за да не бидете судени’ (Мт. 7,1). Да го предадеме нашиот живот на промислата и волјата Божја, зашто Бог ни дава многу повеќе од она што бараме, па дури и од она што можеме да помислиме.

Овој празник ни сведочи за тоа дека е неопходно да се откажеме од нашите земни потреби и да се вознесеме кон горниот свет, кон душите на праведниците и светите. Од нив да бараме помош за себе и поддршка во верата и надежта, во Божјото милосрдие кон паднатиот човечки род. Свети Јован се појавува помеѓу тие светии, како прв маченик и проповедник на Божјата благодат. Тој се јавува како сведок на големата тајна – крштението Христово и објавата на Света Троица.

Од свети Јован Претеча можеме многу да научиме. Тој како голем молитвеник, нѐ учи да се молиме. Во него гледаме и исповедник кој не се уплашил од смртта и засведочил што е тоа грев и дека од него треба да се бега. Сведочел дека само добродетелта нѐ издигнува кон небесното царство, а гревот нѐ води во вечни маки. Затоа ние сме должни секогаш да си спомнуваме за овој човек, на кого му било дадено да ја стави својата рака на Творецот на вселената. Тој Го засведочил Спасителот на целиот свет. Затоа да се помолиме и нас да нѐ упати кон покајание, да нѐ научи на исправен живот и да биде помошник во нашиот христијански подвиг.

Ја користам оваа прилика на отецот Доситеј да му го честитаме одликувањето од страна на САС на МПЦ-ОА со достоинство на архимандрит, кое ќе го носи како почесно достоинство, останувајќи собрат на оваа обител како и досега. Му посакуваме ова достоинство да го носи за просперитет на овој манастир и за спасение на неговата душа.

На новоракоположениот јеромонах Анатолиј, во името на собраќата свештенослужители и од свое име му посакуваме ревносно служење на Црквата Божја и духовно растење во христијанските добродетели. Свештеничкиот чин, пак, да го носи во служба на Бигорскиот манастир и на братството, за афирмација на МПЦ и за спасение на неговата душа. По охридски – носи го достоинството со бел образ. Амин“.

А нашиот духовен татко, нашиот најсакан родител во Христа, старецот и игуменот на Бигорската Обител, Епископот г. Партениј, кој од љубов смирувајќи се пред сите, за да ги возвеличи сите, на своето чедо, јеромонахот Доситеј, кого го удостои со почесното архимандритско достоинство, му подари два архимандритски крста со овие татковски и натопени од родителска љубов зборови:

Ваше Високопреосвештенство, дедо Тимотеј, наш возљубен архипастиру,

Од сè срце Ви благодарам што ги прифативте мои смирени молби, за двајца браќа од нашето братство да бидат удостоени со свети и возвишени чинови: едниот, отец Доситеј, да го ракопроизведите во архимандритско достоинство, а другиот, отец Анатолиј, да го ракоположите за јеромонах. Неслучајно ова се случува во годината кога Вие славите седумдесет години живот и четириесет години архипастирска служба – нешто што е навистина големо, бидејќи Вие сте архипастирствувале во многу тешко време за нашите народ и Црква, уште од времето на комунизмот. Притоа, Вие направивте големо дело: успеавте да ни го пренесете светото предание, да ја зачувате чистотата на верата, секогаш да се грижите за нашето братство, услишувајќи ги нашите молби како татко на оваа богочувана епархија.

Уште еднаш посебно Ви се заблагодарувам за тоа што благоизволивте потврдно да одговорите на моите смирено барање и да го произведите нашиот собрат, икономот отец Доситеј, во архимнадритско достоинство. Во изминативе дваесет и шест години тој се покажа како мој верен сотрудник и соподвижник, па затоа, во оваа прилика сакам да му го подарам крстот што го носев дваесет години на моите гради и редовно на Света Пасха, а ми беше подарен од него и од братството по повод петте години возобновено монаштво. Тогаш на овој крст братството ми ја напиша следнава посвета:

Како вистински богоносец,
чија љубов го воскресна Претечевиот дом
и го посеа во нас семето на верата,
ги принесовте нашите срца како жртви сепаленици пред Бога,
со татковска радост и веселие.
Од Вашите рожби, за нашиот мил отец Партениј,
со љубов од братството, 2000 година – пет години возобновено монаштво.


Делото на возобновата на монаштвото немаше да биде возможно доколку отец Доситеј не беше секогаш со мене, покрај мене во сите искушенија и неволји, верно и непоклатно стоејќи во послушанието. За него можам да кажам дека е монах којшто никогаш не се поколебал во вербата кон својот старец и никогаш не попуштил во послушанието, вложувајќи се себеси за Црквата како жртва сепаленица. Му посакувам така и да продолжи, предавајќи се целосно за Црквата – нешто што е многу важно за спасението, бидејќи градењето на небесната Црква започнува одовде, од земјата.

Отче Доситее, сакам верно да го носиш овој крст што го носев јас на моите гради и заедно и еднодушно да продолжиме, во братска љубов и послушание, да ја градиме светата Црква.

Сега имам уште едно изненадување за тебе. Од името на братството и на сестринството, ти подарувам уште еден, нов и посебно изработен архимандритски крст, со неракотворниот образ на нашиот Спасител, украсен со полудраги камења. На него ја пишува следнава посвета:

На мојата прва монашка рожба
и верен животен соподвижник,
на мојот Јосиф Ариматеец,
на Архимандритот Доситеј,
со љубов во Христа, еп. Партениј, л. Г. 2021.

Нека твоите дела и во иднина бидат драгоцени, за наследување на Царството небесно. Достоен!

Исто така, од сè срце му честитам и на моето сакано духовно чедо, сега јеромонах Анатолиј, за превозвишениот свештенички чин со кој денес се украси. Нека го носи со бел образ и достоинство. Достоен!“

На овој неовоземен изблик на татковска љубов од Старецот, архимандритот Доситеј одговори со синовски зборови:

Ваше Високопреосвештенство, наш Митрополите, г. Тимотеј,
Ваше Високопреосвештенство, Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф,
Ваше Преосвештенство и наш возљубен старец, отец Партениј,
Благословете!

Почитувани благоговејни отци, браќа и сестри, сите присутни,

Дозволете да кажам збор-два по повод денешните случувања на Архиерејската Литургија.

Најнапред Му благодарам на Бога и на Свети Јован Крстител, чиј спомен денес славиме, што ме прими во оваа Света Обител. Се разбира, не помалку му благодарам и на мојот духовник, кој, еве, во име на Свети Јован ме прими и трпеливо ме носи и секојдневно ме поправа, трудејќи се повеќе од 25 години за мојот монашки живот. Ми дава, пред сè, личен пример и совет од лично искуство. Покрај него секој ден учам нешто ново од духовниот живот, а како и јас, така и браќата и сите околу него, црпиме светоотечко и светопреданиско искуство, што Старецот неизменето, лично го практикува.


Тој ме воведе во татковските прегратки и по негов предлог сум ракоположен и за јероѓакон и за јеромонах, а ете, денес и ракопроизведен за Архимандрит.

Тука е и нашиот Митрополит, кој, пак, лично го изврши чинот на моето замонашување, лично ме ракоположи за јероѓакон и јеромонах, а исто така, на молбата од нашиот Старец, побара од Светиот Архијерејски Синод да бидам удостоен со архимандритски чин. Денес тој лично ме ракопроизведе со тоа големо достоинство, за кое и самиот знам дека е незаслужено, бидејќи секојдневно правам грешки. Меѓутоа, Митрополитот, а најмногу Старецот, знаат дека и секојдневно се трудам да се поправам и да живеам согласно монашките завети. Затоа, во оваа прилика јавно им барам прошка за сè што сум погрешил досега: простете!

Монашкиот опит кажува дека во општежитието дури и себепоправањето не е добро, доколку го правиш сам и по свое, без благослов и по послушание. Затоа нашиот Старец прв и пред сите се смирува себеси и кротко нè трпи, како што кажал и Самиот наш Господ: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите! (Марко 9,35)

И така, години и години, ден по ден, ги поднесува нашите удари што му ги задаваме кога ќе направиме непослушание, кога ќе го повредиме со слабата ревност, кога нема да кажеме добар збор или ‘прости’, туку по наше ќе толкуваме и ќе објаснуваме…

Иако, можеби, не е потребно и со зборови не се докажува, туку само со дела се покажува, но, еве, јавно да кажам дека останувам, како и досега брат, односно собрат на Бигорското братство, под духовно раководство и послушание на нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј.

За крај би сакал да кажам, поскоро сите вас да ве замолам, за заедно да кажеме едно големо и од срце ‘Господи помилуј’, за нашиот Старец и Татко, за Господ да му даде сили да издржи до крајот на својот живот, ревносно и со страв Божји, како и за нашиот Митрополит г. Тимотеј, за Господ да му даде сили докрај ‘правилно да раководи со словото на Неговата вистина’.

На многаја лета, се разбира, и честитки за нашиот собрат, сега јеромонах Анатолиј, кој го доби големиот свештенички чин и денес ја имаше таа ретка и единствена чест да му биде доделен Агнецот Божји, да Го чува во своите раце и така до крајот на животот да го раздробува и разделува Агнецот Божји ‘Кој секогаш се раздробува, но никогаш не се разделува!’ Со бел образ!“

 2021-07-07-ivanden-70

 

 

 

 

https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/78754/