Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Невидлива борба“ од свети Никодим Агиорит. Во оваа книга ќе читате за духовната борба која треба да ја води секој православен христијанин, за скалилата и искушенијата кои треба да ги поминеме при нашето растење во духовниот живот, како и за добродетелите кои треба да ги стекнеме. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Никола Цилаков.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

38.machenici1

Предговор на книгата

Книгата која ја имате пред вас е дело на светиот Никодим Светогорец, монах од XVIII-XIX век. Времето во кое живеел било тешко, под турско ропство, со постојани закани и опасности, присилна исламизација, време во кое православната богословска наука многу заостанала, па дури и сосема замрела во некои краишта. Поради необразованост голем дел од клирот не можел да проповеда, да го шири Евангелието, или да ги разбере делата на светите отци. Никодим завршил образование во Смирна, Мала Азија, но морал да се врати во Наксос, а потоа и на Света Гора каде што примил монашки чин и го дооформил своето богословско образование и духовен опит. Како одличен познавач на латинскиот, францускиот и италијанскиот јазик, почнал да преведува многу книги, па и самиот да пишува. Извршил големо дело за целата Црква со тоа што многу шетал и собирал податоци за мачениците од Турското ропство, па благодарение на него, до нас дошле и житијата на света Злата Мегленска, свети Ѓорѓи Кратовски и многу други свети маченици.

Голема заслуга има светиот Никодим, заедно со другите свети отци од коливарското движење, за обновата на Литургијата, за враќање на древниот поредок во Црквата на редовно причестување. Во тоа време нив ги сметале дури и за еретици, но тие, поткрепени од Божјата благодат и од нивните огромни и длабоки богословски знаења и духовен опит, ги победиле нивните заблудени и неуки противници, и им покажале на сите дека Литургијата и Светата Причест се централен момент во животот на Црквата, во животот на секој православен христијанин. Надвор од Светата Литургија нема христијанство, а со тоа, нема ни спасение.

Исто така, свети Никодим и свети Макариј Коринтски се составувачи на Добротољубието во пет томови, чиј што превод на црковнословенски е направен од свети Пајсиј Величковски, а преводот на македонски јазик го направи блаженоупокоениот архиепископ Михаил.

Книгата „Невидлива борба“ е еден вид продолжување или дополнување на Лествицата на свети Јован Лествичник. Наменета е за монасите, но и за секој верник. Во оваа книга ќе читате за духовната борба која треба да ја води секој православен христијанин, за скалилата и искушенијата кои треба да ги поминеме при нашето растење во духовниот живот, за добродетелите кои треба да ги стекнеме, и искушенијата кои му доаѓаат на секој човек на смртна постела.

Оваа книга е огромно богатство за секој православен христијанин, а тоа ќе го види секој откако ќе ја прочита. Затоа, од длабочината на моето срце, на сите христијани им ја препорачувам оваа мала, но значајна книга, за наше духовно растење, за побезбедно поминување низ искушенијата од секојдневниот живот, за победа над демонските замки, кои како мрежи се распослани над сите нас.

Да читаме, да ја изучуваме верата, а најмногу од сѐ да контактираме со нашите свештенослужители и монаси, со нив да се советуваме, под нивно духовно раководство да растеме и да бидеме редовни на Божествената Литургија. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/