Денес, по повод одбележувањето 119-годишнината од загинувањето великиот македонски револуционер Гоце Делчев, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со свештенослужители на Скопската епархија, отслужи Панихида пред Гоцевиот гроб, во дворот на храмот ,,Вознесение Христово” (,,Св. Спас”), крај Скопско кале. На молитвеното застапништво за овој велик син на Македонија, Архиепископот ја произнесе следнава беседа:

Христос воскресе!

Возљубени чеда и почитувачи на Гоце,
Еве, по повод 119-годишнината од загинувањето на Гоце, дојдовме да се поклониме пред неговиот гроб и да се помолиме за неговата душа.
За јунаците и идеолозите каков што е Гоце, можеби и не треба да се говори – таквите личности самите доволно кажуваат со своите подвизи и остануваат како пример со своите животи и со своите жртви! Но, треба да обрнеме внимание на настаните од последниве години, односно, што и колку некои некогашни и сегашни политичари, како и некои историчари, кои, за жал и за срам, говореа и говорат, договараа и договараат, а имајќи предвид дека и прифатија и дозволија да се делат и раздаваат и личностите и нивните идеали и сè што било – сето наше минато, дури и сето она за кое тие се бореле. Затоа, потребно е не само денес, туку секојдневно и постојано да им укажуваме на сите коишто, од само ним познати причини, не ги сакаат или не ги чувствуваат за свои и оваа македонска земја и овој македонски народ, и не само што не ги почитуваат нивното минато и нивната иднина, туку ги занемаруваат и битните вредности: културата, историјата, јазикот, духовноста и сè што е нивно, односно – македонско.

Таквите како да заборавија – или, пак, можеби и никогаш не узнале – дека Гоце е еден од најголемите сведоци за нашата вистина, дека Гоце и во ова време нè опоменува за видливо потрошениот наш морал и чука по заспаната совест и по умртвените национални чувства кај оние коишто се избрани или се поставени да ги бранат интересите на македонскиот народ, а наместо тоа, свесно отстапуваат од нив. Па затоа, и од ова место, покрај гробот на Гоцета, прашуваме: кој друг, како нас, прифаќа да ги дели или да ги слави со други своите народни великани и светии?

Имено, иако борците за слобода со своите идеи им припаѓаат на сите слободољубиви луѓе и народи, иако светителите се почитувани и славени од сите богољупци, сепак, тие по својата национална припадност му припаѓаат само на еден народ. Затоа, и свети Климент и Гоце, поради нивните  богоугодни и човекољубиви дела, можат да бидат почитувани и од други, но не можат да се делат со други! Ние, свесни за сето она што тие му го дале на духовно-просветен и на национално-револуционерен план на својот македонски народ – среде кого живееле, среде кого неуморно работеле и за чијашто вистина самопрегорно се бореле, оставајќи неизбришливи спомени во сите наши поколенија – не треба да правиме отстапки пред никого и за ништо, и особено не пред оние коишто великаните ни ги посакуваат, а нас, народот на кого тие великани му припаѓаат – не нè признаваат!

Но, возљубени, ваквите дни се и прилика и пред свети Климента и пред Гоцета, и пред сите наши светии и пред сите паднати за духовна и национална слобода, да истакнеме дека никогаш не треба да отстапуваме од она што е наше, од она што е свето и почитувано од овој наш народ македонски. А не сме против и други да ги почитуваат и­ прославуваат, но сме против  тие да бидат присвојувани или делени со други!

Ниту свети Климент, ниту Гоце, ниту кој било од нашите богоугодници и родољупци, па ниту ние, современите Македонци, како народ, не ги заслужуваме искушенијата што ни се случуваат. Особено се болни оние што самите, односно некои меѓу нас, ги предизвикуваат и ги прават, за што може да имаат несогледливи последици, и на национален, и на државен план!

Нека му е вечен споменот на Гоце и на сите загинати за духовна и национална слобода на Македонија. Амин!

Христос воскресе!

Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски

 

 

 

 

 

http://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/119-godini-od-zaginuvanjeto-na-goce-delcev/