Евангелие на празник: Свето евангелие според светиот апостол Јован 10:9-16

9. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде.
10. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие.
11. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците;
12. а наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците.
13. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците.
14. Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.
15. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои.
16. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 10:25-37

25. И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?”
26. А Он му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?”
27. Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!”
28. Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив.”
29. Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: „А кој е мојот ближен?”
30. Исус му одговори и рече: „Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов.
31. Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога ги виде, си замина.
32. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде.
33. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.
34. И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.
35. А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: »Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.«
36. Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?”
37. А тој одговори: „Оној што му направи милост.” Исус му рече: „Оди и ти прави така!”