„Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па, врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.
Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.
И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.
Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.”
Он ги праша: „Што сакате да ви направам?”
А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.”
Но Он им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?”
Тие одговорија: „Можеме.” А Исус им рече: „Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.”
Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована.
А Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.
Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.
Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.”
(Марко 10:32-45)
Но Христос, кога стана Првосвештеник на идните блага, со поголема и со посовршена скинија, неракотворна, односно не онаква, каква што се прави на земјата, ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп.
Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите, за очистување на телото, тогаш, колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела, за да Му служиме на живиот и вистински Бог.
(Евреите 9:11-14)“
Preminportal (k.t.)