На 13 јули 2025 година, денот кога го прославуваме Соборот на светите 12 апостоли – Павловден, во Катедралниот храм на Охридските Архиепископи „Света Софија“ во Охрид, на Светата Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан – во сослужение со Нивните Високипреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски – г. Петар, Струмички – г. Наум, Крушевско-демирхисарски – г. Јован, Европски – г. Пимен, Брегалнички – г. Иларион, Тетовско-гостиварски – г. Јосиф, Кумановско-осоговски – г. Григориј; со Нивните Преосвештенства, Епископите: Дељадровско-илинденски – г. Јоаким и Делчевско-каменички – г. Марко; и во молитвено присуство на сите викарни Епископи на нашата Света Црква, како и на многубројно свештенство од Македонската Православна Црква и од сестринските Православни Цркви – беше ракоположен новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски – г. Георгиј (Ѓорѓевски).
На Литургијата молитвено учество зедоа и претставници од сите сфери на општествениот живот, а воедно и Премиерот на Република Македонија – г. Христијан Мицкоски, вицепремиерите г. Александар Николовски и г. Љупчо Димовски, Министерот за внатрешни работи – г. Панче Тошковски, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи – г-ѓа Оливера Трајковска, претставници на државната и на локалната власт, како и академици, ректори и универзитетски професори.
Нека му е честито и благословено на новиот Митрополит, а неговиот подвиг на нивата Господова – плоден и достоен!