crkva.porta.jpg

 Не го одвраќај Лицето Свое од слугата Твој, зашто сум во неволја, брзо услиши ме, слушни ја душата моја и избави ја. Нека ми помогне, Боже, Твоето спасение. Нека видат бедните и нека се развеселат. Барај Го Бога и душата твоја ќе живее.
Вечерна, четврта седмица од постот

 

Поуки на светите отци: На човекот е својствено да падне и по секој пад да стане. Но на ѓаволот и само на ѓаволот му приличи да не станува кога ќе падне.
 Свети Јован Лествичник

 Како кандило светлоносно кое што на помрачените им се јави, Светата Дева ја гледаме: зашто оган невештествен палејќи, сите во мудрост Божествена ги води, со блесок умот го просветува и честена е со восклици вакви: Радувај се!
Од Акатистот на Пресвета Богородица

 Молитва:
 Господи, Те молиме, не одвраќај Го Лицето Твое од нас... Сепак, колку пати, Господи, го одвраќаме лицето свое од Тебе грешејќи секој ден и секој час... безброј пати! Но, покажи ни го, Господи, бескрајното милосрдие Твое зашто настојуваме да Те љубиме со сиот свој ум, срце и душа. Амин.

 Читање од Светото Писмо:
 Исаија 29, 13-23
 Битие 12, 1-7
 Соломонови Изреки 14, 15-26

 Созерцание: Затоа рече Господ: овој народ со устите свои Ме почитува, а срцето им е далеку од Мене...
Исаија 29, 2

Подготви: А.Л.


Од Православен календар на МПЦ        

Преподобен Бенедикт     27/03/2009

sv.Benedikt.jpgРоден е во Нурсиската област во Италија во 480 година од богати и угледни родители. Не се задржа долго по школите, зашто брзо увиде дека заради книшкото учење може да го изгуби „големиот разум на својата душа“. Од училиште излезе како „ ненаучен мудрец и разумен незнајко“. Побегна во еден манастир, каде прими монашки чин од монахот Роман и се повлече во една недостапна гора, па остана во една пештера трудејќи се околу својата душа повеќе од три години. Роман носеше леб и го спушташе со јаже од една стрмна карпа до влезот на пештерата на Бенедикт. Кога се прочу по околината, за да ја избегне човечката слава побегна оттаму. Беше многу суров кон себе. Еднаш кога го спопадна демонот на блудот, се соблече гол и се валкаше по коприви и трња сѐ дури не отстрани од себе секаква помисла на жена. Бог му даде многу духовни дарови: беше проѕорлив, исцелуваше болни, изгонуваше демони, воскреснуваше мртви, им се јавуваше на луѓето и на јаве и на далечина и во сон. Еднаш проѕре дека чашата со вино што му ја дале е отровна. Ја прекрсти и таа пукна. Устрои дванаесет манастири, во секој од нив по дванаесет монаси. Подоцна се создаде посебен ред на бенедиктинци, којшто и денес постои во Римската црква. Шест дена пред смртта нареди да го отворат неговиот гроб, кој беше подготвен отпорано бидејќи светителот го провиде својот крај. Ги собра сите монаси, ги посоветува и Му го предаде својот дух на Бога, Кому верно Му послужи во сиромаштија и во чистота. Неговата родена сестра Схоластика живееше во еден женски манастир и по примерот на својот брат и самата се подвизуваше тврдо и достигна големо духовно совршенство. Кога Свети Бенедикт ја испушти својата душа, двајца монаси, едниот на пат а другиот во една оддалечена келија, молејќи се видоа истовремено исто видение: пат од земјата до небото послан со скапоцени ткаенини и по страните осветлен со редици луѓе; на врвот од патот стоеше еден човек со неискажлива убавина и блесок, кој им рече дека патот за Бенедикт, кој Му е омилен на Бога, е подготвен. Од ова видение двајцата браќа дознаа дека нивниот игумен замина од овој свет. Свети Бенедикт се упокои во 543 година.

Свети Евсхимон, епископ Лампсакиски     27/03/2009

Во времето на иконоборството претрпе гонење и затвор. Се упокои за време на царот Теофил иконоборец (829 г. – 842 г.).

Свети Теогност, митрополит Киевски     27/03/2009

По потекло Грк. Преемник на Св. Петар Киевски. Многу страдаше во монголската орда од Џинибек. Неговите луѓе, Русите, го наклеветија кај монголскиот цар дека не плаќа кај царот никаков данок за својот чин. Кога царот го повика и го праша за тоа, тој одговори: „ Христос, нашиот Бог, Својата Црква ја искупи од незнабожците со Својата чесна крв. Зошто сега би им плаќале данок на незнабожците?“ Најпосле некако се ослободи и се врати дома. Се упокои во Господ во 1353 година.  

 

Посети: {moshits}