На празникот Петровден Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија на која ја одржа следната беседа:

 

Тело и крв не ти открија тоа

 

Кога дојде Исус во земјата на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: „За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?“ Тие одговорија: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а некои за Еремија или за еден од пророците“.

Он им рече: „А вие за кого Ме мислите?“ Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“.

Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти открија тоа, а Мојот Отец, Којшто е на небесата; и Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат; и ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе разврзеш на земјата ќе биде разврзано и на небесата“ (Матеј 16, 13-19).

Деца, се сеќавате што ви реков во беседата „ловци на луѓе“, отприлика дека оние духовни чеда кај кои духовниот отец преку правилно духовното раководство ќе успее верата да им ја претвори во опит и во знаење, никогаш повеќе нема да ги изгуби. И во денешново евангелие Богочовекот ни говори не толку за права вера колку за прав опит и за знаење произлезено од него, односно за знаење како откровение кое произлегува од подвигот за градење на заедницата со Бог, а не за знаење кое произлегува од читање на книги, односно од тело и крв. Тоа е значи сигурниот камен на кој и со кој Богочовекот Христос ќе ја изгради Црквата Своја и Која вратите на пеколот нема да ја надвладеат. Ајде што вратите на пеколот не можат да ја надвладеат Црквата, затоа што таа е непобедливото Тело Христово кое воскресна и седи оддесно на Отецот, туку тие не можат да ги победат и сите оние кои се носители на знаењето и откровението што произлегуваат од живиот опит на Бог во срцето, што е дар на Светиот Дух Господ. Вратите на пеколот можат да бидат само, а и потребно е да бидат, дел од нивниот опит во борбата со духовите на злобата од поднебесјето, но никако и да ги надвладеат. А за тој опит, друг пат.

Тоа што Христос му се обраќа на Петар и го ословува директно, му се обраќа како на прв меѓу еднаквите по чест, а не како на прв по власт. Неправилното сфаќање на ова клучно евангелско случување предизвикува негово погрешно еклисиолошко толкување и многу недоразбирања потоа. Му се обраќа Господ на Петар како на прв меѓу еднаквите по чест кој во тој момент ги изразува и сведочи верата и опитот на сите Апостоли, а не само својата вера и својот опит. Господ Исус ги праша сите Апостоли, но согласно воспоставениот ред, кој до ден денешен важи во Православната Црква, првиот помеѓу еднаквите по чест го обзнани мислењето на сите и проговори во име на сите. Или некој си мисли дека останатите Апостоли така случајно го следеа Христос и немаа што да кажат, па вади и погрешни заклучоци од тоа свое мислење?

Христовото слово за клучевите од Небесното Царство може да се разбере само во контекст на посебната Тајна на Апостолско преемство. Колку да се потсетиме, Апостолското преемство истовремено е и подучување и Предание на вистинската вера (на Вистината) и светотаинско Предание, што значи совршување на Божествената Евхаристија и другите свети Тајни – ‘раздавање на благодатта’. Вистината на Црквата (вистинската вера) е пред сè несоздадена и ‘обожителна’ благодат и дар (харизма) Божји, Откровение Божјо, и е суштински неразделна од светотаинскиот (харизматичниот) живот на Црквата, неразделна е од благодатта на светите Тајни. Така што, таму каде што нема Вистина нема ни свети Тајни, и обратно, таму каде што нема свети Тајни нема ни Вистина. Апостолското преемство, пак, не се стекнува по автоматизам и, затоа, не може да биде дејствително и ефективно ако оној што го прима нема внатрешна духовна подготовка за него. За ѓаконски чин тоа е сериозно чекорење по патот на очистување на срцето од страстите; за презвитерски чин тоа е нивото на просветлување на умот; а за Епископскиот чин тоа е нивото на обожение на целата личност. Кажаново не е поентата, кажаново е само потсетување.

Клучевите на Небесното Царство не се друго туку поставување на ред и поредок во Црквата Божја, како и поставување на некој којшто ќе го чува и што ќе го одржува, и врз основа на тој ред и поредок создавање на атмосфера за исцеление на нашиот паднат (односно горд, расеан и затемнет) ум. Овој ред, поредок и хиерархија мора да се почитува ако некој сака да влезе во Царството Небесно и не постои друг начин или некаков калауз место вистинскиот клуч, затоа што Самиот Бог го надгледува влезот. Овој ред и поредок мора да го почитуваат и оние на кои тој им дава надворешно пред сè чинови, права и власт, но исто така и оние на кои тој им дава надворешно само позиција на потчинување и на послушание. Клучевите на Царството за оние кои ги држат во своите раце се меч со две сечила. Со тој меч тие можат да пресечат за добро на Црквата, а можат и духовно да се самоубијат. Ова е наједноставното објаснување.

Може ли некој сега, деца, да ми одговори како клучевите, или власта, може да се употребат за добро на сите во црковната заедница или да се злоупотребат само за своја сопствена штета; затоа што, како што рече Господ „вратите на пеколот нема да ја надвладеат Црквата“? И може ли некој да ми одговори како позицијата на потчинетост и послушност може правилно да се искористи и да донесе добро на сите во Црквата или да ми даде пример како истата може да не се сфати и да не се живее правилно; и духовно да го осакати оној што така постапува? Одговорот на овие две прашања е поврзан со условното право на свештенството да врзува и разврзува.

 Митрополит Струмички Наум

Посети: {moshits}