Bogorodica.carDavidiSolomon.jpg

ПСАЛМ 11

Молитва за помош

1 Помагај, Господи, зашто не остана побожен, ги снема верните меѓу синовите човечки!
2 Лага му кажува секој на ближниот свој; од дволично срце устите зборуваат лага.
3 Нека ги истреби Господ сите лажливи усти и секој јазик што се возвеличува;
4 оние што зборуваат: „Јазикот е наша сила; устата ни е со нас; кој е господар над нас?”
5 „Заради страдањата на сиромасите и лелекот на бедните ќе се кренам сега, вели Господ, ќе му донесам спас на оној што копнее по него.”
6 Зборовите на Господ се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено.
7 Ти, Господи, ќе не одбраниш и ќе не запазиш од овој род довека.
8 Нечестивите одат наоколу, додека ниските работи се возвишуваат меѓу луѓето.

 

 


vinjeta.m.jpg

 ПСАЛМИ

Вовед

Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.

Извор: БИБЛИЈА

Издавач: Библиско здручение на Р.Македонија