Саботата, 17 Март 2012, денот кога се слават преподобните Јован Посник и Герасим Јордански засекогаш ќе остане забележан во историјата на МПЦЕАНЗ и целата МПЦ-ОА.  Од светата рака на Неговото Високо Преосвештенство, Митрополит Преспанско – Пелагониски и администратор Австралиско – Ново Зеландски, заедно со целото Негово свештенство и преподобно монаштво и верниот народ кој специјално за овој чин дојдоа од Мелбурн, Њу Кастл, Волонгонг, Порт Кембла, Перт, Бризбен, Камбера, Квинбиен и секако најмногу од Сиднеј, се преосвети обесветениот црковен храм на св. Петка, во Рокдаел, Сиднеј во државата Нов Јужен Велс.

Токму за време на Велигденските пости кога искушенијата се поголеми и почести по промисла Божја, токму пред неделата на Чесниот Крст, кога светиот и животворен Крст се полага во средината на секој Православен храм, за да не поткрепи во текот на Велигденскиот пост се случи духовна и национална радост во МПЦ св. Петка во Сиднеј и целата МПЦЕАНЗ.

Во воздухот се пројавуваше чуството дека Бог е со нас, по молитвите на св. Петка, која се радуваше дека овој храм повторно ќе биде духовна бања и храм за спасение на човечките души. Кога Архиерејот ја благословуваше црквата со осветена вода и говореше: “се осветува оваа црква со благодатта на Светиот Дух, со попрскувањето на ова света вода”,  целиот народ радосно извикуваше: “Амин!”

Радостта беше неизмерна со светли лица и солзи радосници, верниот народ го славеше својот Архиереј, кој како духовен пастир, се грижи за спасението на своето паство. Откако црквата се преосвети и подготви за Богослужба  се одслужи света архиерејска Литургија на која верните, кои предходно се подготвувале со пост, молитва и исповед се причестија со Светите Тајни Христови.

Нека ни е за многу години и како што Неговото Високо- Преосвештенство во пригоданата беседа рече: “Дај Боже, да биде еден пастир и едно стадо!”

 

 

Повеќе:

 http://www.mpceanz.org.au/%D0%B2%D0%BE%D1%81%D0%BA%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%B5-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B4-%D0%B2%D0%BE%D1%81%D0%BA%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%B2%D0%BE-%D0%BC%D0%BF/

Drugo:


http://www.youtube.com/user/MPCEANZ