Столе Попов: Посакувам Македонците да се идентификуваат со „До балчак“

Среќен сум што дојде време „До балчак“ да го види пошироката публика. Презадоволен сум од тоа како изгледа филмот. Го остварив тоа што ми беше сон. Основна работа за мене е филмот да допре до публиката, таа да се идентификува со него. Денес има филмови што траат по 70 минути, а на времето тоа беа телевизиски филмови. Точно е дека нашиот филм е долг (трае 165 минути) и во тоа ми е и предизвикот, оти голема работа е да им го задржете вниманието на гледачите. Со овие зборови режисерот Столе Попов ја најави скопската премиера на филмот „До балчак“, закажана за вечерва во 21 часот во киното „Милениум“. Од 20.30 часот е закажан црвен тепих на кој ќе продефилираат ѕвездите од филмот. „До балчак“ од наредната недела ќе се прикажува и во другите градови во земјава, а наскоро се очекува и во „Синеплекс“. Премиерата беше на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

За македонската кауза

Вистинската естетска вредност на филмовите е публиката да ги гледа, а не дали собрал награди. Актерите, вели Попов, се најсветлата точка во филмот, кој имаше големи продукциски и технички проблеми.

- Мене никогаш не ми значеле наградите, на крајот остануваат филмовите. Моите филмови живеат со публиката веќе цели четири децении, се надевам дека и со „До балчак“ ќе биде така. Особено сакам Македонците да го гледаат филмот, најмногу затоа што зборува за суштината на македонската кауза и длабокото исконско чувство на слобода. Ова е филм за обичните луѓе. Без здравиот дух на актерите, немаше да успееме да го снимиме филмот – вели Попов.

Улогите во филмот ги толкуваат: Сашко Kоцев, Мартин Јорданоски, Инти Шрај, Тони Михајловски, Сенко Велинов. Дел од нив не ја кријат радоста што играат во овој комплексен проект. Kоцев раскажува, кога првпат се појавил на аудиција за филмот, не знаел какво точно е сценариото, ниту, пак, знаел многу за ликот Kрсте.

- Но, уште на првата аудиција, се вљубив во улогата и си велев дека таа сигурно ќе биде моја, кога кастинг-директорот ми кажа дека тоа е всушност главната улога. Големо професионално искуство ми е снимањето на филмот. Во прво време имав страхопочит кон режисерот, па премолчував кога нешто немаше да ми се допадне, с` додека еден ден не се скаравме на сет и реков дека го напуштам филмот. Но, се вратив и од тој ден се разбиравме многу едноставно – раскажува Kоцев.

Неговиот колега Сенко Велинов признава дека речиси 30 години чекал да се сними филмот. Тој имал 20 години, кога на час на Факултетот за драмски уметности професорот Горан Стефановски им рекол на студентите дека напишал текст и им го прочитал.

- Уште тогаш знаев дека е полн погодок и дека мора да се снима. Затоа премиерата во Скопје е празник за актерите, за кинематографијата, за државата, воопшто. Се радував на секој ден од снимањето - додава Велинов.

За „Оскар“ мора да се лобира

Со помало филмско искуство меѓу нив е Мартин Јорданоски. Најголем предизвик за него во филмот било да го совлада францускиот говор. Тој е особено благодарен на колегите што му помогнале да се соочи со големото филмско искуство.

„До балчак“ е наш кандидат за „Оскар“ за странски филм. Неопходно е да се лобира, за филмот да има поголем меѓународен успех, а наградите не се важни, категоричен е Попов.

- Четири мои филма биле кандидати за „Оскар“ во времето на Југославија. Во 1991 година, инсистирав „Тетовирање“ да биде прв филм што ќе ја претстави Македонија, но поради тоа што официјално не бевме влезени во Обединетите нации, од Академијата грубо ни го одбија филмот. Многу политика се врти во филмскиот свет. А годинава слушам Kосово, кое нема ни независност, ќе има свој претставник. Имам искуство и знам дека најважно е колку членови на Филмската академија ќе ги натерате да го гледаат вашиот филм. Секоја јавна презентацијата треба добро да ја изработите. Не е важно само филмот да се сними, ами да се вложи и во неговата промоција. Kога го прикажувавме „Среќна Нова ‘49“ во Лос Анџелес, срамежливо го поканивме големиот Елија Kазан да дојде. Не само што дојде, ами со себе донесе и неколку пријатели од филмскиот свет - раскажува Попов.

На прашањето дали би ги искористил личните контакти за поголема странска промоција на филмот, тој одговори дека не е човек што сака самиот да си ги промовира филмовите.

- Можеби некои можат, јас не сум таков – рече тој. (С.Ѓ.)

Секој филм прво мора да привлече внимание

Директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески истакна дека веќе е организирана проекција пред членовите на Академијата, што го организира „Европската филмска промоција“.

- За еден филм да успее пред членовите на Филмската академија, претходно мора да им привлече внимание, да има фестивал, критика, награда. Можете официјално да ги поканите на проекција, ама тоа не значи дека ќе дојдат – вели Башески.

Тој додаде дека „До балчак“ ќе биде понуден и на претселекцијата за Берлинскиот филмски фестивал што ќе се прави во ноември.


Извор:Дневник