Не е тешко од музикална нација да се изградат врвни пијанист


 

  

  
 
 

  
  
Професијата пијанист со себе носи голема одговорност. Кај нас има многу пијанисти, но малку од нив ја сфаќаат сериозно оваа професија. Вистински пијанист е оној што има изградено комплексен репертоар, кој често настапува, рецитално, но и како солист со оркестар, вели младиот музичар Кристијан Каровски, кој синоќа настапи во концертната сала на ФМУ   
   
  
КРИСТИЈАН КАРОВСКИ, ПИЈАНИСТ

Пијанистот Кристијан Каровски (роден 1986 г.) синоќа одржа рецитал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Пред публиката се претстави со дела од Шуман, Шуберт и од Брамс. Овој млад солист, дипломец во класата на професорот Борис Романов, е исклучително продуктивен инструменталист, кој редовно настапува на домашните подиуми и секогаш се претставува со нови музички дела пред публиката. Добитник е на повеќе државни и интернационални награди, а во моментов работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.

Изборот на дела со кои се претставите пред публиката имаше романтичарски предзнак. Имате посебен афинитет кон делата од романтизмот, или сакавте тематски да го обедините во еден стилски концепт?
- Па, да. Романтичниот период ми е поприроден за изведување, но сепак не би сакал да се ставам во одредена стилска рамка. Секогаш настојувам да се претставам со различна програма пред публиката. Важно ми е да не изведувам секогаш исти дела. Веќе неколку години на сите мои досегашни настапи свирам само нова програма. Долго ја осмислувам програмата пред секој настап. Важна ми е стилската и карактерната поврзаност на делата за секој концерт.

Речиси секој пијанист има посебен афинитет кон одреден композитор или стилска епоха. Имате ли омилен композитор?
- Најприроден за изведување ми е импресионизмот, особено делата на Клод Дебиси и на Морис Равел.

Вие сте еден од студентите на професорот Борис Романов. Од класата на овој професор излегоа низа пијанисти што успешно се етаблираа на нашата, но и на светската сцена. Колку е важно образованието за креативната едукација на еден пијанист?
- Руската школа што ја донесе професорот Борис Романов во Македонија е докажана многу одамна на престижни светски натпревари. Мислам дека на професорот не му беше тешко од оваа музикална нација да изгради врвни пијанисти.

Се сфаќа ли сериозно професијата пијанист кај нас?
- Пијанист не е само човек што свири на пијано. Професијата пијанист со себе носи голема одговорност. Кај нас има многу пијанисти, но малку од нив ја сфаќаат сериозно оваа професија. Вистински пијанист е оној што има изградено комплексен репертоар, кој често настапува, рецитално, но и како солист со оркестар. Македонската публика често има погрешна претстава за оваа професија. Стручната јавност сѐ уште го памети концертот на славниот Свјатослав Рихтер на „Охридско лето“ во 1963 година, кога се претстави со три сонати од Бетовен, опус 109, 110 и 111. На таков репертоар мислам кога зборувам за значењето и одговорноста на еден сериозен пијанист.

Домашните пијанисти често се жалат дека не добиваат доволно простор на нашата сцена и дека сѐ поретко имаат можност за настапи. Го делите ова мислење или сметате дека настапите пред сѐ зависат од индивидуалниот ангажман на изведувачот?
- Мислам дека треба да се обрне повеќе внимание на домашните пијанисти. Во нашава земја настапуваат куп странски пијанисти, кои не се подобри од домашните. Институциите треба да водат поголема грижа за афирмација и на нашите изведувачи.

Доволно ли се отворени македонските оркестри за соработка со домашните изведувачи?
- Реално, освен Македонската филхармонија, ние немаме друг симфониски оркестар. Треба да се формираат уште симфониски, или барем камерни оркестри, кои редовно ќе концертираат. Така би имале повеќе шанси за настап. Вака, можноста за настап со симфониски оркестар е навистина минимизирана, а знаеме колку се важни овие концерти за креативното развивање на еден пијанист.
  
   
Автор: Ангелина Димоска 

Извор: Нова Македонија