Премин Портал беше во посета на Македонската Православна Богословија при што присуствуваше на пробата на хорот „Јустинијана прима“ кој работи во рамките на Богословијата и притоа сними материјали кои ќе бидет ставени на веб страната, како поздрав од идните македонски духовни пастири.




Разговаравме со професорот на Катедрата по Црковно пеење чтец протопсалт Георгиј Секулоски.


Со одлука на Светиот Архиерејски Синод на нашата Родна Црква пред три години е возобновено источното црковно пеење во Светиклиментовата диецеза. Со тоа древните традиции се возобновуваат и истовремено се исправаат старите неправди, кои со укинувањето на Охридската Архиепископија од иноверната власт, се случувале во текот на двеста години, се до нејзиното обновување во лицето на Македонската Православна Црква, ете оваа година славиме значаен јубилеј - 40 години самостоен црковен живот. Терминот ,,источно” доаѓа од црковнословенскиот ,,источник” и се преведува како ,,извор”, што значи дека изворното пеење на Едната, Света, Соборна и Апостолска, Православна Црква постепено се враќа и во храмовите на нашата Помесна афтокефална Црква.



О Тебе радуетсја

С
о укинувањето на Охридската Архиепископија Македонија стана упориште на разни јурисдикции, првенствено на Цариградската, а потоа по нејзиното создавање, на Бугарската Егзархија.


 
Тие две јурисдикции долго време се бореле која да ја добие превласта. Но со поделбата на Македонија во 1913
година, денешната територија на Република Македонија потпаѓа под духовно администрирање на Српската Црква, кое е ,,озаконето’’ во 1922 год. кога Кралството СХС ги купува епархиите во Вардарска Македонија од Цариград. Тогаш во македонските древни храмови е воведено недуховното, фолклоризирано т.н. ,,српско народно”, па дури
потоа ,,црковно појање” од световниот композитор Стеван Мокрањац. Тогаш тоа е во склад со започнатиот процес за духовна и национална асимилација на македонскиот народ. Оваа стара неправда во Македонија се задржа скоро 80 години. Но, како што рековме со одлуката на Свештениот Синод на Македонската Православна Црква пред три години се возобнови црковното пеење така што сега на самата нејзина прослава на 40 – те години автокефалија, ние имаме веќе организирани певници со нашето изворно црковно пеење, како што биле некогаш во редот на славната и древна Охридска Архиепископија.
Источното – црковно пеење уште се нарекува и византиско заради стилот ( начинот ) по кој се произнесува. Тој стил или правец во црковните уметности го имаме во архитектурата, фрескосликарството, иконописот итн. За пример може да ги наведиме Плаошник, Курбиново, Трескавец, како и сите наши манастири од средниот век.
Нема да биде грешка кога источното пеење би го нарекле уште и македонско, затоа што во Македонија и друго црковно пеење немало, а еден од најзначајните претставници на оваа псалтикијна уметност е светиот Јован Кукузел, кој родум е од Дебар, западна Македонија. Ова е нашето, старото македонско изворно пеење, друго сме немале.


За значењето на црковното пеење и неговата примена во молитвениот живот на Црквата, ние читаме уште во Евангелието, кога на Тајната Вечера Самиот Господ Иисус Христос со своите апостоли пеел благодарствена песна (Мат.26.30). Со тоа пеењето е Боговостановено во новозаветната Црква како начин на служење и благодарење. Апостолите, верни на својот Божествен Учител, сигурно сочувале дел од мелодиите, кои ги пеел Спасителот и преку усното предание, кое се чува неповредено во Православната Црква, им го предале на своите намесници – епископите и така преку делата на оците од првите три века: Св.Игнатиј Богоносец (тој го воведува антифониот начин на пеење – на две, десна и лева, певници), Св.Јован Златоуст, Св.Василиј Велики; подоцна Св. цар Јустинијан се јавува како автор на литургиската химна ,,Единородниј Сине”; во осмиот век сето ова огромно духовно и музичко наследство се систематизира со создавањето на Осмогласникот од светиот Јован Дамаскин и Св. Роман Слаткопевец; во 12 век свети Јован Кукузел Ангелогласниот на музичкото писмо додава уште 40 знаци и го воведува т.н. ,,пространо” или широко пеење, каде на многу места ке забележиме влијанија од македонската изворна музика; во 18-19 век, паралелно со Реформата на Тројцата учители - протопсалти во Цариград, во Македонија се јавуваат плејада на псалти како што се: Калистрат Зографски, Димитар Градоборски, Јован Хармосин Охридски, Наум Миладин, подоцна Манасиј поп Тодоров итн., кои оставаат значајно музичко и духовно наследство. Значи има една плејада на знајни и незнајни, дури и денес, сеуште дознаваме за нови и нови автори кои се јавувале и чии ракописи, во буквално ракописна, не во печатена форма, и ден денеска ги пронаоѓаме во некои од црквите во Македонија. Полето за тоа колку застапено било ова наше црковно пеење, допрва ќе се истражува. Тоа им го оставаме на младите богослови кои веќе го изучуваат, зашто во оваа фаза, мојата работа како професор тука е, јас да ги научам, да ги поставам темелите, а тие ќе ја градат куќата. Тука би истакнал дека на Катедрата по Црковно пеење во Македонската Богословија работиме двајца професори, меѓу кои и достопочитуваниот проф.д-р Јане Коџабашија, кој е заслужен за поновите откритија во оваа област (ракописите на Андон Шахпаски, Васил Бојаџиев итн.).

Од досега кажаното, ќе забележиме дека источното, свештеното пеење на Источната Вселенска Православна Црква е наследство и светителско творение на сите православни народи кои ја исповедаат живата вера во Живиот Бог, тоа е од Бога и од сите за сите и за никого посебно, ниту може да биде себично присвојувано од некој. Македонија, т.е. христољубивиот македонски народ е нераскинлив дел од оваа света традиција.


За тоа колку е значајно пеењето во Црквата, светиот апостол Павле ќе им напише на Ефесјаните: ,,…усовршувајќи се со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши...” (5.19), што значи дека апостолот го смета пеењето како средство за усовршување во верата. Свети Јован Златоуст исто ќе каже: ,,Нашите гласови се слични на жиците од гитарата, кои даваат различни тонови, создавајќи хармонија на побожност. Зашто по вера се разликуваат по врсти, но не се разликуваат по заедничкото пеење. Истиот ритам, кој управува со гласовите, прави од нив единствена мелодија, како што вели Давид, кога ги повикува сите поколенија во иста симфонија, говорејќи: ,,Се што дише нека го фали Господа” (пс.150.6). Светиот отец Василиј Велики, пак, за црковното пеење истакнува дека ,,пеењето им дава убавина на богослуженијата, создава жалост по Бога, оти пеењето е дело на ангелите, на небесното живеење, духовен темјан. Тоа е премудар изум на Учителот, кој уредил истовремено да пееме и да се учиме на корисно. Преку него подобро се впечатуваат поуките.”


Источното – црковно пеење поседува голема духовна сила и затоа сакаме за крај, како порака до посетителите на Премин Порталот да испратиме, парафразирајќи, една мисла на Евсевиј Кесаријски за црковното пеење: Ние ги пееме божествените похвали со жива гитара, продуховена и преку духовно пеење, зашто она ,, што најмногу од сите инструменти Бог сака - е соединување на целиот народ во пеење на псалми и химни”. Така да се соединиме сите православни по сета вселена. Амин Господи, така да биде.

Во иднина, превземаме обврска спрема читателите на ПреминПортал, да подготвиме еден поопширен текст за црковното пеење и уметност, каде што ќе ги обработиме повеќето прашања кои би произлегле, а се поттикнати од овој прилог.