Заповедите Христови им се дадени на сите христијани за да се придружуваат кон нив; тие се како данок кој треба да му се плати на царот. Секој што рекол: „Нема да платам данок“ избегнал ли казна? Но, во светот, има големи и прославени луѓе кои не само што давале данок, туку принесувале дарови, удостојувајќи се со високи почести, благодети и почитување. Така и светите отци не само што ги зачувале заповедите, туку и дарови Му принесувале на Бога. Овие дарови се девственоста и сиромаштвото. Овие не се заповеди, туку дарови. Никаде не е напишано: не земај жена или немој да раѓаш деца“. Ниту пак Христос ја дал заповедта: „продај сè што имаш“! Кога Му пристапил законикот и рекол: „Учителе благи, што добро да сторам за да имам живот вечен“?, Тој му одговорил: „Ги знаеш заповедите – не убивај, не прави прељуба, не кради, не сведочи лажно против својот ближен“ итн. А, кога пак законикот Му возвратил: „Сето ова сум го сочувал од младоста своја“, Тој додал: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди и продај сè што имаш и раздај го на сиромасите“ итн. Гледате, Тој не вели: „продај сè што имаш“, како заповед, туку како совет. Тоа е јасно од зборовите: „ако сакаш да бидеш совршен“.
    Како што рековме, Божјите отци, освен останатите добродетели, Му принесувале девственост и сиромаштија. На себе го распнале светот, но се подвизувале и себеси да се распнат за светот. Како што вели апостолот: „Светот е распнат за мене, а и јас за светот“.  Во што е разликата? Светот се распнува за човекот доколку човекот се откаже од светот – односно ако тихува, ги остави родителите, богатството, имотот, трговијата, професијата. Тогаш тој го распнува светот во себе, бидејќи го остава светот. Тоа е она што го вели апостолот: „Светот мене ми се распнува. Но, потоа додава: „И јас за светот“. Како може човек да биде распнат за светот? Откако ќе се одрече од надворешните задоволства, се подвизува и против своите наслади, или против самата желба да поседува нешто и против својата волја, а исто така ги умртвува злите страсти. Тогаш и тој се распнува за светот, удостојувајќи се да каже со апостолот: „Мене ми се распнува светот и јас за светот“.
    Нашите отци, како што реков, распнувајќи го светот во себе, се труделе и себе да се распнат за светот. А ние мислевме дека сме се распнале за светот кога го оставивме светот и заминавме во манастир, а всушност не сакаме да се распнеме за светот. Сè уште имаме наслада од него; кон неговата слава, кон слатките јадења и облеката. Исто така се случува да сме приврзани кон некој добар алат за работа. Со тоа му дозволуваме на тој мизерен предмет од 100 мери  злато да има ефект врз нас како што вели авва Зосим. Сметаме дека сме излегле од светот, дека го оставивме и дојдовме во манастир, иако заради небитни работи се исполнуваме со световни пристрастија. Од тоа страдаме заради својата голема неразумност, бидејќи ги оставаме големите и скапоцени работи, а заради некакви безвредни нешта се задоволуваме со страстите. Секој од нас оставил нешто – некој оставил многу, некој малку – секој според она што го имал. И доаѓајќи во манастир, како што реков, ги задоволуваме нашите сопствени страсти со безначајни работи кои се безвредни. Сепак не би требало тоа да го правиме. Напротив, како што го отфрливме светот и неговите работи, така сме должни да ги отфрлиме материјалните нешта и да знаеме што е одрекување и зошто сме дошле во манастир, и што е намерата на тоа доаѓање. Исто така треба да се подвизуваме по примерот на нашите отци.
    Нашата облека се состои од подрасник со кратки ракави, кожен ремен, параман и капа. Секој од нив е симбол, а ние треба да знаеме што значи.
    Зошто носиме подрасник со кратки ракави, додека други носат со долги? Долгите ракави означуваат раце, а рацете ни се дадени да работиме. А кога ќе нè нападне помисла за да направиме било што кое е поврзано со „стариот“ човек – на пример да украдеме или да удриме некого – тоа навистина е грев што го извршуваат нашите раце. Затоа треба да се погледнеме себеси и да видиме дека немаме долги ракави, а тоа значи како да немаме раце со кои би направиле какво било дело на непокајан човек.
    Постои уште еден знак на подрасникот: тоа е виолетовата боја. Што означува таа? Секој што се бори за царот има виолетова наметка. Бидејќи царот носи виолетова, така и секој што се бори става виолетова наметка, за да покажат дека припаѓаат на царот и дека за него се борат. Така и ние треба да носиме виолетов знак на нашиот подрасник за да покажеме дека се бориме за Христос, нашиот Цар и дека сме подготвени да претрпиме страдања како што и Тој претрпе за нас. Кога нашиот Владика страдаше за нас, беше во виолетова облека;  прво како цар, бидејќи Тој е Цар над царевите и Господар над господарите,  и затоа што беше исмејуван од нечестивите војници. Затоа, имајќи и ние виолетова боја како знак, даваме ветување, како што реков, дека ќе поднесеме сè што Тој страдаше. Војникот не ја напушта својата служба за да стане земјоделец или трговец, инаку би бил посрамотен. А апостолот вели: „Никој кој служи како војник не се вплетува во работите на секојдневниот живот, за да му угоди на својот војсководач“.  Затоа и ние сме должни да се вежбаме за да ги занемариме светските работи, и да Му се посветиме на Бога, односно да бидеме, како што е речено, „посветена и приврзана девојка“.
    Ние исто така имаме ремен. Зошто го носиме? Ременот што го носиме најпрво е симбол дека сме подготвени за работа. Секој што сака да работи, најпрво се опашува, па потоа започнува со работата, како што вели апостолот: „Нека ви биде половината препашана“.  И повторно, како што ременот е направен од еленска кожа, која е знак за телесно умртвување, така и ние треба да ги умртвиме плотските страсти.  Ременот се носи околу половината, од каде што, како што се вели, произлегуваат развратните страсти. И тоа е она за кое апостолот говори: „Умртвете ги органите од земната природа во вас, односно блудот, нечистотијата“ итн.  
    Ние носиме параман и тој се става крстовидно на нашите рамења: тоа означува крст, како што Христос рекол: „Земи го својот крст и врви по Мене“.  А што е крстот, ако не целосно умртвување кое се остварува преку нашата вера во Христа. А верата, како што се кажува во делата на светите отци, „секогаш ги отстранува препреките и нè ослободува од работата која нè води кон ова совршено умртвување“,  - а тоа значи човекот да ги умртви приврзаностите од овој свет. Ако ги оставил родителите, имотите, богатствата; тогаш преку борба нека се откаже од својата волја и од пристрасноста. Тоа е совршено одрекување.
    Исто така носиме капа: тоа е симбол на понизност. И малите деца носат капа незлонамерно. А ние ја носиме заради оваа причина: за да бидеме со злоба мали деца, како што вели апостолот: „По умот немојте да бидете како деца, за злото бидете како дечиња“.  А што значи детинеста злоба? Во детенцето нема злоба. Ако не го провоцираме нема де се гневи; ако му се укаже чест, тоа не е суетно. Она што му се одзема не го загрижува. Да се биде со детинеста злоба значи да се нема желба за освета и да не се бара слава.
    И повторно капата е симбол за Божјата благодат. Бидејќи, како што ја покрива и ја грее главата на детето, така Божјата благодат го покрива умот, како што ни зборува Старечникот: „Капата е симбол на Божјата благодат на нашиот Спасител, која го покрива она што е над нас владетелно, и го штити нашето детинство во Христос, на сметка на ѓаволските постојани напади и повреди“.
    Значи го имаме ременот околу половината кој е умртвување на неразумните страсти; а на рамената параманот, кој е крст; и капата која ја симболизира невиноста на детството во Христос.
    Живееме, како што велат отците, по образот наш за да не го носиме туѓиот.  Како што се откажавме од големите нешта, да се откажеме и од малите нешта. Ако се откажавме од светот, да се откажеме и од неговите страсти; зашто преку малите незначајни нешта пак се приврзуваме со светот, без да бидеме свесни за тоа. Ако сакаме совршено да се откажеме и ослободиме од светот, прво треба да се одречеме од нашата желба, но со Божја помош. Малку по малку, ќе направиме напредок во смирението. На луѓето ништо не им носи корист како отсечувањето на својата волја; и така човекот си го подготвува патот за скоро сите добродетели.
    Ако патникот на својот пат најде стап и го земе со себе, несомнено многу ќе му помогне на патувањето. Тоа се случува и со оној кој оди на патот на отсекување на својата волја. Од ова отсекување на својата волја се доаѓа до смирение, а од смирението доаѓа, со Божја помош, до совршено бестрастие.  
    Така за кратко време може да се отсечат десет такви страсти. Некој ќе излезе да прошета малку. Неговите помисли му велат: „Оди таму и истражувај“. А тој одговара на помислата: „Не, не сакам и ја прекинува помислата“. И повторно, кога ќе сретне некои кои напразно зборуваат, помислата му вели: „Оди и кажи и ти нешто“, а тој ја отсекува помислата и не зборува. Или повторно помислата му говори: „Оди и прашај го готвачот што се готви“?, а тој не оди и ја отсекува помислата. Потоа гледа нешто друго и помислата му вели: „Оди и прашај, кој го донел тоа“?, а тој ја отсекува помислата и не прашува. Малку по малку, човекот достигнува состојба на големо одрекување и тоа без никаков проблем. На крајот доаѓа до состојба каде ги нема ниту една од овие надворешни помисли, и што и да му се случи тој е спокоен, како тоа да е она што најмногу го посакувал. И така не задоволувајќи ја својата помисла, го прави она што сака да го прави. Немајќи свои фантазии, тој мечтае за секое нешто што му се случува. Одовде, како што рековме, без да се прилепи за нешто, тој од состојба на спокојство доаѓа до состојба на бестрастие.
    Гледате, малку по малку, колку придобивка носи одрекувањето од својата волја. Ова му се случило на авва Доситеј, човек кој се откажал од задоволствата и безделништвото, а кој никогаш не чул збор за Бога. А сепак слушнавте до колкава возвишеност се издигнал благодарение на послушноста и одрекувањето на својата волја.
    Слушнавте како Бог го прославил, не допуштајќи таква добродетел да исчезне од човечката меморија, но откривајќи му на еден од светите старци кој го видел меѓу оние светии каде се насладува во нивното блаженство.
    Ќе ви кажам и за друга слична работа која се случи во мое време, за да разберете како послушанието и отсуството на самоволие го избавуваат човекот од смртта. Во времето кога бев ученик на авва Серидон, дојде друг ученик на големиот старец од Аскалонските краишта за да заврши некоја работа за својот авва. Старецот му рекол да се врати во својата келија по Вечерната. Но, кога требало да замине, се појавила голема бура. Тој сакал да замине како што му кажал старецот. Ние го молевме да остане, гледајќи дека е небезбедно да премине преку реката. Но, тој не сакаше да биде разубеден за да остане со нас. Тогаш рековме: „Ќе одиме со него до реката“. Кога самиот ќе се разубеди, тогаш ќе се врати по своја волја. Излеговме со него и кога се приближивме до реката тој ја соблече својата наметка, се изврза околу главата, го затегна параманот и скокна во реката што беснееше. Ние стоевме изненадени, плашејќи се да не се удави, но тој продолжи да плива и за брзо време се најде на другата страна. Ја облече својата наметка, ни се поклони и продолжи понатаму трчајќи. Ние останавме зачудени и збунети од силината на добродетелта. Додека стоевме во страв, тој премина без страв заради послушноста.
    Исто така еден друг брат беше испратен од неговиот авва за да заврши некоја неодложна работа кај некој посредник во селото. Кога видел дека ќерката на посредникот го привлекува на срамна врска, тој само извикал: „Боже заради молитвите на мојот отец, избави ме“, и наеднаш се нашол на патот до скитот, како оди кон својот духовен отец.  
    Видете ја силата на добродетелта и силата на молитвата. Видете колку помош има оној кој бара помош од духовниот отец во молитвите. Тој само рекол: „Боже по молитвите на мојот отец, избави ме“ и во истиот момент се нашол на патот. Забележете го смирението и разумноста на двајцата. Тие биле во неприлика и старецот посакал да го прати братот кај посредникот. Но, тој не му рекол: „Оди“, туку „Сакаш ли да одиш“? Исто така и братот не му рекол: „Во ред, ќе одам“, туку рекол: „Ќе направам како што сакаш“. Тој се плашел да не падне во грев и да не биде непослушен. И како што биле во неповолната ситуација, старецот му рекол: „Стани и оди“! Тој не му рекол: „Верувам во мојот Бог дека ќе те заштитува“, туку: „Верувам во молитвите на мојот духовен отец дека Бог ќе те чува“. Исто така и братот кога бил искушуван не рекол: „Боже мој, избави ме“, туку: „Боже, по молитвите на мојот отец, избави ме“. Секој од нив се надевал на молитвите на својот отец. Гледате како тие на послушанието му придодале понизност! Како што коњите кои се возглавени во запрежните коли за ниеден да не го претекне другиот, така и послушанието мора да биде возглавено со понизност. Но, кој може да се удостои со оваа благодат, освен, како што реков, ако себеси не се држи строго во отсечувањето на своите страсти и да се предаде себеси, прво на Бога, а потоа на својот духовен отец, без двоумење, правејќи сè со полна доверба како да има послушание кон Бога. Таквиот човек е достоен да биде помилуван, таквиот човек ќе се спаси.

 

Приказната е за блажен Василиј,  кој посетувајќи ги своите манастири, му рекол на еден од игумените: „Имате ли свети луѓе“? „По твоите молитви, владико, сите сакаме да се спасиме“ одговорил аввата. И повторно блажениот Василиј го прашал: „Не! Туку дали овде имате светители“? И аввата, сепнувајќи се (и самиот голем духовник) одговорил: „Да, имаме“, и веднаш пратил луѓе да го повикаат. Кога пристигнал, св. Василиј му рекол: „Измиј ми ги нозете“, а овој излегол да донесе сè што е потребно. Откако му ги измил нозете, св. Василиј му рекол на братот: „Чекај додека јас тебе ти ги измијам нозете“. И братот без противење прифатил да му бидат измиени нозете од светителот. Откако го искушал на ваков начин, му рекол: „Кога ќе влезам во олтарот, влези и ти и потсети ме да те ракоположам“. И повторно без противење, братот покажал послушание, влегол во олтарот и го потсетил св. Василиј. Овој го ракоположил и го зел со себе; зашто кој друг би бил соодветен да биде со светителот, ако не овој благословен брат? А вие немате искуство за послушание, ниту знаете што всушност претставува внатрешниот мир.
    Еднаш, пред да ја знам силата на оваа добродетел (на смирението), слушајќи дека треба низ многу маки да се влезе во Небесното царство,  се уплашив бидејќи немав никакви маки. Кога пак помислите ме нападнаа, јас му пишав на еден од старците. Во оваа прилика му пишав и го прашав авва Јован, ученикот на авва Варсануфиј: „Господаре, бидејќи во Светото Писмо се вели дека низ многу маки ќе влеземе во Небесното царство, јас немам никакви неволји. Што да правам? Нема ли да ја изгубам душата бидејќи немам никакви маки ниту пак грижи? Откако му ги открив помислите во писмото, тој ми пиша одговор: „Не плаши се и не треба да имаш причина за страв, зашто секој што им се предава во целосно послушание на отците секако ќе има таква безгрижност и спокојство на душата“.

 

 

 

 Преподобен авва Доротеј
(кратки податоци за неговиот живот)

Авва Доротеј живеел кон крајот на шестиот и во почетокот на седмиот век. Својата рана младост ја поминал во изучување на светските науки и бил многу работлив. По завршувањето на своето образование извесно време живеел во својата татковина, недалеку од манастирот на авва Серида, можеби во Аскалон и во Газа. Бил во добра имотна состојба. Набргу потоа им се доближил на двајцата големи старци Варсануфиј и Јован, чии поучувања го расположиле да остави сè, да биде замонашен во манастирот на авва Серида, каде живееле и тие двајцата. Под нивно раковотство го поминал своето монашко воспитување. Впрочем, тоа било главно под духовно водство на старецот Јован, извршувајќи ги истовремено и послушанијата, кои му биле возложувани од самиот игумен на манастирот, кој во почетокот му дал задолжение да се грижи за странците и гостите, односно, за одделението, каде привремено престојувале многубројни посетители на манастирот; по ова послушание, бил задолжен со тоа да ја води манастирската болница и да се грижи за лекувањето на болните монаси.

По смртта на авва Серида и на духовниот старец Јован, нивниот заеднички учител, великиот Варсануфиј, потполно се затворил во својата келија. Тогаш и преподобниот Доротеј се оддалечил од општежитието на авва Серида и станал игумен на еден друг манастир. Веројатно од тоа време потекнуваат неговите поученија, кои ги изговарал пред своите ученици. Од него се запазиле до денес дваесет и едно поучение и неколку посланија. Тоа е сè што ни останало во наследство од списите на овој духовен отец, светлината на чие учење се раширила не само во манастирите и меѓу монасите, туку и меѓу христијаните насекаде во светот. Се претпоставува дека се упокоил во Господа околу 620 година. Неговиот спомен се празнува на петти јуни.

(Продолжува)

АВВА  ДОРОТЕЈ ОД ГАЗА

ИЗРЕКИ И ПОУКИ

Скопска православна епархија


СОДРЖИНА:


Прв дел: Поуки

I. За одрекувањето
II. За смирението
III. За совеста
IV. За Божјиот страв
V. За потребата од советување
VI. За неосудување на ближниот
VII. За самоукорувањето
VIII. За злопамтењето
IX. За лажењето
X. На патување по Божјиот пат со будност и трезвеност
XI. За брзото отсекување на страстите пред да постанат лоша навика
XII. За стравот од идните маки и за тоа дека оној кој сака да се спаси не треба никогаш да биде немарен
XIII. За спокојното и благодарствено поднесување на искушенијата
XIV. За структурата и складноста на добродетелите на душата

Втор дел: Пасхалната тајна
XV. За Светиот пост
XVI. Толкување на Пасхалната химна на св. Григориј Низијанзин
XVII. Толкување на химните на св. Григориј во чест на мачениците

Трет дел: Прашања, одговори и поговорки
XVIII. За односите на настојателот и неговите ученици во манастирите
XIX. Разговор со економот
XX. Одговор до некои испосници кои го прашале аввата што мисли за посетите
XXI. За бесчувствителноста на душата и за недостигот од љубов
XXII. Поговорки за духовниот живот

 

5ти јануари 2020 лето Господово

АВВА ДОРОТЕЈ ОД ГАЗА: ИЗРЕКИ И ПОУКИ (1)

АВВА ДОРОТЕЈ ОД ГАЗА: ИЗРЕКИ И ПОУКИ (2)  ...

 

 Друго:

3.angeli.so.truba