логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Дванаесеттата недела по Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија, на 8 септември 2019 лето Спасителово

Трогнува, возљубени мои, тоа кога младите луѓе бараат одговори на големи прашања. Кога се интересираат не само за секојдневните задоволства и суети, туку и за суштествените, онтолошки прашања за животот, како што, на пример, се интересирал младичот од денешното евангелско четиво. Имено, според кажувањето на Евангелистот Матеј – а овој настан ни го пренесуваат и другите Евангелисти – кон Христа пристапил некој млад човек и Му го поставил најзначајното животно прашање: Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен? (Матеј 19,16) Ете пример за едно жедно трагање по вистината, но истовремено и пример, за жал, за едно понатамошно одрекување и заминување од Господа, за што ќе разговараме подолу.

Господ Исус Христос на младиот човек му одговорил: Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите. Младичот, изненаден, Го запрашал Христа: „Кои заповеди?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај ги татка си и мајка си; сакај го ближниот свој како себеси! (Матеј 19,17-18) Т.е. Господ му укажал на Десетте Божји заповеди од Мојсеевиот закон. Очигледно, овој млад човек гледал на овие заповеди како на нешто дамнешно, надминато. Би можеле да констатираме дека и денес многумина го сметаат Декалогот за нешто историско, застарено, невалидно. Младиот човек дури и горделиво Му возвратил на Христа: Сето тоа сум го запазил уште од детството; што ми е уште потребно? Сакал да знае дали има нешто повеќе, нешто посилно, посовршено. Нема сомнеж дека овој човек гладувал по нешто повозвишено, трагал по вистината, по вечноста – сакал да го стекне животот вечен, но, веројатно, немал јасна претстава што е тоа. Премудриот Господ, пак, му одговорил: Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене! (Матеј 19,20-21) Христос, мили мои, е единствениот Срцезналец. Он гледа што има во срцата на луѓето, ги чита и најскриените и најмали нивни помисли. Во конкретниов случај, Он знаел дека младиот човек бил многу богат, но не само тоа – туку и дека неговото срце било прилепено за материјалното богатство, било целосно обземено од страста на среброљубието. Па затоа, кога чул каков е условот за совршенството, т.е. дека ќе треба да се откаже од богатството за кое бил толку силно приврзан, младиот многу се натажил и не можејќи да одговори на Божјата покана, Му го свртел грбот на Христа, заминувајќи си од Него. Колку жално! Пред него стоел вечниот Живот лично, а тој не Го препознал и си заминал од Него… Се изгубил себеси заради нешто минливо. Неслучајно Евангелистите не го споменуваат ни името негово…

Во овој настан, во средбата на Христа со човеков, има еден интересен факт. Имено, младичот Му пристапил на Христа, меѓу другото, и поради тоа што во Него гледал некаков повисок авторитет. Се поклонил пред Него и Му се обратил со зборовите: Учителе добар… Бездруго Го сметал за некој голем Учител, или можеби рабин, подобар од останатите учители и рабини во тоа време. Значи, еден навистина добар Учител, но ништо повеќе од тоа. Не успеал во Христа да Го препознае Бога. Затоа, Христос педагошки го прашал: Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен единиот Бог. Како да му вели: „Само Бог е единствен добар по суштина. Но ако ти не Ме препознаваш како Бог, тогаш зошто Ме нарекуваш добар? И зошто од Мене бараш да ти дадам одговор за животот вечен, кога само Единиот Бог може да ти го одговори тоа?“ Гледате ли? Овој млад човек не Му ја оддавал почитта на Христа како на Син Божји и не го признавал Неговиот вистински авторитет. За него, Христос бил само еден од многуте мали авторитети во неговото опкружување, па макар и да бил малку поавторитетен од другите.

Мислам дека кризата на авторитетот, мили мои, денес е најголемиот проблем во нашево совремие. Погледнете што се случува насекаде околу нас. Сите авторитети се разрушени, сè е така нихилистички релативизирано. Луѓето изгубиле почит кон секаков авторитет. Во денешно време, на пример, младите не го признаваат авторитетот на своите родители, на семејството, немаат обѕир дури ни кон нивното животно искуство. Колку пати сме го слушнале дијалогот кога родителот ќе го поучува своето чедо: „Синко, ќерко, сметам дека во врска со тоа и тоа треба да постапиш вака и вака. Од искуство ти го зборувам ова“. А младите одговараат: „Доста бре, тато, мамо, со тие ваши глупости! Тоа што го зборувате е застарено и одминато“. Родителскиот авторитет е сериозно нарушен.

Но не само тој. Погледнете што се случува во нашиот образовен систем. Постои ли денес воопшто авторитет во образованието?! Нашето образование, за голема жал, е сосема обезобразено. Впрочем, што друго би можеле да очекуваме од едно образование што потполно Го избришало Бога како најголем и единствен по суштина авторитет? Како би можело тоа правилно да го образува „образот Божји“ – човекот, кога од себе Го истиснало неговиот Првообраз? Какви одговори  би им дал тој образовен систем на младите за сите есенцијални прашања за животот, без Христовото Евангелие? Само некаква бледа, субјективна релативност, којашто ама баш ни малку не ја заситува нивната внатрешна жед.

Слична таква ерозија на авторитетот забележуваме и во општествено-политичкиот систем. Можеме ли да кажеме дека денес има некаков авторитет во нашата политичка, јавна, судска, административна сфера? Зарем некој верува во некаков општествен авторитет? Во кого? Во политичарите? Сите гледаме што се случува: неправди, лаги, изневерувања… Едноставно нема авторитет. Навистина многу жално! Во каква само конфузија се наоѓа совремниот млад човек! Да не знае што е правилно, што е вистинско. За жал, за голема жал, денес и Црквата има многу слаб авторитет среде младите. Честопати слушаме како тој и тој владика кажал вака, тој и тој архиепископ го изјавил ова, тој и тој патријарх рекол така и така… И сето тоа нема никакво значение за младите, бидејќи за нив црковното началство изгубило секаков авторитет. А колку страшно е да се релативизира авторитетот! И што е потрагично, дури и самите родители го поткопуваат поимот за авторитет кај своите деца. Колку пати сум слушнал млади луѓе да ми речат: „Отче, откако почнав да доаѓам кај вас в манастир, моите родители многу се противат. Ми велат: ‘Што бараш да одиш во манастир? Не знаеш ли дека таму има наркомани?! Што убаво можеш да научиш на тоа место?’“ И на тој начин самите родители ја уништуваат дури и најмалата надеж за нешто добро кај своите деца. Немојте, родители, да им ја згаснувате на вашите деца таа искра на верата во нешто добро; немојте да им го затворате прозорецот што гледа кон вечното добро! Ќе ги изгубите и ќе ги погубите нивните души. Христос е единствениот Кој со Божествен авторитет за Себе рекол: Јас сум Патот, Вистината и Животот (Јован 14,6).

Но, слава Му на Бога, не сите родители и не сите млади подлегнале на разорниот нихилистички дух на нашево време. Има и такви кои навистина го бараат одговорот, најважниот одговор, за спасението на душата и за вечниот живот. А тој одговор, секако, можат да го најдат само во Црквата Христова. Зашто, имено таа, Црквата, како заедница на живи личности во личносниот Бог, секогаш ги има одговорите на есенцијалните прашања и единствено преку неа се стигнува до спасението и вечниот живот. Да ги земеме за пример монасите. Еве, нашето братство е составено претежно од млади луѓе. Сите тие оставиле сè од овој свет и тргнале по Христа. Не Му го свртиле грбот поради „тешките“ услови, туку го избрале подвигот на совршенството. Подвигот. Забележете добро – Господ на младичот не му дал теоретски, туку практичен одговор: Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси… па дојди и врви по Мене! Денес многумина сакаат да теоретизираат и философираат за возвишените нешта, за убавото, за праведното, за доброто…, но ретко кој се одлучува за конкретна реализација, бидејќи тоа подразбира самоодрекување, подвиг. Подвигот, пак, отсекогаш бил тежок за човекот. Особено денес аскезата им е одбивна на луѓето. Многумина, кога ќе се спомне дека треба да направат некоја жртва, веднаш се откажуваат; исто како и младичот од денешното Евангелие, кој истиот миг кога слушнал дека треба да направи нешто конкретно, лесно се откажал и си заминал од Христа.

Сепак, да Му благодариме на Бога што и во ова наше време има луѓе коишто го спознале вистинското богатство. Тие сфатиле дека вистински богат е оној што Го има Бога. Познавам луѓе кои и покрај тоа што се материјално богати, го избрале патот кон Царството Божјо и се подвизуваат со добар подвиг. Не дозволиле да се острастат кон примамливите нешта од овој свет. И на таквите Бог навистина им дава сè. Зашто Он сака да бидеме радосни со Него и во овој век. Сетете се на првото чудо што го направил во Својата јавна проповед на земјата, чудото во Кана Галилејска. Кога привршило виното, Он, на молба на Својата Мајка, Пресвета Богородица, ја претворил водата во вино, само за луѓето да продолжат да се веселат на свадбата. Гледате ли? Он ја сака нашата радост, го сака нашето веселие. Затоа, не треба ли ние постојано да Му благодариме за сè што ни дава? А ни дава буквално сè: да јадеме, да пиеме, да се веселиме, да имаме некакво богатство… Само да не забораваме дека сето тоа е Негово. И никогаш да не се прилепувме со срцето за минливите нешта, како што направил младиот човек, кој наместо со радост во Христа, си заминал тажен без Него и се погребал во своето богатство.

Деновиве одново го читав Откровението на Светиот Апостол и Евангелист Јован Богослов. Притоа, особен впечаток ми остави еден стих што Господ преку ангелот го упатува кон Сардикиската Црква: ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а мртов си (Отрк. 3,1). Што значи ова? Носиш име дека си жив… Го носиме, мили мои, името Христово, името на живиот Бог! Христијанин сум? Тоа значи дека треба да сум сведок на вечниот живот, на вечноживиот Бог – Христос. Да не забораваме дека Христијаните се сол, светлина на светот. Какво преголемо нешто! Носиме име на живот и треба да бидеме сведоци на животот. А, од друга страна, Бог вели: мртов си. И продолжува: Биди буден и утврдувај ги оние што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог. Спомни си за она што си го примил и чул, и послушај го и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе како крадец и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе (Откр. 3,2-3). Господ сака да нè разбуди, мили мои. Од што? Од острастеноста за овој свет и за земните нешта. Се разбира, преку подвиг, преку саможртва и воздржание. Така и заврши денешното евангелско четиво: Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо (Матеј 19,23-24). Што би значело ова? Зар ниеден богат не би можел да се спаси?! Од овие зборови се уплашиле дури и учениците Исусови. Но, кај Евангелистот Марко, Господ појаснува: Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо! (Марко 10,24) Следствено, и богатиот може да се спаси, само доколку не се прилепил со срцето за богатството свое; доколку не е острастен за него, доколку богатството што го има не го чува само за себе, туку го дели со оние на кои им е потребно и на тој начин, со она што му е од Бога дадено, го купува и своето спасение. Таквиот прави добар подбиг. И немојте да мислите дека Господ го кажува ова само за материјално богатите луѓе. Не, го кажува за сите нас. Бидејќи, во вистинска смисла, кој е богат? Единствено Бог. Оти, што има човекот свое? Апсолутно ништо. Секој добар дар и секој совршен подарок иде озгора, доаѓа од Отецот на светлината (Јаков 1,17). Затоа и сиромавиот човек, кога ќе се острасти кон она малку материјално што го има, станува сличен на денешниот богат човек што Му го свртел грбот на Христа.

Деновиве, пак, имав многу позитивен пример со еден, исто така, релативно богат млад човек. Им кажував за него на браќата, но еве, да го спомнам и пред сите вас, бидејќи, навистина, неговото дело е достојно за пофалба и ми е голема радост што сѐ уште има такви луѓе во родот наш. Имено, потребна ни беше значителна донација за едно големо градежно дело за Манастирот. Најнапред, изготвивме некаков провизорен проект, но подоцна се покажа дека ќе треба поголема сума пари од онаа што беше првично предвидена. Потоа, направивме и основен проект и сумата испадна уште поголема. Кога архитектите го презентираа проектот пред нас, почнав да стравувам дека донаторот не ќе сака да помогне, ќе се откаже. Меѓутоа, тој, кога ја виде вознемиреноста на моето лице, стана од столот, дојде до мене, ми ги стисна рамениците и ми рече: „Татко, не грижи се, ќе продолжиме, ќе направиме сè што е потребно“. Притоа, овој човек не е особено богат, како некои наши бизнисмени. Но богат е во срцето. Не се приврзал за материјалното, туку се однесува кон него како кон дар од Бога. Затоа и на Манастирот помага, а претходно многупати помогнал и на сиромаси.

Бог, рековме, како наш добар Татко, ја сака нашата радост, сака да бидеме среќни и овде. Затоа во Евангелието ни вели: Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде (Матеј 6,33). Христос не сака од ништо да нè лиши, но не сака ни да си го приврзуваме срцето кон материјалните и земни нешта, туку да го бараме најважното – вечниот живот. И тогаш сè во нашите животи ќе си дојде на своето место. Да се трудиме, преку подвигот на љубовта, да Го вратиме Христа во сите сфери на општеството: во семејството, во образованието, во политиката, во уметноста… А за да успееме во тоа, треба, најпрвин, да Го вратиме во сопствените срца, како најголем и единствен вистински авторитет. Тогаш, преку Него, и ние, како личности, ќе имаме авторитет. Пред малку, на крајот од Литургијата, еден монах, кој секогаш има некои интересни идеи што ги кажува со една детинеста простодушност, дојде во олтарот и ми рече: „Отец, сакам да им кажете на децата што се лекуваат овде дека ги сакате повеќе од нивните биолошки родители, ама да им посочите дека таа љубов преку Христа ја добивате“. И навистина е така. Монахот заклучил дека не е можно за човек толку многу да љуби, освен преку Христа, Кој е извор и најголем и неоспорлив авторитет на љубовта.

Да сте благословени и Господ Исус Христос да е со сите вас!

https://bigorski.org.mk/slova/arhimandrit-partenij/postoi-li-vistinski-avtoritet-za-mladite/?fbclid=IwAR0k-lZAC-TsebXlzwOYbrpV-FiK0hNRisDDSIube2DwzoNW3-bP84Al_9I

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 651
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Бог е праведен. Сепак, на оние кои се одрекле од светот и световните работи им ветил стократно повеќе уште во овој живот, а плус и Царство Небесно: „Вистина ви велам:...

Храмот е срце

Храмот е срце

До тој Ден, којшто ние сме собрани данеска да го празнуваме. До денот, во којшто светлото Сонце на Правдата дошло да го осветли овој свет и да изгрее од гробот...

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Но, бидејќи над вистинската вера, низ вековите, незабележливо се наталожиле и одомаќиниле уште неколку темнини, денес, оној што ќе поверува, ќе треба да се пробие и низ овие темнини; а...

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Откако ја стекнува нејзината доверба, Богочовекот Христос ѝ ја покажува и вистинската вера: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

Телото ја прима онаа храна, која во суштина е еднаква со телото. Телото е од земјата и храната за телото е од земјата. Затоа телото во овој свет се чувствува...

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

Слoвoтo Бoжјo e какo oган на кoјштo сe радува правeдникoт прeмрзнат вo студeнилoтo на oвoј свeт; и слoвoтo Бoжјo e какo oган кoј гo изгoрува нeправeдникoт, кoгo oвoј матeријалeн свeт...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Да го фрлиме фенерот на Диоген, да се откажаме од потрагата по човек во темнината на овој свет и во сеопштата расчовеченост. Таа потрага за нас заврши во оној миг...

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

Вo oвoј свeт на нeпрeстајнo движeњe и нeпрeстајни прoмeни, чoвeкoт, сакал или нe, мoра да бидe врабoтeн, билo сo дoбрo, билo сo злo дeлувањe. Мрзливиoт чoвeк, всушнoст, нe e врабoтeн:...

« »