логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 Одговори на разни прашања (1) - Старец Пајсиј Олар

 sv.Andrijan.Nikomid.jpg

Како можеме да ги смириме оние кои се скарани?
Најпрво да се молиме за нив. Потoа да ги поттикнеме да се исповедаат на духовникот и да ги советуваме со зборовите од светото Евангелие да се смират (Мт. 5:9). Колку што можеме, да се трудиме да твориме мир, затоа што сме синови Божји и во себе го носиме мирот на Духот Свети. Оние кои меѓусебе не се смират, не можат да се причестат.
Што е смирение?
Смирение е мислата на нашето срце која не’ уверува дека сме погрешни од сите луѓе и недостојни за милоста Божја. Кога самите себе се омаловажуваме, не значи дека имаме смирение. Туку кога друг не’ прекорува и омаловажува, и тоа јавно, а ние трпиме и влиме: „Бог му заповедал на братот да ме прекорува заради моите гревови“, тоа е право смирение. Значи, се’ да примаме како од рацете Божји и како по Негова волја. Кога некој те прекорува, Бог му заповедал да те прекорува. Кога некој ти земе нешто, Бог му заповедал да ти го земе, за да те направи монах. Кога твојот претпоставен те пренесува таму-ваму, Бог ти го менува местото, за да ти го промени и наравот и навиката. Тоа би било право смирение. А гордоста е, напротив, кога имаш самодоверба во својот ум и снага; кога сметаш дека си поспособен од другиот, подобар од другиот, поубав од другиот, понапреден во добрите дела и поугоден на Бога од секој друг. Тогаш со тебе владее грдиот грев на гордоста, а од тоа Бог, кој се понизи за нашето спасение, да не’ запази сите нас.


Како да се однесуваме со своите ближни за да ја исполниме заповедта на љубовта?
Сметај го својот ближен подобар од себе, барај му совет наместо да му даваш совет, а неговите недостатоци пополни ги со својата љубов. Прави го тоа и ќе се спасиш.


Кој е нејтежок грев денеска во светот?
Најтежок грев кој владее со светот денеска е неверувањето во Бога, затоа што од таму се раѓаат сите гревови на земјата. Затоа што ако човекот не верува и не се плаши од Бога, нема веќе никаква поткрепа, никаква надеж, никаква радост, никаква цел на земјата и паѓа во сите зла и во бездната на безнадежноста, од што нека Христос и Богомајката не’ избават нас.


Кој е знакот на духовно напредување?
Солзи во молитвата, мисла дека си најгрешен, голема радост во срцето и многу љубов и милост спрема секоја твар.


Еден свештеник прашува како да биде добар пастир на стадото кое му е поверено, според Бога?
Пастир на Христовото стадо се бива со фрула, а не со стап, т.е. со кротост, а не со строгост. Се бива пастир повеќе со примерот на животот на свештеникот, а не само со беседа од амвонот. Значи, повеќе на дела отколку на зборови, за луѓето, гледајќи ги вашите добри дела, да Го прославата Бога. Потоа, нека убаво богослужи, со вера и побожност; нека дава милостиња на сиромасите и болните во парохијата, нека ги учи верните на правата вера – стари, млади, деца; нека редовно ги исповеда, нека ги крепи во неволјите и нека им биде пример во се’, хранејќи ги со богоугодни книги и секакви Божји зборови.


Што да се прави со децата, затоа што кога ќе наполнат 16 год. веќе не ги слушаат родителите и живеат во гревови?
Во оваа ситуација непосредно се виновни родителите на децата, кои од мали не им дале христијанско воспитување и ги препуштиле на својата волја. Родителите на таквите деца ќе положат сметка за нивните души за тоа што од мали не им ја вдагнале верата и стравот Божји. Ете, сега жнеат што посадиле! Но, нека се молат за своите деца, нека ги одведат кај добар свештеник на исповед, нека им основаат семејства, нека повторно ги навикнат на црквата, работа, почит, и има надеж за простување и исправување.

   sv.Andrijan.Nikomid.jpg

Одговори на разни прашања (2) - Старец Пајсиј Олар


Една млада жена, злоyпотребувана и присилена од страна на својот сопруг да ги убива своите деца со абортус и избегнување на зачнување, прашува: Која епитимија да ја извршува за да стекне прошка и спасение од Бога?
Двајцата, таа заедно со својот сопруг, се осудени за во пеколот, ако не се покајат. Во овој случај, жената треба да се спротивстави на убивањето деца, или веднаш да се разведе. Значи, најпрво, да ги исповеда своите гревови на искусен духовник. Потоа, да ги крштева децата наместо убиените, да раѓа други деца наместо убиените, цел живот да пости еден ден во седмицата, обично петок, до вечерта, да прави метании и да дава милостиња според своите сили, и имаме надеж дека ќе добие спасение и милост од Бога.


За неопходноста за честата исповед, старецот му говорел на едно свое духовно чедо:
Редовно да се исповедаш, затоа што ако често ја чистиш куќата, мило ти е да пребиваш во неа. Ако ја испереш кошулата, мило ти е да ја облечеш. Затоа што ако се собере многу ѓубре во куќата, потешко се исфрла надвор. Исповедај се почесто, ако не секоја недела, барем секој месец.


За постојаното каење:
Кога и да паднеш – стани, исповедај ги своите гревови, кај се, извршувај епитимија, прашај и носи го и понатаму својот крст, со очите насочени кон Христа, додека не стигнеш горе на Голгота. Ние не можеме да речеме дека со своите дела се спасуваме, без милоста Божја, без духовник и без молитвите на Црквата, но нека часот на смртта не’ затекне во борба.


За духовното раководство:
Духовното раководство е многу тешко! Ништо не е потешко на земјата, од раководењето на душата кон патот на спасението! Ете, повеќе од 40 год. сум сврзувал и разрешувал души од гревови. Но, од каде да знам дека некако не сум погрешил, та Господ ме кара со оваа болест, затоа што можеби сум сврзал она што требаше да го разрешам и сум разрешил она што требаше да сврзам? Меѓутоа, се’ останува на судот и милоста Божја, затоа што човекот постојано подлежи на грешење.


Дали ви се чини дека духовното раководство е потешко над мирјаните од она над монасите?
Потешко е духовното раководство над монасите и сештениците, отколку над мирјаните, затоа што монасите и свештениците имаат поголеми завети и одговорност. Тие го познаваат Словото Божјо и светите канони, но не ги исполнуваат своите обврски, т.е. грешат по своја волја и со знаење. А мирјаните имаат помала одговорност и многумина грешат од незнаење. Овде се исполнува словото од светото Евангелие, кое вели: Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него (Лк. 12:48).


Последно писмо што го напишал на своите ученици:
Среќни празници, на многаја лета во здравје и трпение, трпение, трпение во се’. Трпение во болест, трпение во прекор, трпение со благодарност, заради скапоценото спасение! Постојано молете се, и ако некој ве ожалостил - простете. А ако некого сте ожалостиле, барајте прошка и со милина творете го послушанието, затоа што послушаниете под присила не е добро примено. И така поминува животот, сакал – не сакал, и утре – задутре, нека сите се сретнеме заедно таму горе, во Рајот.

 

 Извор: Аргита Атева

 



Видео содржини

Икона на Мајката Божја Одигитрија

Ное 16, 2018
Помага при сите болести, лекува од најтешки болести, опседнатост од нечиста сила и ги штити малите деца.

Руски Светец Александар Свирски

Сеп 29, 2018
Рускиот светец Александар Свирски - мошти со бела боја и кожа стара повеќе од 500 години, како да е жив

Поуки од Светите Отци

krusevoexport