логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

Архимандрит Георгиј Капсанис
(1935 – 2014)

Архимандритот Георгиј Капсанис, игумен на светогорскиот манастир „Григоријат“, е несомнено еден од неколкуте современи отци на Црквата, кои одиграа исклучително значајна улога во 20 век. За неговата личност и за неговите дела може многу да се зборува, и повторно тоа да не е доволно. Оние коишто имале можност да го запознаат и да бидат до него некое време или, пак, да имаат комуникација со него по која било основа, можат да дадат сведоштво за начинот на кој отец Георгиј даде огромен придонес за целокупниот црковен живот во нашево време.

Тој е роден во Атина, во 1935 година, и од своите родители примил автентично христијанско воспитување. Татко му е по потекло од местото Агиа Пелагија, на островот Китира. Мајка му е од островот Наксос. Љубовта кон Бога го поттикнала да се впушти во изучување на богословието. Откако дипломирал на Атинскиот богословски факултет, заминал на постдипломски студии од областа на пастирското богословие. По неговото враќање во Атина, бил поставен за асистент на катедрата по пастирско богословие и канонско право на Богословскиот факултет, од 1968 до 1972 г. Како предавач бил вистинско освежување за студентите од тоа време. Според сведочењето на неговите студенти, од кои многумина денес се пастири на Црквата, Георгиј Капсанис не им пренесувал само сувопарно знаење, туку неговите предавања биле напоени со опит од црковното живеење. Со таквиот начин на предавање, тој ги насочувал студентите кон православното светоотечко богословие, кое не се изучува само со разумот, туку, пред сѐ, претставува опит на Бога во срцето. Паралелно со универзитетската дејност, ја основал и установата „Пантократор“, во атинската населба Палио Фалиро. Таму организирал предавања и разни други богословски и духовни манифестации, со цел надградба во насока на стекнување  вистинското богословие.
Во 1972 година, во атинскиот манастир „Пентели“, Георгиј бил замонашен од тогашниот Атински Архиепископ Јероним. Набргу потоа бил ракоположен во ѓакон. На Лазарева сабота, истата година, Еврипскиот Епископ Василиј го ракоположил во презвитерски чин. Несомнено, со неговата успешно започната академска кариера, а особено откако станал доктор по канонско право, отец Георгиј бил многу блиску до професорска функција. Меѓутоа, неговата љубов кон Бога и кон луѓето го привлекла и го поттикнала да даде практичен придонес, проследен со жив опит, за целата Црква Христова. Со доаѓањето на јеромонахот Георгиј, манастирот „Пентели“ станал духовен расадник и центар, околу кој се собирале монахољубиви студенти од Богословскиот факултет.

Набргу, во монашкиот живот стапиле и првите две негови духовни чеда: отец Панарет од Козани и отец Мелетиј од Лариса (денес Митрополит на Катанга, во Африка). На повик од тогашниот Митрополит на Халкида Николај, отец Георгиј, кон крајот на 1972 година, се префрлил во манастирот „Армас“. Таму, митрополитот му доделил архимандритски чин и го поставил за духовник, а на 8 април 1973 година бил интронизиран за игумен на манастирот. Монахот Панарет бил ракоположен во ѓаконски чин, и заедно го формирале првото монашко братство, вклучувајќи ги и монасите: Павле (денес Митрополит на Сијатиста), Мелетиј, Тимотеј, Нектариј, Симеон, Никодим и Григориј. Манастирот бил возобновен и станал центар на литургиски и духовен живот. Покрај тоа, биле реновирани и обновени конаците и црквата во манастирот. Богослуженијата, а особено сеноќните бденија, како и облагодатеното присуство на о. Георгиј со монасите, привлекле голем број луѓе од Халкида и од Атина.
Во 1974 година, кога Грција била зафатена со бурата на воената хунта, не биле поштедени ни некои епископи на Црквата. Дванаесе) митрополити биле неправедно отстранети од катедрите, а помеѓу нив бил и Митрополитот на Халкида Николај. Архимандритот Георгиј не сакал да биде учесник во таа неправда, па заедно со целото братство заминал на Света Гора. Канонскиот отпуст што го добил е, всушност, последен документ на Митрополитот Николај, пред да биде отстранет од епархијата.

На Света Гора им бил доделен манастирот „Преподобен Григориј“, познат и под името „Григоријат“. Во овој општожителен манастир, о. Георгиј беше игумен 40 години, оставајќи неизбришлива трага во историјата на светогорското монаштво. Уште од самиот почеток, кога како игумен во манастирот го имал предизвикот за обнова на исихастичко-литургиското предание, се истакнал дарот на расудување што го поседувал. Не преминал веднаш кон нагли промени на типикот што го затекнал, односно во ниту еден момент не помислил да ја злоупотреби позицијата игумен заради спроведување на планираната обнова, иако се соочувал со одредени неправилности. Напротив, новиот игумен Георгиј, заедно со монасите кои дошле со него, покажувале исклучителна и искрена почит кон 17-те постари монаси, кои веќе живееле таму. Така, позитивните промени постепено биле реализирани, без никаква можност за револт од страна на постарите. За смирението на игуменот Георгиј во однос на „старото братство“ најдобро може да се заклучи од фактот што му било непријатно по неколкупати дневно да му се поклонуваат и да му целиваат рака. Меѓутоа, кога тој им приговорил дека е доволно еднаш во денот да земат благослов, тие му одговориле: „Тука на Света Гора е така. Ти си игумен, и секојпат кога ќе те видиме ќе ти целиваме рака!“ Се разбира, о. Георгиј ги послушал, покажувајќи го повторно на дело своето смирение. Затоа, набргу, се развила искрена меѓусебна почит, и таквиот однос траеше непрекинато сѐ до последниот од т.н. старо братство, јеромонахот Николај, кој се упокои во 2005 година. Според востановениот типик, во манастирот, најмалку еднаш неделно, игуменот ги собира монасите на т.н. „синаксис“, и при тоа им се обраќа со поучно слово. На претпоследниот синаксис со отец Георгиј, одржан на 15 февруари 2014 година, тој се осврнува токму на односот кон старото братство. Меѓу другото, тој вели: Кога дојдовме во манастирот, со мене беа неколку млади монаси, коишто сакаа да ги ставам на страна постарите отци, за да ја преземат тие власта и да се истакнат. Јас им реков дека моја мисија е прво да ги успокојам Старчињата, односно старите отци што ги затекнавме тука. Тие со нивниот труд го одржале манастирот, и сега нам ни го предаваат. Не е во ред ние да ги исфрлиме од тука за да ја преземеме власта. Исфрлете го тоа од глава! Бог помогна и не направивме такво нешто. Јас дури им бев послушен и на постарите отци. Си имав правило, секогаш кога излегував надвор од Света Гора, со мене да земам и еден од постарите отци, а тоа обично беше отец Андреј. Го земав, за да имам еден Старец до мене заради духовна сигурност, но и за да знаат другите (17 стари отци што ги затекнавме во манастирот) каде одам и што правам. А треба да кажам дека и тие, и покрај нивните човечки слабости, ни покажаа љубов.

За време на чеириесетгодишното игуменско пастирствување на отец Георгиј со манастирот, монаштво примиле повеќе десетици богољубиви души, а голем е бројот и на оние што ја нашле Божјата утеха токму преку сведоштвото на Григоријатското братство. И тоа не само во непосредната околина, туку низ целиот свет. Со благослов на Старец Георгиј, григоријатскиот монах Козма ја започна православната мисија помеѓу неевангелизираното население на централна Африка. По неговото трагично загинување во сообраќајна несреќа, на чело на мисијата доаѓа отец Мелетиј, кој подоцна станува и Епископ. Монасите Дамаскин и Николај, исто така, имаат непроценливи заслуги за ова значајно мисионерско дело. Озарувањето со светлината на православната христијанска вера на централно-африканската почва, претставува резултат на подвигот на григоријстското братство. Јеромонахот Пантелејмон, подоцна архимандрит Јона, духовно чедо на преподобен Порфириј Кавсокаливиски, беше извесен период дел од григоријатското монашко братство. Потоа ја започна мисионерската дејност во Тајван, и со негов труд, таму, за првпат во историјата, во 2000 година, се отслужи Литургија и подоцна беше организирана православна црковна заедница. Најголема заслуга за сето тоа има игуменот Георгиј, којшто успеа, пред сѐ, со лично сведоштво и пример, да ги научи монасите на Христовата љубов, чијашто главна карактеристика е жртвата за ближниот.

Личноста на архимандритот Георгиј ќе остане во вечно паметење во срцата на оние што го запознале, но генерално и во целата Православна Црква, затоа што преголеми се неговите заслуги за чистотата на верата и за автентичното живеење според неа. Тој е сеправославно признат и почитуван како голем богослов и учител на Црквата. Се разбира, пред сѐ, како човек со опит на Бога, иако и академски беше богослов со сите дипломи и признанија. Богословствувањето на отец Георгиј никогаш не беше сувопарно, академско или заради истакнување. Секогаш зборуваше од личен опит, од неговото срце, кое гореше од љубов кон Бога и кон луѓето. Со сета своја душа имаше љубов кон Христос, кон Богородица, кон светителите. И ако таа љубов можеше да ја држи во тајност во своето срце, неговата љубов кон луѓето не можеше да се сокрие. Илјадниците луѓе, кои го познаваа и имаа комуникација со него, знаат дека неговата љубов беше вистинска, христоцентрична, чиста и несебична.

Една друга карактеристика на богословската личност на отец Георгиј е неговото смирение. Тој никогаш не сакаше да импровизира и да измислува некои нови работи за да импресионира или да создава свои следбеници и почитувачи. Секогаш се базираше врз светоотечкото предание, и ги имаше усвоено зборовите што своевремено преподобниот Јустин Поповиќ им ги кажал на своите духовни чеда: „Доколку ова што ви го кажувам е согласно со она што го кажуваат светите отци, тогаш прифатете го и следете го. Доколку не е согласно со светите отци, тогаш отфрлете го“. Кога составуваше некој богословски текст, отец Георгиј секогаш го даваше на проверка кај богослови, во кои имаше доверба. На своите монаси, коишто пишуваа текстови со богословска содржина, им го даваше следниов совет: Кога пишувате богословски текстови, немојте да се задоволувате со својата помисла. Прашувајте некого, за кого знаете дека има православен менталитет. Јас на почетокот од моето богословско писателство, текстовите за проверка му ги давав на отец Епифаниј Теодоропулос. По неговото упокојување, се советував со отец Паисиј, а сега им ги давам да ги проверат на богослови, во кои имам доверба. Гледате дека, пред да ги објавам текстовите, прво и вам ви ги покажувам. Истото правете го и вие по моето упокојување.

Дарот на расудувањето беше добродетел што богато го красеше Старец Георгиј. Знаеше да прави разлика помеѓу луѓето и нивните дејствија. Ги осудуваше и критикуваше погрешните дејствија, но секогаш беше благонаклонет кон луѓето како личности. Во ниту една ситуација не го нарушуваше црковниот поредок и, колку што зависеше од него, го спречуваше секој обид за тоа. Точно знаеше кога треба да зборува, а кога да молчи. Немаше потреба дополнително да ги поправа своите потези, затоа што неговите одлуки излегуваа секогаш правилни. Едноставно, секоја дилема се распрснуваше како прав, кога ќе му се обратеше некој за таква помош. Тоа беше плод на неговиот дар за расудување. Не ретко, одговорите му беа отсечни и кратки, а истовремено полни со авторитет и со непоколеблива сигурност дека се точни. Подоцна, реалноста ја докажуваше исправноста на неговите одговори.
Архимандритот Георгиј Капсанис беше повеќе пастир отколку академски богослов. Затоа негова цел не беше да пишува заради богословско-научни достинувања. Сите негови беседи и текстови се плод на љубовта и на пастирската грижа. Григоријатските монаси ги имаат собрано неговите беседи и текстови во одделни изданија, според содржината. Тие книги претставуваат извор на опитно богословие. Позначајни наслови се: „Обожението – цел на човечкиот живот“, „Еклисиолошки и пастирски теми“, „Свети Григориј Палама, учител на обожението“, „Евхаристискиот живот“ и др.

Последните десетина години, григоријатскиот игумен Георгиј го понесе крстот на физичка немоќ и болести. Неговата здравствена состојба генерално беше комплицирана, но сепак Господ му даваше сили во неговиот труд за монашкото братство и за целата Црква. На почетокот од 2014 година, тој почувствува дека наскоро ќе замине во горниот Ерусалим. Меѓутоа, последна желба му беше да го остави манастирот во единство, ред и поредок, а не во неизвесност. Затоа, одлучи да се повлече од игуменската должност за да можат монасите да изберат игумен, којшто ќе биде негов достоен наследник. Отец Георгиј се повлече од игуменската функција на 11 февруари 2014 година. Во писмената оставка, доставена до Старечкиот совет на манастирот, тој помеѓу другото вели: Мојата здравствена состојба не ми дозволува да продолжам да го раководам нашиот благословен манастир. Затоа се повлекувам, за да му дадам можност на некој помлад и поспособен брат да го понесе крстот на игуменското достоинство. Четириесет години, со помош на Божјата благодат и со благословот на Богородица и на светите покровители на манастирот, пастирски го раководев нашето братство. И сега дојде време да му го предадам жезолот на друг брат, којшто е здрав и способен да ја продолжи мојата борба. Ви благодарам за вашата љубов и доверба во изминативе 40 години... Благодарам за вашата соработка, преку која, со помош на Божјата благодат, во голем степен се постигна обновата на нашиот манастир. Ве молам да ми простите поради моите недоататоци и ако сум ве нажалил за нешто. Секогаш кога беше потребно да ја пресечам волјата на некој брат, тоа го правев од љубов, заради негово поправање. Браќа, простете ми и Христос да ви прости на сите вас. Јас од срце ви простувам на сите и Го молам милостивиот Господ да ни помогне да Му благоугодиме и да се спасиме. Надежта ни е постојано во нашиот Господ и Бог Исус Христос...

Со болка и трогнатост, но и со голема благодарност кон него за љубовта, грижата и трудот за нив, манастирското братство ја прифати оставката на игуменот. На 20 февруари 2014 година, со избори спроведени согласно Уставот на Света Гора, за игумен на манастирот беше избран јеромонахот Христофор. На 15 март, по славословието на утрената богослужба, согласно светогорскиот поредок, беше извршен чинот на интронизација на новиот игумен од страна на претставници на Свештената заедница на Света Гора. Иако веќе сериозно болен и немоќен, на чинот присуствуваше и Старец Георгиј, радувајќи се поради овој историски момент, а особено поради неговиот достоен и благословен наследник.

Откако сето тоа помина совршено и богоугодно, здравствената состојба на старец Георгиј почна драстично да се влошува. Поради тоа, по Велигден, замина на болнички испитувања, при што му беше дијагностициран малиген тумор на мозокот, кој беше причина за наглото влошување на неговата физичка состојба. Последните недели од земниот живот, архимандритот Георгиј ги помина во манастирот „Успение на Богородица“, во солунската населба Панорама. Околу триесет години тој беше духовен отец на овој женски општожителен манастир. Грижата на монахињите, предводени од игуменијата Меланија, за нивниот Старец, во неговите последни денови, беше најмалку што можеа да му возвратат за целата негова татковска љубов во изминатите три децении. Човекољубивиот Бог благоволи, овој современ свет отец на Црквата да го заврши земниот живот надвор од Света Гора, за да може верниот народ од различни страни да дојде и да го земе последниот благослов од него.


Ноќта наспроти големиот празник на Црквата, Педесетница, Старецот со големо трпение, без ни најмалку негодување и поплаки, се соочуваше со отежнато дишење, и целокупната негова состојба навестуваше дека наскоро ќе замине во Небесната татковина. За цело тоа време, неговото срце беше насочено кон возљубениот Господ Исус Христос. Со огнена љубов кон Бога и кон ближните, во 04:05 часот на денот Педесетница, отец Георгиј замина во Христовата прегратка. Лицето на  починатиот Старец беше мирно, и зрачеше со спокој и благост, а тоа беше јасен показател за неговото блажено упокојување. Телото му беше пренесено во григоријатскиот метох, манастирот „Успение на Богородица“ во Солун, при што се отслужи Литургија. Голем број христијани, во текот на денот, доаѓаа да му се поклонат, да му оддадат почит и да земат благослов. Попладнето во 17:00 часот беше извршено опело, а ноќта се отслужи сеноќно бдение. Следниот ден, во утринските часови, телото на отец Георгиј беше пренесено во неговиот манастир „Григоријат“, на Света Гора. Попладнето, по отслуженото монашко опело, тој беше положен во гробот, во чија непосредна близина се наоѓа параклисот посветен на Христовото Воскресение. На благословената светогорска земја, Старецот Георгиј го очекува општото воскресение при Второто Христово доаѓање.
А до тогаш, сите кои го познаваа, но и оние кои преку неговите дела го запознале или допрва ќе го запознаат, ни останува да го следиме неговиот свет живот. Тој велегласно, во пракса, ни ја посведочи реализацијата на најголемата Божја заповед упатена до човештвото: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и возљуби го својот ближен како себеси!“ (Мат. 22, 37 и 39).
Нека му е вечен споменот на возљубениот архимандрит и отец Георгиј Капсанис! Да ги имаме постојано неговите молитви и застапништво пред престолот на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос!

 


подготвил: јеромонах Атанасиј Арсоски

Извор: ПРЕМИН

бр 105/106

Лето Господово 2015

Друго:

МОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО



„Предуслов за луѓето да се соединат со Христос и да оживеат е, преку покајание, прво да умрат за луѓето што порано биле.

Луѓето прво треба да го распнат и да го погребат своето поранешно „јас“ (т.е. егоизмот, страстите и себичната волја) на Крстот и Гробот Христов за да можат да воскреснат со Него и „да одат во обновеноста на животот“ (Рим. 6, 4).

Ова е дејството на покајанието и прифаќањето на Крстот Христов. Без покајание, односно без постојано распнување на своето поранешно „јас“, невозможно е за верните да веруваат на евангелски начин, односно целосно да Му се предадат на Бог и да Го возљубат
„Господ Бог со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила“ (Марко 12, 30).

Еве зошто Господ го направил покајанието основа на Неговата евангелска порака и услов за вера.

„Покајте се и верувајте во Евангелието“ (Марко 1, 15);
ниту, пак, Он го сокрил фактот дека животот во покајание е тешка, напорна борба.

„Тесни се вратите и тесен е патот што води кон животот“ (Мат. 7, 14). И чекорејќи по него, откриваш дека си го зел на себе Крстот на покајанието. Бидејќи нашето поранешно „јас“ не се повлекува без жестокост, а ѓаволот не се победува без тешко извојувана битка.

Монахот или монахињата дава завет дека ќе го следи тесниот и таговен пат на покајанието во текот на целиот свој живот. Се оттргнуваат од сите работи во светот за до го стекнат единственото што го посакуваат – да умрат за нивниот поранешен живот за да живеат нов живот, што Христос им го дава преку Црквата.

Монасите се стремат кон совршено покајание преку непрекинат аскетски напор: бдеење, пост и молитва, заедно со отсекување на својата волја и безрезервно послушание кон својот Старец.

Правејќи го ова, тие се принудуваат да ја отсечат својата себична волја и да ја возљубат Божјата. Монасите се „постојано принудување над природата“.

На овој начин ја исполнуваат Божјата заповед: „Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Мат. 11, 12).

Преку породилните маки на покајанието, постепено се раѓа новиот човек што живее по Бог.

Нераскинлив дел од борбата на покајанието е борбата за постојано внимание над помислите, за тие [монасите] да можат да отфрлат каква било лоша или демонска помисла што се обидува да ги извалка
На овој начин тие ги чуваат своите срца чисти за да можат да Го видат Бог, согласно блаженството што вели: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бог“.

Победата над егоизмот и страстите ги прават монасите благи, спокојни и смирени, буквално „бедни по дух“, и учесници во сите добродетели на блаженствата.

Исто така, ги прави како деца, како оние што Христос ги благословил и побарал од нас да ги последуваме ако сакаме да влеземе во Неговото Царство.

Целиот живот на монасите и монахињите е учење во покајание, нивното духовно однесување – како на грешни покајници.

Монасите се експерти во науката на покајанието, оние што „го испишуваат животот на покајанието“ (Канон 43, Шестиот вселенски собор) за целата Црква.

Оплакувањето и солзите се најречита проповед.
Целиот нивен начин на живот [или „навика“, игра на зборови на Старецот] ги суди „луѓето во светот“.

И доколку овие луѓе, на кои безгласно им се суди од монасите, не земат учество во нивното покајание, тоа им станува одбивно, го презираат, го мразат и го сметаат за безумие.

Но, Бог го избра она што е безумно во овој свет, она што е слабо, од долно потекло и унизено за да ги посрами мудрите (види 1. Кор. 1, 27).

Всушност, монасите – мудри во патиштата Господови а безумни за светот – се чужденци во светот, како што бил и Синот Божји.

„Дојде при Своите и Своите не Го примија“ (Јован 1, 11), не Го разбраа. Понекогаш дури и луѓето во Црквата, мудрите и вредните, не Го примаат и не Го разбираат.

Нивните таинствени и неми животи се тајна седумпати запечатена за оние што не земаат учество во неговиот дух. Тие ги сметаат монасите за општествено бескорисни и лишени од секакви мисионерски дејства.

Така, нивните животи се скриени со Христос во Бог и ќе се јават во слава кога Христос, нивниот живот, исто така ќе се јави (види Кол. 3, 4).

Старец Георгиј Капсанис

 



Видео содржини

Руски Светец Александар Свирски

Сеп 29, 2018
Рускиот светец Александар Свирски - мошти со бела боја и кожа стара повеќе од 500 години, како да е жив

Верата на нашите татковци - Евхаристија

Авг 04, 2018
Верата на нашите татковци Тема: Евхаристија - Света Причест 11.03.2018

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Октомври 18, 2018

ПРЕПОДОБЕН ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ

Паралелно со преподобниот Антониј Велики, основачот на пустинското, анахоретско монаштво, на почетокот на монашката историја стои и преподобниот Пахомиј, исто така почитуван како Велики, не само заради својата посебна духовна величина, туку и заради тоа што…
Октомври 18, 2018

СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА

Над сè, свети Ефрем си останува прекрасен проповедник – амвонот е почеток и крај на неговото служение, проповедта е трубата на неговото слово и творештво. Неговата проповед е образец за сите времиња и места – по својата библиска основа, православно…

Св. Климент Охридски: Слово за зачнувањето на св. Јован Претеча

Окт 14, 2018 Житија 38
Но ти (Крстителу Јоване), направи нè, преку твоите молитви, да принесуваме достојни…

СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН - Псалм 11 4

Фев 17, 2018 Полезно и Потребно 7165
sv.efrem.sirin2.jpg
СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН Псалм 11. Нема да се справам со себеси и со ѓаволот – Ти Господи,…

Беседи

Митрополит г. Наум: Суштинско недоразбирање

Митрополит г. Наум: Суштинско недоразбирање

Пројавите на неврозата ги објаснивме: губење контрола над мислите и чувствата, губење контрола над зборовите, и најтешкиот вид невроза – губење контрола и над своите дела. Не можат меѓу себе...

БEСEДА за Бoга Свeтиoт Дух кoј излeгува oд Oтeцoт

БEСEДА за Бoга Свeтиoт Дух кoј излeгува oд Oтeцoт

За Свeтиoт Дух ни e oткриeнo дeка Oн излeгува oд Oтeцoт и сo Синoт сe испраќа. Никoј да нe бара пoвeќe за да нe паднe вo заблуда. Штoм излeгува oд...

БEСEДА за Христoвата тага

БEСEДА за Христoвата тага

Глeдатe ли кoлку e важна смртта Христoва? Ниe сo нeа смe искупeни, сo нeа смe спасeни. Никoј да нe застанува eдинствeнo на Христoвата наука, туку нeка сe прeнeсe и на...

Воздвижение на Чесниот Крст

Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

БEСEДА за тoа какo грeшницитe гo примаат лoшиoт а нe дoбриoт

БEСEДА за тoа какo грeшницитe гo примаат лoшиoт а нe дoбриoт

Кoј e тoј другиoт кoј ќe дoјдe вo свoe имe и кoгo грeшнитe луѓe пoлeснo ќe гo примат oткoлку Христа Гoспoда? Тoа e oнoј кoј нe нoси крст и нe...

   Митрополит Антониј Сурожски - Рождество на Пресвета Богородица

Митрополит Антониј Сурожски - Рождество на Пресвета Богородица

Секој празник на Mајката Божја е чиста радост; тоа е радост не само заради љубовта Божја кон нас, туку и радост заради тоа што земјата – нашата едноставна, родна, обична...

БEСEДА за силата и мисијата Христoва, какo штo прoрeкoл Исаија

БEСEДА за силата и мисијата Христoва, какo штo прoрeкoл Исаија

Духoт на Гoспoда e врз Мeнe. Зoштo Oн тoа гo гoвoри кoга e рамeн на Духoт какo и на Oтeцoт? Заради свeдoштвo на луѓeтo, какo штo тoлкува св. Златoуст. Нe...

протоереј Драган Јанковски: Петнаесетта недела по Педесетница

протоереј Драган Јанковски: Петнаесетта недела по Педесетница

Aко треба да дадеме најкратка дефиниција и најверодостојна карактеристика за науката на Господ Исус Христос и христијанството воопшто, треба да речеме дека тоа е љубов. Можат да се дадат и...

Митрополит Николај Месогејски:Зошто мене, Боже мој? (прв дел)

Митрополит Николај Месогејски:Зошто мене, Боже мој? (прв дел)

Бурата на лекарските прегледи ја заменува бомбардирањето со неодговорените „зошто“. Зошто, Боже мој, толкава болка? Што згрешило ова невино создание? Зошто моето дете, кое ми се чини дека е најдоброто,...

« »

Најново од духовност

Православен календар

20/10/2018 - сабота

Светите маченици Сергиј и Вакх; Светиот маченик Полихрониј;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Тропар

Тропар на светата Христова подвижничка Пелагија преподобна 8 октомври / 21 октомври

Тропар на светата Христова подвижничка Пелагија преподобна 8 октомври / 21 октомври

Од темнина изведи ја душата моја –повикуваше о, ти славна мајко Пелагиокон Небесниот Женик твој Христос,Он те поведе во познание,

Тропар на светите Христови маченици Сергеј и Вах 7 октомври / 20 октомври 2018

Тропар на светите Христови маченици Сергеј и Вах 7 октомври / 20 октомври 2018

Величание на Христовите страдалници, и очи на Црквата Христова, Сергее многустрадалени Вакхе преславен, просветете ги очите на нашите души.

 Тропар на светиот Христов апостол Тома 7 октомври / 20 октомври 2018

Тропар на светиот Христов апостол Тома 7 октомври / 20 октомври 2018

Ученик Христов бивајќи, на Божествениот Апостолски Собор сотрудник,со неверие го прими известувањето,за Христовото воскресение,

Добредојде Православие.мк

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Последни коментари

За Божествената правда

Кога некој би ми рекол: ’Отец, морате да ја напуштите својата ќелија зашто таа ми припаѓа мене. Слезете и одете под чемпресот во градината’, ако поседувам Божествена правда, јас тоа со радост ќе го прифатам. Ако постапам според човечката правда, би ја одбил неговата понуда и би почнал да се расправам со него, а може да завршиме и на суд Повеќе...

Архимандрит Георгиј Капсанис

Личноста на архимандритот Георгиј ќе остане во вечно паметење во срцата на оние што го запознале, но генерално и во целата Православна Црква, затоа што преголеми се неговите заслуги за чистотата на верата и за автентичното живеење според неа..Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

Протоереј Андреј Ткачев: Примете, јадете

 

Во Рајот Господ им рекол на луѓето да не јадат од дрвото на познанието. А злиот лукавец велел – јадете. Христос вели „јадете“, „пијте од Неа сите“, а злиот говори: „не јадете“, „недостојни сте“, „потребно е долго и тешко да се подготвувате“. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Икона на Пресвета Богородица „Нажалена за бебињата убиени во утроба“

 

Божјата Мајка е добра застапничка во сé, особено голема е Нејзината помош за жените и децата. Во христијанството постојат голем број на икони на Богородица и тие толку се разликуваат една од друга што тешко е да се претстави дека на нив е изобразена едната и иста Божја Мајка.  Повеќе...

За Моето име

Взбранной Воеводе победительная