логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


sv.efrem.sirin1.jpgСВЕТИ ЕФРЕМ СИРИСКИ
ЗА РАЈОТ
(втор дел)


6.
 
Клучот на учењето кој што ја отвoра секоја книга;  му ја отвори на моите  очи  и онаа книга  во која што читам за богатството на кивотот, за венецот на законот, го  отворив и она писмо  кое што пред сите други кажува за Творецот, ги опфаќа сите негови созданија, дава да се видат сите Негови убавини , ги покажува сите Негови украси.
Токму тоа писмо ме доведе до вратата на Рајот  и штотуку му пријдов, мојот ум замре од запрепастување, се препадна  мојот разум, моите сетива  не беа  во состојба да ја опфатат  величенственоста на   богатствата, да го разликуваат вкусот на јадењата, да ја  споредат живоста на боите, да ја соединат во едно сета убавина, да го прикажат со  збор тоа што му  се укажувало на погледот.

Сите делови  Рајот ги фрла во  прангите  со совршенството на своите радости, ги маѓепсува очите  со своите украси, слухот – со звуците, вкусот и  мирисот  - со јадења  и миомириси. Благословен е Оној Кој што ги повика во Рајот  тие што се подвизувале во бдеењето и постот, и заради своето испосништво  да се насладуваат со утеха и да пасат на овие  пријатни  пасишта!

Еден поглед врз Рајот ме воздигна, една помисла на него ме збогати; опиен со неговите миомириси, заборавив на својата ништожност; обновен со разновидноста на неговата убавина, како да станав поинаков  и се нурнав во брановите  на неговата слава. О, колку станав опиен и заборавив на вината  своја   во оваа земја  која што за разголениот Адам била вжештена печка на искушувањето!

И покрај тоа што за мене беше многу и еден бран на неговите убавини, меѓутоа, тој ме зеде  и ме фрли во уште поголеми кошмари. Во неговиот сјај здогледав уште поголеми убавини и размислував: "Ако Рајот е толку прекрасен, тогаш колку ли е прекрасен Адам, тој лик на неговиот Градинар; колку ли е прекрасен Крстот, таа кола на синот Адамов - Господ"!
Човекот не бил создаден заради Рајот, туку напротив, самиот бил причина за засадување на Рајот. Чистото срце е подрагоцено од растенијата , песната е подобра од плодовите, зборот е попријатен од она што расте на дрвјата, човековата вера е подрагоцена од мирисните корења, неговата љубов е поубава од сите мириси.

Бог засадил прекрасна градина и создал чиста Црква, а на Дрвото на познанието приковал заповед; дарувал радости, но не ги сакаат, предупредувал но не се исплашија. Во Црквата воспоставил учење кое радува со ветувања и застрашува со закани; оној кој го презира ова учење гине, а кој го следи се спасува.
Црквата на светите е слика на Рајот, во неа секојдневно се собира сеоживотворувачкиот плод и за пијалак се става во буре во кое се гмечи грозд исполнет со животворниот лек. Змијата ја изгубила силата, врзана е со проклетство; Евината уста е запечатена со спасоносно молчење и повторно се покоруваат на Творецот.
Меѓу жителите на Рајот нема разголени, затоа што сите се облечени во слава; никој таму не се покрива со лисје и не бидува посрамен; во Господ наш тие си нашле за себе облека којашто ја изгубил Адам. Црквата го одржува нивниот слух чист од змиски отров и од отровот на оние кои, поверувајќи и на змијата, ги извалкале своите нови и избелени ризи, кои ја изгубиле својата облека.
Вечно неисцрпната сила, вечно неуморната рака го засадила и овој Рај, го украсила без напор, го исполнила со плодови од секаков вид. Творецот погледнал и се развеселил и се населил во овој Рај, засаден во Негова слава, како што и таа градина Он ја засадил во Своја слава.
Добродетелните, носејќи ги своите плодови, влегуваат во Рајот кој блеска со секакви плодови и со своите дела ја придобиваат оваа чудесно убава градина. Рајот се радува што гледа дека плодовите на праведниците ги надминуваат по чест плодовите на неговите дрвја и дека украсите на победниците ги надминуваат неговите украси.
 
Блажен е оној кој е удостоен да види како сите совршени и величествено убави плодови на рајските дрвја се засрамени пред изгледот на плодовите кои ги донесуваат праведниците! Рајските цветови ги гледаат овие плодови и признаваат дека се победени,  восхит ги обзема , гледајќи ги цветовите на девствениците и светите, чијшто венец ја развеселил и тварта и  нејзиниот Творец.

Плодовите на праведниците на Сезнајниот му се поблагоугодни од сите плодови и растенија. Убавината на природата го воздигнува достоинството на духот, Рајот – достоинството на умот, цветовите - достоинството на добрите обичаи, градината – достоинството на слободата, земјата – достоинството  на умот.
 Нека е благословен Оној Кој така го прославил Адам. Над сите рајски украси вредни за пофалба достојни се за прославување јуначките дела на победниците /во верата/ кои претставуваат прекрасна слика на Рајот. На нив се одразува убавината на едемската градина. Затоа да ги оставиме дрвјата, да ги величаме победниците и наместо наследените богатства да ги прославиме оние кои го примиле ова наследство.

Ако нè восхитува убавината на Рајот, уште повеќе нè восхитува убавината на духот; една  работа е на природата, а друга на слободната волја. Слободата е слична на едемската градина и од неа изникнале и израснале победнички плодови кои со величественоста на венците ги надминале рајските украси.

Колку убави таму му се прикажуваат на духовното око присакуваните вечери на праведниците кои и нас нè повикуваат да станеме нивни браќа, ближни и пријатели! Ништо нека не нè лиши, браќа, од општењето со нив! Да станеме нивни пријатели, а ако не пријатели, тогаш барем ним блиски. И, кога би можеле да се населиме, ако не во нивните населби, тогаш барем покрај нив!

Колку е достоен на подвизување оној којшто се удостоил на богатството на нивните ризници! Колку е благословен оној којшто примил барем трошка од нивните богатства! О, кога би бил удостоен макар со мало тамошно дело! Тогаш нека ме погледне и нека биде јадосан  непријателот кој сонувал да ме здогледа на она место што тој мене ми го подготвил и нека ме види во населбата што ми ја подготвило милосрдието Твое!
Блажен е оној што ќе се удостои да ја види нивната светла риза!
 Блажен е оној што ќе се удостои да ги слуша нивните мудрости!
Блажен е слухот кој е надахнат со нивниот глас!
 Блажен е оној што го достигнал нивното блаженство!
Блажен е оној што се труди да биде меѓу првите!
 Тешко на оној против кого тие вапат кај Праведниот! Оној кој ги сака е во Едемот; оној кој ги мрази е во пеколот. Полесно ќе ѝ биде на Содома отколку на тој град, каде што тие го истресле правот од нозете свои (Мт. 10, 14-15). Во домот каде што тие се молеле, мртвиот се враќа во живот и таму се воспоставува совршен мир.

Кога доаѓале во Египет, го заситувале  гладот во Египет.
           Кога доаѓале на неразумно море, го вразумувале со жезол.
 Кога влегувале во дива пустина, ја осветувале со столб.
 Кога биле фрлани во вжарена печка, ја оросувале со свежина.
Кога биле фрлани во јама, таму се симнувал Ангелот и ѕверовите ги учел на пост.

Нивната Црква е сол која ја осолува сета земја и која ја чува од скапување. Нивната Црква го посветила Истокот, го заблеснала Западот, тие го обновиле Северот, го научиле Југот. Тие влегувале на небото и го отворале; се спуштале во морето и ги испитувале неговите длабочини.
Тајната, откриена на Апостолите во приказните, ја рашириле тие  по сите земји и на сите им благовестеле. Целиот свет ја примил оваа тајна за во неа да си најде на себеси сила. Еден од светите го расекува воздухот со својата кочија, Ангелите забрзано го среќаваат и облечен во плот го гледаат во своите населби. Но, како што на земјата роден човек во облека на славата се воздигнал со кочијата на небо, така Господ по добрината Своја излегол, се облекол во плот, седнувајќи на облак се вознел и царува и над горниот и над долниот свет.

Како оган светат овие духови - Ангелите му се зачудиле на Илија, кога го здогледале во него силно посакуваното богатство; му се чуделе тие на правот земски и го славеле Оној Кој го создал овој прав, со радост гледајќи во него девство кое ги воздигнува оние од долниот свет и во восхит  ги доведува оние од горниот. На земјата му претстои битка, а во Рајот венец.

Љубовта и обучувањето /во духовниот живот/, соединети со вистината, може да го образуваат духот и да го обогатат со нови добра, а вотолку тој разумно проникнува во ризницата на тајните. Со љубов научив и спознав дека во Рајот е засолниште на  победникот. Ако Ти ме удостои да го посматрам Рајот, тогаш удостои ме и да влезам во него!
 
7.
 
Во искушенијата се тешите со ветувања! Нелажен е зборот на Оној Кој на сè ги излива даровите Свои; Неговата ризница не е ни малку сиромашна за да мораме да се плашиме дека нема да ги исполни Своите ветувања. Синот Свој Он го предаде за нас, за ние да поверуваме. Со нас е Неговата плот, со нас е и Неговата вистина. Тој дојде и ни го даде Својот клуч, зашто нè очекуваат Неговите богатства.
Со спуштањето на вечерта светот ги склопува очите и тоне во сон, а наутро повторно се буди. Така, во таинствена смисла сега е ноќ и Оној Кој дава плата уште е далеку; но ќе настане ден и Он ќе се јави. Не бидете, браќа, немарни, не мислете дека вашиот подвиг е долготраен, а воскреснувањето оддалечено. Еве, смртта е зад нас, а пред нас е воскреснувањето.

Бидете трпеливи, вие кои тагувате и ќе влезете во Рајот. Неговата роса ќе ја испере вашата нечистотија; засолништето негово ќе ве развесели; неговата вечера ќе ги докрајчи вашите напори; неговиот венец ќе ве утеши; неговата вечера ќе им даде на гладните утеха, а оваа ги прочистува оние кои ја вкусуваат; ќе им понуди на жедните небесен пијалак, а тој ги вразумува оние кои го пијат.

Блажен е сиромавиот кој го вперува погледот према таа земја, исполнета со  неизмерно мноштво богатства! Аметисти и други драги камења не се наоѓаат во неа, исфрлени се оттаму како смет; тие би ја извалкале таа земја на славата. Ако некој таму би внел берили и други драги камења, тие би се покажале темни и поцрнети во таа блескава земја.

И мажите и жените се облечени во светла риза, со слава е покриена голотињата на нивните тела, престанала срамотната вознемиреност во членовите, затворени се изворите на сладострастие, отровот е уништен, душата е чиста и се зеленее во Едемот на уживањето како пченица без какол.
Ликува таму девственоста заради тоа што исчезнала змијата која потајно во нејзиниот слух го влевала својот отров. Исполнувајќи се со радосна усрдност, ѝ зборува смоквата: "Сети се на своето невино детство, сети се на оној ден кога, разголувајќи се, се криеше во мојот скут. Фала на Оној Кој твојата голотиња ја покри со риза!"

Се радува таму младоста што однела победа, го гледа во Рајот Јосиф кој го симнал од себе и го отфрлил сладострастието кое пламтело во неразумните и ја победил змијата во сопствената нејзина дупка. Самсон, победникот над лавовите, го победила змија отровница, го каснала и наскоро ги изгубил нитките на своето назорејство [посветеност на Бога].

Мирот таму го наоѓаат жени коишто сурово пострадале овде во болестите на проклетството и маките на раѓањето деца. Со радост гледаат тие дека нивните деца кои тие со лелеци ги погребувале, како јагниња пасат на едемските пасишта, дека се ставени на високи скалила на славата, блескаат со сјајна светлина како браќа на пречистите Ангели.

Слава на Милосрдниот  Кој  често така  рано  ги жнее  децата -  доцен плод на родителите престарени  за во Рајот да постанат  првороден плод !   Тоа е нов призор  -  да се види како  едни плодови жнеат , таму други плодови ,  како првородните ги жнеат првородните и како  пожнеаните со чистота  се уподобуваат на оние кои жнеат.

Прилепи се со духот на Рајот, о старост! Неговиот мирис ќе ти го врати детството, неговиот здив ќе те направи млада. Тој ќе те облече со убавина со која ќе бидат покриени твоите нечистотии. Во Мојсеј е претставена твојата слика. Неговите со бори избраздени образи, цветајќи и сјаејќи, станаа слика на староста која се подмладува во Едемот.
Жителите на Рајот немаат темни дамки, затоа што се чисти од грев; нема во нив гнев, затоа што се слободни од секоја раздразливост; нема потсмев, затоа што се слободни од секоја лукавост; не нанесуваат едни на други штета, не одгледуваат во себе непријателство, затоа што се слободни од секоја завист; никој никого таму не го осудува, затоа што таму нема навреди.

Таму синовите човечки се гледаат себе во слава и самите на себе се чудат зошто нивната плотска природа, некогаш распалувана, сега е спокојна и чиста; зошто сјаат однадвор со убавина и однатре со чистота, со видлив сјај телото, а со невидлив душата.

Скока во Рајот куциот кој не можел да оди; по воздухот јури сакатиот кој не можел да се помести од местото. А очите на слепите кои од мајчината утроба копнееле за светлина и кои не ја гледале, занесени се со рајската убавина, а звукот на рајските флејти го весели слухот на глувите.

Кој не си дозволувал себеси ниту проколнување, ниту клевета, него пред сите го очекува рајскиот благослов. Кој погледот на очите свои непрестајно го чувал чист и целомудрен, ќе ја здогледа највисоката убавина на Рајот. Кој секоја горчина ја сузбивал во своите помисли, во неговите екстремитети ќе потечат извори на прекрасна веселба.

Девицата која го презрела увенливиот брачен венец, ќе засјае таму во брачна одаја на праведник, брачна одаја која ги сака делата на светлината. Бидејќи таа ги омрзнала делата на темнината и бидејќи живеела осамено во домот, тамо ќе ја израдува брак и таа ќе биде утеха на Ангелите, радост на Пророците, слава на Апостолите.

Кој со Данил, на кого му укажувале чест цареви, клањајќи му се во овој свет, за храна си избрал за себе зарзават, таквиот посник наместо цареви таму ќе го почитуваат дрвјата, кои ќе му се клањаат во сета своја убавина, извикувајќи му: "Влези во крошните наши, живеј под нашите гранки, попрскувај се со нашата роса, насладувај се со нашите плодови".

Кој им ги миел нозете на светите, него ќе го очисти таа вода. Кој подавал рака за да им даде на сиромашните, нему сами ќе му се нудат плодовите од тие дрвја. Сето мноштво на цветови радосно ќе поита да ја овенча ногата која одела да посети болни и меѓусебно ќе се натпреваруваат кој побрзо ќе ја целива нејзината стапка.

Кој со мудра умереност се воздржувал од вино, него пред сè го очекуваат рајски лозја, каде што секоја лоза му ги пружа своите гроздови. А ако е девственик, го примаат во своите чисти гради, затоа што, живеејќи осамено, не ја спознал сопружничката закрила, не влегувал во брачната одаја.

Оние кои пострадале од меч и примиле венец за Господ наш, таму во слава со венците свои ќе ја празнуваат победата, зашто телата нивни го подложиле на подсмев оганот на мачителот. Како ѕвезди сјаат таму седумте синови на светлината (Светите маченици Макавеи) - тој победнички венец на нивната мајка, зашто со својата смрт го посрамиле гневот на безбожниците.
Блаженството на таа земја ќе ги преобрази жените кои се потрудиле во служењето на светите. Таму тие ќе здогледаат колку е блажена во Едемот вдовицата која во домот свој го примила Илија. Наместо бардаците и садовите за вода кои ја хранеле – ќе и дадат храна во Едемот гранките на дрвјата, зашто изобилно давала на сиромашните.
Таму нема ништо што не би служило на полза; билките даваат таму пријатен мирис, а јадењата во Едемот се прекрасни. Кој ќе ги вкуси, се подмладува, кој ќе ги помириса, станува убав. Секој цвет крие внатре во себе воскреснување и подготвен е да го даде на оној којшто ќе го набере; секој плод носи во себе богатство и подготвен е да го предаде на оној кој ќе го земе.

Никој не се труди таму, никој не се воздржува, зашто никој и не греши (нема борба со гревот; забелешка на приредувачот).
Никој таму не чувствува каење, зашто таму нема покајници. Оние кои луто се подвизувале, таму не вршат никакав подвиг, туку пребиваат во спокојство. Нема таму старост затоа што нема ниту смрт; ги нема таму оние кои се погребуваат, затоа што ги нема ниту оние кои се раѓаат.
Во нив нема тага затоа што се слободни од сите страдања; во нив нема страв, затоа што се далеку од секоја тага. Нема таму противници, затоа што битката е  завршена. Непрестајно себеси и едни со други се нарекуваат блажени, затоа што завршиле нивните битки, венците се добиени и во сениците е нивниот спокој.

Ја гледав таа земја и седев оплакувајќи се себеси и на себе сличните. Поминаа деновите мои, протекоа како еден единствен ден. Поминаа и исчезнаа, а јас тоа и да го немам забележено. Мојата душа ја обзеде каење, затоа што го изгубив и венецот и името и славата и ризата и светлата брачна ложница и трпезата на Царството. Блажен е оној кој им се удостоил!
Со солзи нека молат за мене таму сите синови на светлината, Господ наш да им дарува една душа, а мене нов повод да го опејам Величеството кое толку богато ја пружа Својата рака помошничка. Оној Кој возвраќа според правда, но не и без благост, со милосрдието Свое нека ми дарува богатства од ризницата на Своето милосрдие!

Ако на нечистите им е невозможно да влезат во оваа земја, тогаш дозволи ми да се населам покрај нејзината ограда и во нејзината сенка. И бидејќи Рајот е сличен на  трпеза, дозволи ми од милост, макар вон Рајот, да ги земам и да ги вкусувам плодовите негови, за да се исполни на мене она што е напишано: "Но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари" (Мт. 15, 27).

Тогаш на себе ќе ја испробам поуката на приказната за богаташот кој не му ги давал на сиромавиот дури ни трошките од својата трпеза; ќе видам како Лазар пребива во Рајот, ќе видам како ужасно се мачи богаташот и ќе затреперам пред строгоста на правосудството Твое, а во себе ќе се охрабрувам со исијувањето на добрината Твоја.

Насели ме покрај оградата на оваа градина за да бидам во соседство со оние кои се населени во Рајот и за да ми позавидат проклетите. Кој може истовремено да гледа и блаженство и мачење, да ги има пред погледот и геената и едемската градина? Венецот на оние кои престојуваат во Едемот ќе ми ја покаже тежината на мојата вина, а мачењето на проклетите ќе ме увери колку си Ти милосрден кон мене.

Чие око може да го издржи едниот и другиот призор? Чиј слух може да го издржи гласот и оние лелеци со кои безбожниците во геената хулат на Праведниот и оние песни со кои Го прославуваат праведниците во едемската градина? Едни со други се посматраат изненадено, и на едните и на другите им се откриени делата заради кои безбожниците се достојни на осудата.

Нека не бидат откриени моите гревови пред моите ближни во оној ден! Впрочем, то би ме направило, Господе, уште попрезрен. Ако моите гревови Ти се познати Тебе, од кого тогаш да ги сокривам. Срамот си го направив себеси идол.
Дарувај ми, Господе, да имам страв само пред Тебе севозможниот и да се срамам пред Тебе милосрдниот! Човекот како за божество на себеси да си го поставил ближниот: секогаш се труди да му угоди; од него се срами да не му стори престап; од него  се плаши, ако лошо се однесува; од неговата пофалба зависи вредноста на неговото добро дело; затоа човек во вистинска смисла станал слуга на слугите. Ти, Благи, Кој ни ја дари слободата, којашто ние ја предадовме во ропство, стори го и тоа со Тебе да го замениме оној господар когошто самите го поставивме над себе.
 
8.
 
Речта напишана во книгата влезе во мојот слух и ме развесели; таа претставува приказна за разбојникот; и душата моја се утеши, гледајќи на мноштвото негови злодела, зашто Господ го помилува и разбојникот. Затоа и јас добив надеж дека ќе влезам во таа градина чиешто име сум го чул и се занесов со него. Мојот дух ги раскина моите окови и јас поитав да ја видам.

Здогледав таму населби и светлоносна сеница и чув глас кој говореше:
 "Блажен е разбојникот, кој за бадијала ги доби клучевите од Рајот"! Очекував дека ќе го сретнам таму, но помислив дека душата не може во Рајот да чувствува без учество на нејзиното тело; и во земјата на радоста ме обзеде тага што моето испитување на тајните се покажа бескорисно. Помислата за разбојникот ме наведе на следното прашање: ако душата може да гледа и слуша без учество на телото, заради што тогаш е затворена во него? Ако пак, без него нема живот, зошто тогаш не умира со телото?

Душата не може да гледа без телото; тоа го докажува за неа самото тело. Ако телото е лишено од видот, тогаш и таа заедно со него е слепа и пипкајќи се движи, и телото и душата имаат потреба едно за друго и самите сведочат за тоа. Како што на телото му е потребна душата за да може да живее, така и на душата ѝ е потребно телото, за да може да гледа и слуша. Ако телото е немо, заедно со него нема е и душата; ако телото е болно, боледува и таа. И покрај тоа што, кога е одвоена од телото, сама по себе душата е здрава, сепак, учествува во сè што се односува на телото. Таа е слична на дете во мајчината утроба кое, имајќи во себе живот, нема збор и разум.

А ако душата, наоѓајќи се во телото, додека тоа е уште младо, не може да се спознае и самата себе и телото со кое е поврзана, не станува ли тогаш таа немоќна по раздвојувањето со телото, кога ниту вон себе ниту во самата себе нема сетивни органи кои би можела да ги употребува како орудија? Зарем душата не се пројавува себеси само со посредство на сетивата на телото кое со неа е споено?

Во ништо нема недостаток оваа благословена населба, оваа земја која во потполност и во сè е совршена; може ли во неа да влезе душата сама немајќи сетива и разум? Секако, ќе влезе на денот на воскреснувањето, кога телото на совршениот повторно ќе ги прими сите свои сетива.

Значи, кога раката на Творецот го создала телото и му одредила да го слави својот Творец, тогаш оваа нема флејта не издала ниту еден звук, додека Творецот, конечно, во телото не вдахнал душа, која во него создала пеење. Тогаш веќе и струните почнале да звучат и самата душа задобила во нив збор на мудроста.

Кога Господ го довршил создавањето на Адама, го зел и го населил во Рајот. Ниту душата без телото, ниту телото без душата не можеле да влезат таму, туку чисти и совршени влегле заедно во оваа савршена населба. Заедно и излегле од него, постанувајќи нечисти. А тоа покажува дека заедно и ќе влезат во денот на воскресението.

Адам бил лекомислен чувар на Рајот, затоа што итриот крадец влегол таму да го ограби и без надзор ги оставил плодовите кон кои поитал овој другиот и го грабнал самиот жител на градината. Нашиот Господ дошол да го побара Адама, и  излегол изашао  (со воплотување) и го нашол во пепелта, го извел оттаму и го извел во Рајот - во оние посакувани населби покрај рајската ограда каде што престојуваат душите на праведниците  и светите, кои таму ги очекуваат своите сакани тела за, кога ќе се отвори вратата на градината, и телата и душите да воскликнат: Осана! Благословен нека е Оној Кој го извел самиот Адам и повторно го вовел со многуте!
 
9.
 
На земјата е подвигот, во Едемот е венецот на славата. И небото и земјата Бог ќе ги обнови при нашето воскреснување и тварта ќе се ослободи и развесели заедно со нас. Земјата, мајката наша, претрпела потсмев, се изложила на проклетство заради грешниците; но заради праведниците Благиот ќе ја благослови нашата хранителка и заедно со нејзините деца ќе ја обнови и неа.

Лукавиот ја отворил својата чаша и својот отров го покажува на секого, на сите потајно им ги распнува своите мрежи, ги поставува своите замки, насекаде одгледува  пиреј за да ги надвладее побожните. Но Благиот во прекрасниот Рај ја засладува нивната горчина, ги украсува со светли венци и заради тоа што го понеле крстот свој, ги вознесува во Едемот.

Ако сакаш да му пријдеш на Дрвото на животот, тоа своите гранки, како скалила, ги приклонува на твоите стапки, те повикува под својата закрила, те повикува да седнеш на постелата од неговите гранки, подготвени да ја приклонат пред тебе својата крошна, да те прегрнат и цврсто да те стегнат во изобилството цветови и да те успокојат како дете на мајчиниот скут.

Кој ја видел трпезата на гранките на ова дрво? Цели низи на плодови од секаков вид при рака му се на оној кој ги вкусува; еден по друг самите му се приближуваат; плодовите ја наситуваат неговата глад и ја гасат неговата жед, росата му служи за миење, лисјата како чиста крпа. Неисцрпна е ризницата на Господа богат во сè.

На најчист воздух стојат таму длабоко вкоренети дрвја, долу е покриено со цвеќе, а горе има многу плодови, нивната крошна е преполна со зрели плодов, а долните гранки се целите во цут. Кој било кога чул или видел над главите да лета облак како сеница, чијшто свод е од плодови, а под нозете е распослан цветен ќилим?

Штотуку те оставија брановите на една буица радост, веќе кон себе те мами друга. Сè таму е исполнето со радост. Овде јадеш плод, а таму се освежуваш со пијалак; овде се миеш со чиста роса, таму се помазуваш со мирисна вода; овде мирисаш миомирис, а таму ја слушаш слатката песна Благословен да е Оној Кој го развеселил Адама!

Наизменично струјат пријатни ветрови и итаат да услужат, како Марта и Марија. Вечерата не престанува и никогаш не бидува без званици. Уморната Марта некогаш се осмелила да му приговори на Оној Кој ја повикувал во Рајот, каде што оние кои служат на вечерата не знаат за умор.

Таму и ваму, пред праведниците струјат ветровите во Рајот; еден им ја нанесува храната, друг им го излева пијалакот; здивот на едниот е сало, а дувањето на другиот - миомирисно масло (парафраза на псаламскиот стих кој зборува за блаженството на праведниците; заб. на приредувачот).
 Кој е тој што видел ветрови кои со својот здив час би наситувале како јадења, час би служеле како пијалак, час би оросувале со свежина, час би помазувале со масло?
Ветровите таму духовно ги хранат оние кои живеат духовно; не престанува тамошната вечера; раката не се заморува; забите немаат работа; не се оптеретува стомакот. Кој кога и да е се насладувал со таква бескрајна гозба, јадел без храна, пиел без пијалак, само со нанесот на ветрот ја гасел жедта, а со нанесот на другиот ветер ја заситувал гладта?

Гледај како тоа забележливо се пројавува на растенијата. Ветрот ја расте пченицата и другото класје, хранејќи ги со својот здив и јакнејќи ги со својата сила; не можат ли, вотолку повеќе, ветровите на благословот да ги хранат разумните и духовните наслади на Рајот? За духовните битија и храната е духовна.

Умните ветрови таму ги хранат разумните. Нивниот здив те прави јадар, нивното струење ти пружа наслада. Еден те помазува, другиот ти донесува радост. Кој кога и да е доживеал такво задоволство - да јаде без раце, да пие без уста, така што само пријатниот здив на ветрот да биде за него храна и пијалак?
Гледај, сè уште такво нешто постои на оваа земја која раѓа трње; сè уште на оваа проклета нива ветрот расте пченица во клас по севишната Волја на Семожниот. Здивот на ветрот како да ја храни со мајчинските дојки, претставувајќи го со тоа начинот на кој се хранат духовните битија.
Ако пченицата, таа телесна храну, чијшто најголем дел телото го исфрла од себе – ја одгледува воздухот, а ветровите ја прават зрела, може ли тогаш чистите ветрови од едемската ризница да им шкодат на духовните битија? Посебни сокови претставуваат пијалак на духовните битија.
И оганот ќе те поучи дека сè се храни со ваздухот. Може ли да се замисли некое место каде што не би имало воздух? Неговото струење го гаси огнот, неговото движење го одржува. Кој е тој што видел мајка која секого би го нахранила со сите видови храна? Сè зависи од воздухот, а тој, пак, зависи само од оној Едниот, со Чија сила сè се храни.

Нека се засрамат Халдејците кои толку многу мислеле за небеските светила, тврдејќи дека тие хранат сè со сешто; и ѕвездите и растенијата и сонцето и влекачите и луѓето ги храни воздухот; со неговиот здив, како што реков, се храни и огнот кој по природа е сроден на светилата.
Душата без воздух се крева нагоре, но таа самата служи како потпора на телото; на неа почива нашата плот. Таа ни прави леб, таа ја прави нашата нива плодна. Таков е и благословениот воздух; тој ги удоволува, ги наситува, ги напојува духовните битија, во него тие лебдат, со него се мијат, тој е за нив море на уживање.
Рајскиот миомирис наситува без леб; здивот на животот служи како пијалак, сетивата таму се потопуваат во брановите на насладите кои се изливаат на сè и во сите можни облици. Никој не чувствува оптеретување од тоа изобилство на радост и сите непрестајно, без пресазитеност се напојуваат со нив, восхитени пред големината Божја.

Сега телата гладуваат и јадат, а таму наместо телата душите чувствуваат глад и душата вкусува на себеси сродна храна. Над секоја храна душата се насладува со Оној Кој храни сè, се храни со Неговите убавини и восхитена е пред Неговите ризници.
Телата кои содржат во себе крв и вода, достигаат таму чистота која е еднаква на самата душа. Крилјата на душата, тука оптеретени, таму постануваат далеку почисти и се уподобуваат на она што во душата е највисоко - умот.
 Самиот ум, кој тука немирно се движи, таму е спокоен, кско Божја величина. Душата по својата вредност е над телото, а нејзе по вредност ја надминува духот, а над духот е скриено Божеството. Али при крајот, телото ќе се облече во убавината на душата, душата во убавината на телото, а духот ќе се уподоби на Божјата големина.

Таму телата бидуваат издигнати до степен на душите, душата се вознесува на степен на духот, а духот, стремејќи со страв и љубов, се воздигнува до висината на Божјата големина. Не полетува тој премногу високо и не запира премногу долго на едно; неговото задржување е разумно, а неговото лебдење е спасоносно.

Ако чувствуваш потреба за храна, го засрамува тоа Мојсеј, кој, не снабдувајќи се со храна, се качил на врвот на гората и таму и без храна бил силен во телото; трпејќи жед, станувал уште попрекрасен.
Кој е тој што видел човек кој, не вкусувајќи храна, се хранел со гледање, цветал со убавина, се напојувал со глас и јакнел? Него го јакнела славата, го напојувала светлината и сјајот.
Секоја наша храна е само ѓубре, нејзиниот вкус ни е одвратен, смрадот несносен, нејзиниот терет нè прави троми, претерувањето ни нанесува штета. Ако пак и таквата храна нè задовоува и јакне, тогаш колку мора да се насладува душата со буиците на радост, кога нејзините моќи се хранат од градите на премудроста!

Таму на мноштвото на оние кои созерцуваат, се изливаат буици на радост од славата на Отецот, низ Неговиот Единороден (Син) и сите се насладуваат на пасиштето на созрцанието. Кој е тој што видел како гладните се наситуваат, јакнат и се напојуваат со буици на слава кои се изливаат од убавината на Оној Кој е вечна убавина?

Тој, Господ на сè, е и ризница на сè. На секого, по мерата на неговите моќи, како низ мал отвор, ја покажува Тој убавината Своја на скриената суштина и сјајот на Својата големина. И сјајот Негов со љубов го осветлува секого: малиот – со слабо светкање, а совршениот – со зраци на светлината; потполната пак слава Негова ја созрцува само со Него Роден.

Во која мера некој овде го очистил своето око, во таа мера и таму ќе може да ја созрцува славата на Оној Кој е над сè. Во која мера некој овде го отворал својот слух [за заповедите Божји], во таа мера и таму ќе земе удел во Неговата премудрост. Во која мера некој овде ја подготвувал утробата своја, во таа мера таму ќе добие од Неговите ризници.

Господарот ги дава Своите дарови, секому по мера, ускладувајќи ги со моќите на оние кои ги примаат: ни дозволува да Го видиме по мерата на моќта на нашето око, и да го чуеме по мерата на моќта на нашиот слух и да го славословиме по мерата на моќта на нашата уста, дава Тој и мудрост по мерата на моќта на нашиот јазик.
Буици на добра се изливаат од благодатта Негова; тааа непрестајно се обновува во јадењата, мириса во миомирисите, се разоткрива во секоја моќ, сјае во цветовите.

Кој е тој што видел цели мноштва од оние кои се хранат само со слава (божествена)? Нивните ризи се светлина, нивните лица се сјај: тие непрестајно ја впиваат и ја изливаат полнотата на благодатта Божја. Во нивната уста е изворот на мудроста, во мислите - мирот, во спознанието - вистината, во испитувањата - стравот, во славословието - љубовта.

Дарувај, Господе, на љубените мои и јас и тие да пронајдеме таму макар мал дел од благодатта Твоја. Созрцувањето на Љубениот Твој е извор на блаженство. Кој се удостоил да се насладува со  Него, тој презира секое јадење, затоа што оној кој Тебе Те созрцува се богати со убавината Твоја.
 Слава на Твојата величественост!
 
10..
 
Која уста Рајот ќе го наслика, кој јазик ќе ја опише неговата слава? Кој ум сликата на неговата убавина ќе ја замисли? Неговата скриена прегратка недостапна е за созрцување. Затоа со чудење ќе го набљудувам само она видливото, само она надворешното; и тоа ќе ми покаже колку сум далеку од скриеното.

Благорастворен е воздухот кој го опкружува Рајот: во неговата близина секој месец е благорастворен; мрачниот Шевот (февруари) таму е ведар како Иро (мај), студениот и ветровитиот Конун (декември) таму е плоден како Ов (август), а Зиром (јуни) е сличен на Мизан (март), а врелиот Томуз (јул) – на росоносниот Тисриј (септември).
И најсуморните месеци цутат таму во раскошно изобилство, зашто воздухот околу Едемот е пријатен. Секој месец растура цвеќе околу Рајот за во секое време да биде подготвен венец од цвеќе со кој ќе ги овенча макар стапките на Рајот, кога е недостоен да ја овенча неговата глава.
Ветровитите месеци немаат пристап во Рајот, во кој владеат мир и тишина. Ако веќе во самиот тој воздух кој се наоѓа околу Рајот се победени ветровите на најветровитите месеци, можат ли тогаш тие да го допрат благословениот воздух кој со својот небесен здив ги прави луѓето бесмртни.

Таму се излива неисцрпна буица на творби секој месец и секој од нив ги донесува своите плодови веднаш по цутењето. Вријат таму благи извори на вино, мед, млеко и масло. Конун (декември) го создава стебленцето, јануари класот, а Шевот (февруари) ги симнува неговите украси, донесувајќи снопови.

Тамо сите месеци се поделени на четири реда. Третиот месец созреваат првенците на плодовите, шестиот - плодовите сазреваат, деветиот плодовите се јадри, и конечно, врв на летото се миомирисните житарки и плодовите који пружаат уживање на вкусот.

Со месечевите мени се менува и цутењето. За време на младата месечина се отвораат крошните на гранките, за време на полната месечина растат и се шират на сите страни, за време на бледнеењето повторно се собираат и на крајот оголуваат; со почетокот на новата млада месечина даваат нови млади изданоци. Месечината е клуч на нивните крошни, тој ги отвора и затвора.

Во Рајот плодовите и цветовите на особен начин претставуваат особено богатство на чијашто разновидност придонесува нивното взаемно мешање. Обата цвета нека се меѓусебно блиски и секој од нив има своја боја; ако тие меѓусебно се спојуваат, тогаш создаваат нова боја; а ако нивните плодови се спојуваат, тогаш произведуваат нова убавина, а нивното лисје добива нов изглед.

Плодноста на рајските дрвја слична е на непрекинат синџир. Ако се обрани и опаднале прво плодовите, по нив се појавуваат други и трети плодови. Кој, кога и да е,  видел подоцнежен плод да се држи, би се рекло, за петицата на првите плодови, налик на она дете коешто се држело за петицата на постариот брат?
Рајските плодови следат еден по друг и растат слично на непрекидно раѓање на луѓето. Меѓу луѓето постојат старци, луѓе во средни години, момчиња, деца кои се родиле и деца кои се зачнати во утробата, што допрва треба да се родат.
Така и рајските плодови следат еден по друг и се појавуваат налик на непрестајна преемственост (последователност, заб. прев.) на човечкиот род.
Реката на човештвото тече во сите возрасти - постојат старци, момци, момчиња, деца, доенчиња кои се хранат со мајчино млеко и оние коишто мајките ги носат во утробата.
Така се раѓаат и плодовите - постојат првенци, постојат и последни, насекаде се наоѓаат плодови и изобилство на цветови.

Блажен е грешникот кој наоѓа помилување на оваа наша земја и е удостоен да биде примен во околината на Рајот за по благодат да се напасува макар во близина на Рајот.
Фала на Праведниот Кој со благост владее!
Благ е Оној Кој не ја затвора целосно Својата земја, но заради безграничната љубов Своја снисходи и на безбожниците; над Неговото наследство распослан е облакот на Неговата добрина и на оние кои се во пламен, облакот го излева дождот на Неговото милосрдие, за и оние кои се мачат да можат да ја вкусат росата која ги лади.
 
11.
 
Рајскиот воздух е извор на уживање; со него се хранел Адам во својата младост; неговото струење на новосоздадениот Адам му служело како мајчина дојка; тој бил млад, убав и весел. Но, штом ја пренебрегнал заповедта, постанал тажен и стар и немоќен, се оптеретил со староста како тешко бреме.

Во благословената земја на блаженството нема ниту штетен студ, ниту врела жега. Таму е прибежиштето на радоста, таму е множеството на сите радости; таму е населбата на светлината и веселбата; таму насекаде се разлеваат звуци на китари и флејти, се слушаат "осана" и "алилуја", кои ги пее целата Црква.

Наместо огради, околу Рајот има серадосен спокој, наместо ѕидови и опкопи постои сеуспокојувачки мир. Херувимот кој го чува Рајот предусретлив е кон блажените кои обитаваат во Рајот, а страшен е кон отфрлените кои се вон Рајот. Сè што ќе чуеш за Рајот, сè е тоа чисто и духовно.

Кој го слуша описот на Рајот, не може да суди за него, затоа што описот на Рајот не подлежи на човечкот суд. По рајските називи може да се помисли дека тој е земен; по силата своја тој е духовен и чист.
И духовите имаат еднакви имиња, но светителот се разликува од нечистиот. Тој што зборува, освен имињата кои ги зема од видливите предмети, со ништо друго не може на слушателите да им го наслика невиддливото.

Дека Самиот Творец на едемската градина не ја облекол неговата величественост во имиња, позајмени од нашата земја, како тогаш би го прикажале нашите споредби? Ако човек се задржува само на имињата кои Божјата величина ги употребила заради прикажување на Едемот, тогаш со самите тие имиња кои се употребени за нас, тој ја стеснува вредноста на Едемот и ја намалува Добрината којашто Својата висина ја приклонила кон нашето детинско сфаќање и бидејќи човечката природа е далеку од разбирањето на Едемот, го облекла во слики за да го воздигне кон прволикот.

Твојот ум не треба да биде збунет со овие имиња. Рајот поседува имиња кои ти се блиски не заради тоа што тој има потреба за слики кои се позајмени од тебе, туку затоа што твојата природа е сосема немоќна и мала пред неговата величина, иако неговите убавини се намалуваат кога се опишуваат со слаби, а на тебе блиски слики.

Бидејќи слабите очи не се во состојба да ги видат зраците на неговите небесни убавини, Бог им дал на Своите дрвја имиња на нашите дрвја, На своите смокви им дал имиња на нашите смокви, Неговите лисја се прикажани слично на лисјата какви што ги гледаме кај нас, за сето тоа да го направи достапно на разбирањето на оние кои се облечени во тело.

Цвеќето на оваа рајска земја далеку е побројно и посјајно од ѕвездите кои може да се видат на видливото небо; благодатниот миомирис кој струи од Рајот, како лекар ублажува дел од болестите на проклетата земја и со својата лековита сила ја лекува онаа болест којашто змијата ја донела на земјата.

Со струењето кое происходи од благословениот дел на Рајот се засладува горчината на нашата земја, се ублажува проклетството на нашата земја. Со Едемот сè уште е проткаен нашиот изнемоштен свет, остарен во болести; со него се проповеда дека на нашата смртност ѝ е пратен лекот на животот.

 Кога блажените Апостоли се собрале се зачул таму силен рев, а ова струење од Рајот, кое се ширело по овие негови населби, ги изливало своите миомириси. Тоа ги помазало проповедниците кои морале да научат и да ги доведат повиканите на Рајската вечера и тоа им се радува затоа што ги сака луѓето.
 
12.
 
Удостои ме мене, по добрината Твоја и со помош на Твојата благодат да ја достигнам оваа ризница на масло, ова похранилиште на миомириси, за  и јас гладен да се наситам со мирисните струења. Мирисот на Рајот секогаш ги храни сите. Кој го почувствувал тој од задоволство заборава на секоја храна. Благословен е Оној Кој ја подготвил оваа царска трпеза во Едемот!

Во мене повторно се роди љубопитност; сакав да прашам, но се плашев на тоа да се осмелам; но оној кој ја водеше мојата мисла му даде на моето прашање мудрост; и поверував на сè што ми рече, затоа што во зборовите се изразуваше токму она што сакав да го знам.
Прашав: како лажливата змија дознала за Божјата заповед? И добив одговор: по слухот ја знаела змијата вистината за тајната. Глас му се обрати на Адам, кој го одвраќаше од Дрвото на познавање на доброто и злото.

Лукавиот го чул овој глас, го завел посленикот и го наговорил на престап, па предвреме го набрал плодот, чијашто пријатност своевремено би станала поинаква, но за оној којшто го набрал предвреме, садржел во себе несреќа. Лукавиот ја прикрил вистината со измама, зашто знаел дека оној кој ќе се осмели да стори такво нешто, ќе го задеси нешто сосема друго, затоа што доброто кое се стекнува низ грев, се претвора во проклетство на оној којшто го стекнува.
Сети се на Озија кој се осмелил да влезе во светилиштето: кога го барал првосвештенството за себе, го изгубил царството (2 Цар. 26, 16). Адам сакал да стекне, а го удвоил своето сиромаштво. Во светилиштето можете да го видите дрвото, во кадионицата плодот, во губата - голотињата. И Озија и Адам претрпеле штета од двете ризници.

Но излегол друг непобедив Борец и го облекол она оружје со кое првиот Адам бил победен. Непријателот го здогледал оружјето и се израдувал, не чувствувајќи дека ќе биде покраден/поразен.
 Она што морало во него да предизвика ужас, тоа било скриено внатре; а она што го охрабрувало, тоа му било откриено. Лукавиот дошол да победи, и вон очекувањето, останал победен.
Бог посадил две дрва во Рајот – Дрвото на животот и Дрвото на познанието. Обете се благословени извори на сите добра. Со нивно посредство човек може да се уподобува на Бога – со посредство на животот да не се знае за смртта, а со посредство на мудроста да не се знае за заблуда.

Превела на македонски: Мина Даниловска
  
 Извор:
СВЕТИ ЈЕФРЕМ СИРИЈСКИ
О РАЈУ

ШТАМПАНО ИЗДАЊЕ

 Књига: НЕКА БУДЕ СВЕТЛОСТ - СТАРАЊЕ СВЕТА И РАНИ ЧОВЕК
Православно тумачење Књиге Постања, стр.
 Издавач: ОБРАЗ СВЕТАЧКИ,
ПМШ при храму Свети Александар Невски
 Издато: 2006.
 Место: Београд
 Превод са руског: Зоран Буљугић
 Приређивачи: Владимир Димитријевић
Јован Србуљ
 Рецензенти : Протојереј Ставрофор Хаџи-Љубодраг Петровић
Протојереј Вајо Јовић
 Уредник издања : Јован Србуљ
 Технички уредник: Јереј Велимир Бирманац
 Штампа: Будућност, Нови Сад  ИНТЕРНЕТ ИЗДАЊЕ

 Објављено: 11. април 2011.
 Издаје: © Svetosavlje.org
 Уредник: прот. Љубо Милошевић
 Основни формат: Владимир Благојевић
 Коректура: Станоје Станковић
 Дизајн странице: Станоје Станковић

Друго:

СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН - ЗА РАЈОТ

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5860
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6665
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6471
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5656
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

28/04/2024 - недела

Велигденски пости; (строг пост )

ВЕЛИКИ ПОНЕДЕЛНИК – Св. мч-чки Агапија, Хионија и Ирина; Св. мач. Леонид

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Христови маченички Агапија, Хионија и Ирина 16 април / 29 април 2024

Тропар на светите Христови маченички Агапија, Хионија и Ирина 16 април / 29 април 2024

Девственички свети маченички,поучени за воскресение во живот веченод истоименитоста со благодат преисполнета – светата Анастасија,заштитени со молитвите на Христовиот пастир,

Тропар на влегување  на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници 2024

Тропар на влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници 2024

глас 1Христе Боже,  за да  нé увериш во општото воскресение, пред Твоето страдање  го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и...

Тропар на светиот Мартин Исповедник папа Римски 14 април / 27 април 2024

Тропар на светиот Мартин Исповедник папа Римски 14 април / 27 април 2024

Исповедниче на вистинската вера која спасува,Мартине свети мачениче,прими од нас пофалба и благодарност.Од Бога со благодатна вистина исполнет,на патот исповеднички...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная