логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Маја Ангеловска-Панова
Институт за национална историја-Скопје

 ТИПИКОТ ВО ВИЗАНТИЈА: МОНАШКИ УСТАВ ИЛИ
                              ЖИВОТЕН ПРЕДИЗВИК?


Етимологијата на терминот типик  се поврзува со грчкото тупикÒн, што во основа значи образец  за вршење богослужба,  со паралелен збир од  соодветни правила со кои се регулирал животот на монасите во смисла на нивното однесување, задолженија, правата и обврските. Иако постојат исклучоци сепак грчкиот термин  типик имал  доминантна употреба во рамките на словенското јазично подрачје токму поради фактот што словенскиот превод устав или правилник повеќе имплицирале  на текстови со правно-политичка содржина  и не го отсликувале вистинскиот карактер на книжевниот вид.
Всушност, во фокусот на вниманието е  дискурсот на типиците, нивните еволутивни фази, проследени преку неколку поеклатантни примери, кои извршиле есенцијален импакт во  организирање на монашкиот живот и воопшто во дефинирањето на  богослужбата во рамките на православното христијанство.
Во текот на долгиот историски континуитет на монаштвото опстојале и се идентификувани 50 типици, кои претставуаат  релевантен нормативен идеал и систем  за  организирање на монашките комуни.
Во однос на структурно-содржинската  поставеност  типиците во принцип се состоеле од три дела и тоа: прв општ дел кој ја засегал  литургијата, изведувана во обични и празнични денови како и  етаблирање на норми на однесување во рамките на монашката заедница.
Вториот дел содржел  упатства за  евентуална измена на песните, изведувани  во деновите од месецот, а третиот дел,пак, се однесувал на измените на песните во текот на седмичен или годишен циклус.
Интегралното проучување на типиците ја наметнува и дилемата околу потребата од нивното настанување и практично-употребната вредност.
Општо познато е дека почетоците на монаштвото кореспондираат со ермитското или анахоретското монаштво, кое како форма подразбирало живот во изолација, претежно во пустинските предели на Мала Азија, Египет и Палестина, постојана контемплација и радикален аскетизам сè со цел постигнување духовно-телесен пуризам како своевидно ¥кме на религискиот ентузијазам и подвиг. 
  Нема сомнение дека така обмислениот  модус на духовно произнесување претставувал предизвик за голем број христијани, но секако не треба да се занемари фактот дека практичната примена на ермитското монаштво воедно значела и соочување со  определени  потешкотии, во смисла на тоа дека монахот ермит како поединец тешко обезбедувал храна, не присуствувал на заеднички молитви, што од своја страна,пак, наметнувало и психолошки проблеми.  
Со цел барем делумно да се надмине состојбата на апсолутна изолација  сосем спонтано се јавила потребата од организирање на т.н. лавра во чии рами испосниците живееле издвоено, но биле под управа на еден игумен и заедно ја минувале неделната евхаристија.  Сè повеќе изразената тенденција за живот во заедница резултирал со појавата на киновското монаштво, кое како форма функционирало врз основа на централизирана комуна и заеднички живот во форма на братства,  односно сестринста, зашто напоредно со машкото се развивало и женското монаштво.
Предизвикот на киновското монаштво се поврзува со фактот што теоретски   тоа претставувало замена на биолошките со спиритуалните семејства и не случајно монасите и монахињите во меѓусебната комуникација се нарекувале браќа и сестри, а нивните претпоставени, коишто всушност требале да ги воведат во катехезата на христијанскиот теологизам и да раководат со заедницата  во практична смисла, биле нарекувани татковци и мајки.  
Голем придонес во развојот на киновскиот тип на монаштво дал Пахомиј (290-345 г.), кој во функција на одржување на беспрекорна дисциплина и апсолутен комформизам  во рамките на манастирските комплекси го составил и првиот монашки устав, кој повеќе или помалку  ќе биде имплементиран во основата на сите подоцнежни типици.   Оригинлната верзија била напишана на коптски јазик, а во 404 година Јероним го подготвил преводот на латински јазик.  Интересно е што типикот претставувал  образец и за Правилникот, што подоцна го составил   св. Бенедикт, којшто се смета за основоположник на западното монаштво.  
Пахомиј првобитно и самиот бил монах-ермит, кој во текот на искушеничкиот период и  подвргнувањето на радикалниот аскетизам доживеал своевидно привидение или, како што, автентично стои во Житието посветено нему: “божја волја е да посредуваш меѓу луѓето, да ги присоединиш кон Него.” Тоа претставувало иницијален момент што повлијаел врз Пахомиј, понатамошната монашка кариера да ја развива во  киновски манир. Во функција на реализирање на својата визија, тој во  Тавенеси во непосредна близина на Египет  основал  монашка заедница, а набргу потоа во 325 година го составил и првиот монашки устав, кој се состоел од 194 правила. 142 од нив биле категорично дефинирани како правила, а останатите 52 претставувале дополненија кои се однесувале исклучиво  на егзегезата. 
Поконкретно станува збор за имплементирање регулатива, којашто се однесувала пред сè на физичката работа, заедничката молитва и  читањето  на Светото писмо без можност за посеризно  развивање на интелектуалниот потенцијал и автентична книжевно-творечка активност на монасите. Значи стекнување репутација за дисциплина и пиетет, но не и  претензија кон образование и интелектуално   издигнување.   
Условно, и покрај овој недостаток, монашкиот устав промовиран од Пахомиј претставувал  релевантен образец за  Василиј од Каесереа (329-379 г.), кој нешто подоцна  ги составил Долгиот и Краткиот правилник, составени во форма на прашања и одговори.  Терминот Правилник, не е автентично инкорпориран од авторот Василиј Велики, туку претставува интерполација од подоцнежните препишувачи.   
 Инаку, Василиј Велики потекнувал од благородничко семејство  во кое посебно се инсистирало на духовните христијански вредности. Неговото семејство живеело организирано во т.н. “монашко домаќинство” , што како пракса било воведено  во периодот на ИВ век во Мала Азија и во Сирија. Тој бил исклучителен ерудит, кој уште во младоста  се стекнал  со знаења од областа на филозофијата, дијалектиката и реториката така што во однос на вештините со кои владеел  многумина го  споредувале со Платон и Демостен.
Умерениот аскетизам концентриран на самодисциплина и апстиненција од сè она што може да ја поттикне душата кон деструктивно задоволство биле приоритетните принципи инкорпорирани во рамките на Долгиот и  Краткиот правилник. Василиј Велики особено се ангажирал да ги поттикне  членовите  на  монашката заедница  на колективна работа за физичкото опстојување на манастирот, но и да им укаже на значењето на колективитетот во смисла на меѓусебното охрабрување во процесот на духовниот подвиг. Како човек со исклучителна интелектуална харизма тој бил дециден во амбицијата за перманентно усовршување на монасите во смисла едукација, апсолвирање на христијанскиот теологизам и доктрина и активност од социјален карактер во добротворни цели.
Во неговата перцепција “монахот пред сè требал да се стекне со нелаком живот, телесна самотија, доличен изглед, одмерен глас и пристоен говор; храна и пиење треба да зема тивко и воздржано; во присуство на постари треба да молчи; мудрите треба да ги слуша, а кон еднаквите да има љубов;  на понижите од себе да им дава совет полн со љубов; да се дистанцира од расипани, страсни и суетни луѓе; повеќе да мисли, а помалку да говори; да избегнува дрскост во говорот и претерување во разговорите; да не се изложува на потсмев, да биде покорен; да се труди со сопствените раце;...постојано да се моли; на сè да се заблагодарува; пред сите да биде смирен; да ја мрази вообразеноста; да биде трезвоумен и да го чува срцето од злобни мисли...”
Василиј Велики придавал големо значење на послушанието кон  игуменот, но и на обврските и одговорноста што игуменот ги имал кон оние што се подвизуваат, истакнувајќи: “И самиот игумен, како татко кој се грижи за своите вистински деца треба да ги испитува потребите на сите и, во зависност од можностите да користи соодветно лекување и згрижување. Секој монах, кој навистина онемоќил душевно или телесно, тој треба да го поддржува со љубов и благонаклоност својствени за татко.
Посебно инсистирал на формирање на манастирски комплекси во урбаните средини, заради можноста монасите полесно да комуницираат со верниците и посебно  да се вклучат во работа во добротворни цели.   Во таа смисла манастирите нуделе храна за сиромашните, преноќиште за патниците и помош за болните, изнемоштени лица.
Во рамките на манастирските комплекси Василиј Велики организирал  училишта, наменети за децата-сираци, но и за оние што имале родители, а немале мож¬ност за едукација, при што особено се водело сметка за полот и за возраста на децата. Некои од нив биле обучувани за свеште¬нич¬ка служба, други, пак, за опитност во уметноста и во занает¬и¬те, со што им се овозможувал слободен избор за идната вока¬ција.    
Во еден прилично деликатен период на иконоборските конфронтации од крајот на ВИИИ и почетокот на IV  век значаен придонес  во  утврдувањето на монашката регулатива дал  Теодор Студит. Реформата што тој ја спровел во однос на монашкиот живот била сконцентрирана на 3 основни принципи и тоа: формирање монашки правилник со кој ќе се реставрира учењето на светите отци, инсистирање на монаштво во киновски манир и  живот во апсолутна сиромаштија.  
Во воведниот дел  на  Типикот, инаку составен за потребите на Студитскиот манастир во кој тој бил игумен се тврдело дека тоа е “најдобриот и највозвишениот пропис” избран од “повеќемина најдобри монаси.”  Не случајно  Типикот ќе се третира како прототип врз чијашто основа ќе се моделираат многу подоцнежни текстови од ваков вид.   Колкаво значење имал Типикот за Теодор Студит говори фактот што во кореспонденцијата со неговиот штитеник Никола тој му сугерира “да не ги менува без потреба типот и правилата” што ги стекнал за време на престојот во Студитскиот манастир. 
Теодор Студит особено инсистирал  на  значењето на работата, независно од тоа дали станува збор за литургиски и едукативни должности, за мануелна, или, пак за работа од социјален карактер. Во текот на зимскиот период монасите биле обврзани да работат четири и половина часови, а летно време најмалку осум часови.
Во неговиот  типик слично како и во Краткиот и Долгиот правилник на Василиј Велики  приоритетно било заедништвото во рамките на монашката комуна.
Монашката  реформа промовирана со типикот на  Теодор се однесувала пред сè на преструктуирање на хиерархиската поставеност   преку доделување  конкретни задолженија на монасите. Во таа смисла   покрај игуменот, се споменуваат уште економ (оикономос) , кој се грижел за имотот на манастирот, понатаму монах (келларитес), одговорен за  храната и кујната и на крајот монаси именувани како (епистемонарцхес, таџиарцхес и епитеретес), задолжени за оддржување на дисциплината во манастирот.    
Независно од овој вид практични задолженија, голем дел од времето монасите минувале на лична едукација, што всушност како пракса било  востановено  уште во периодот на ранохристијанското монаштво. Јероним, Августин од Хипо,  Амброзиј, Василиј Велики  се само  дел од имињата на црковните отци, инаку вистински христијански интелектуалци, кои биле сконцентрирани на  етаблирањето и развојот на  христијанскиот теологизам и  догматика.
Конкретно во типикот на Теодор стои: “Треба да се знае дека во деновите, кога се одмараме од телесните обрски, библиотекарот ѕвони со дрвениот ѕвонец еднаш: браќата се собираат во библиотеката; секој зема книга и се чита до вечерта.”
Во таа смисла општ е впечатокот дека мана¬сти¬рите во една поширока хронолошка рамка  претставувале  културни средишта и скрипторски цен¬три, во кои паралелно со преведувачката дејност се развивала и книжевност со автентичен карактер, достапни не само за едукација на  монасите туку  и за читателите надвор од манастир¬ските комуни.
Во  Студитскиот манастир, Теодор  лично се ангажирал во областа на литургијата  којашто  станала  архетип за  источнто  христијанство, така што многу од црковните песни компонирани во ИЏ  век сè уште се актуелни во рамките на литургиската пракса на Православната црква.
Типикот на Теодор Студит бил имплементиран во голем број манастири во Константинопол, а почнувајќи од втората половина на Џ  век тој бил воведен и на Света Гора,    која многу бргу станала кредо на православното монаштво, а подоцна  и на мистично-контемплативните тенденции прокламирани со  исихазмот.
Значаен по својот автентичен карактер и сеопфатност во однос на внатрешното црковно-правно уредување  бил и Типикот составен за потребите на манастирот св. Богородица Елеуса во селото Велјуса во непосредна близина на Струмица. Манастирот имал автономен статус потврден со империален декрет од 1085 година, издаден лично од Алексиј И Комнин (1085-1118 год.).
Автор на Типикот бил игуменот Мануил, кој претходно престојувал во манастирот св. Авксентиј во близината на Халкедон, каде, како што и самиот констатира го искусил аскетизмот и  фигуративно “доброто млеко” на животот во осаменост. 
Типикот се состои од 22 правила и изобилува со книжевен израз во духот на морализаторско-религиските реминисценции , со цитати од Светото писмо, од патристичката литература, како и со делови инкорпорирани од типикот на Теодор Студит. Сето тоа говори во прилог на фактот дека игуменот Мануил  истапувал од позиција на исклучителен ерудит. Впрочем, како и неговите претходници така и Мануил инсистирал на киновски структуирана монашка заедница или како што автентично стои во текстот на Типикот: “...монасите да живеат во заедница, така што меѓу нив да нема никаква разлика во исхраната, за да не се јави поради тоа нарушување во заедништвото, туку сите со задоволство да земат 
учество во јадењето и пиењето. Зашто, заедничкото живеење значи да се нема никаква разлика во ништо...   “ 
Со Типикот биле регулирани и компетенциите на игуменот, кој за таа функција требало да престојува подолго време во манастирот, да се одликува со исклучителен морално-етички интегритет и да покаже опитност во извршување на административните работи,  редот и  дисциплината и моралните обврски на монасите, како и за правилно изведување на богослужбата.
Во согласност со критериумите за монашки живот монасите имале прилично рестриктивна можност за приватна сопственост, тие всушност поседувале “само постелнина, облека и свети икони за почитување”, што кореспондирало со јасно изразената тенденција за живот во сиромаштво како императив за ослободување на духот од желбата нешто да се поседува.
Независно од физичката работа, која  била составен дел од секојдневието на братството, монасите голем дел од времето минувале во апсолвирање на христијанската мистагогија. Имено, посебно внимание се посветувало на запазаување на принципот на возраста, во смисла “стар и млад”, за да може, како  што впрочем стои во Типикот “младиот, преобразувајќи се според карактерот на стариот, уште на младини да покаже старечка мудрост,” што секако имало и едукативно значење, како еден вид методологија за воведување на монахот во христијанскиот теологизам и доктрина.  За културно-образовните активности во манастирот говорат и податоците од Инвентарот на манастирскиот имот, составен во 1164 година, а зачуван во подоцнежен препис од ЏИВ-ЏВ век со интерполирани податоци.  Според Инвентарот, манастирската библиотека располагала со фонд од 68 ракописни книги со правна, религиско-историска и литургиска содржина и со воспоставена пракса за позајмување книги. 
Формите на аскетизмот, идентификувани преку контемплативните молитви и постот биле приоритетни начела во рамките на монашките заедници. Контемплацијата изискувала беспрекорна концентрација на умот на што упатуваат и податоците во Типикот: “Но ако додека се молите имате такви поматени душевни чувства и душа - а токму тоа не го посакувам-раздвоена, па место едновидна ја правите двојна, поради влијанието на световните работи и го препуштате духот на лоши размисли, не само што кревањето на вашите раце нема да се упати кон него...туку се чини вашата молитва и обраќање кон Бога станува и опасна, зашто непријателот, кој е завидлив на вашите добрини, ги забележува слабоста и колебливоста на вашето расудување... .”  
Како што веќе укажавме аскетизмот подразбирал и придржување кон определен начин на исхрана, така што во понеделник, среда и петок, во согласност со правилата во Типикот консумирале само два оброка од леќа и зеље, а во останатите денови имале по три оброка.
Нема сомнение дека типиците претставувале значајни книжевни споменици, но тие истовремено се и релевантни историски извори со чиешто посредство се врши автентична реконструкција на монашкиот живот.
Интеракцијата на релација типик-монах е повеќе од очигледна. Типикот како специфичен книжевен жанр, кој тематски се однесувал на монашката регулатива не би имал соодветен статус и значење без можноста од неговата имплементација, односно без можноста од неговата употребна вредност меѓу монасите. Од друга страна,пак,  животот според типикот на којшто се подвргнувале монасите  не претставувал само пасивно следење на правилата, туку и предизвик, зашто да се биде монах значело и сè уште значи да се поседува доблест и  храброст за да се истрае во духовниот подвиг и во апсолвирањето на христијанската паидеија. Предизвикот што со себе го носи монаштвото меѓу другото се должи и на неговата социјална предиспонираност и хуманистички тенденции, зашто во текот на долгиот период на монашкиот егзистенционализам перманентно можеле да се видат примери на монаси кои во функција на арбитери интерактивно посредувале во конфликти помеѓу световните авторитети и граѓаните, како и монаси кои со своите потфати претставувале извор на утеха и на духовна инспирација во турбулентните времиња исполнети со тага и несреќи.   

 

 

Maja Angelovska-Panova
Institute of National History-Skopje
TYPIKON IN BYZANTIUM: MONASTIC RULE OR LIFE CHALLENGE?

          Typikon represents a specific literary genre, which relates to liturgical practice as well as to  the regulation of monastic life in manner of koinÕj b…oj. 
           The purpose of the article is to explore the  more characteristic examples of typica  that have committed essential  influence in the establishment of monastic regulations in terms of rights and obligations of the monks.
         The first monastic constitution, composed by  Pachomius originates from the period of the IV century. Constitution more or less has been implemented in all subsequent typika.  Actually, it was a solid basis for creating the Short and Long Rule of Basil of Kaeserea, who especially insisted on manual work, education and personal improvement  of the monks.
          An important contribution in terms of determining the monastic life style gave Theodore Studite, who committed some reforms  concerning the question of hierarchical structure of the monks within the frame of   monastic communities  in a rather delicate period of iconoclastic  confrontation.
         Typikon from the monastery of St.. Virgin Eleusa in Veljusa is also one of the characteristic examples of typika, composed of Manuel abbot in  the same  monastery.
          It is a common impression that the typica represent not only the literary works, but also they are relevant historical sources for reconstructing the monasticism in a wider chronological context.
         In that respect the life according to the typikon represented not only  passively following of  the monastic rules, but it was a life challenge because  to be  a monk means to possess virtue, wisdom and courage and perseverance in monastic asceticism.

 

 

 

 

 

 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Наука и Култура

Јануари 12, 2020
Mudreci.pustina1

Мала Историја на Христијанството и на Светот

Св Јован Крстител е дете на Првосвештеникот Захарије и Елисавета. Захарие веднаш беше убеиен од Ирод.Наскоро Елисавета премина, а Св Јован остана сам во Пустината каде што Бог и Ангелите се грижеа негоСв Јован целиот свој живот ќе го наговестува народот за…
Ноември 24, 2019
7.Vselenski.sobor

Скопје и Истанбул се среќаваат во јазикот, литературата, историјата

– Градовите ја имаат функцијата на поврзување луѓе, вери и народи, како и нивните култури. Динамиката на културните размени меѓу Скопје и Истанбул со овој проект се обележува низ значајните пунктови на тие релации (јазик – литература и историја – култура) со…

СИТЕ ТИЕ МУСТАЌЛИИ (од колекцијата на Националната Галерија на Р. С. Македонија)

Ное 07, 2019 Друго од култура 395
7.Vselenski.sobor
Портретната уметност од минатите епохи изобилува со слики и скулптури на луѓе со мустаќи…

Двеста години од раѓањето на Дичо,зографот кој почна нов правец во црковната уметност

Окт 19, 2019 Наука и Религија 472
Има една интересна случка поврзана со Дичо Зографот што ја раскажуваат неговите потомци.…

„АВИЈАТИЧАРОТ“ ОД ЕВГЕНИЈ ВОДОЛАЗКИН добитник на наградата „BookStar 2019“

Окт 08, 2019 Литература 430
Гостувањето на моментално рускиот писател број 1 на сите светски листи – Евгениј…

Беседи

Дедо Наум: Ако си паметен за тебе нема неуспех

Дедо Наум: Ако си паметен за тебе нема неуспех

И да доживееш некаков неуспех, тоа ќе биде - „конструктивен неуспех", од кој учиш како да успееш.Клучно за секој успех е да се издржи кризата што се сретнува на патот....

Дедо Наум: Да се фокусираме на нашите цели, безначајностите немаат крај

Дедо Наум: Да се фокусираме на нашите цели, безначајностите немаат крај

Лошо, добро; сладост, болка; радост, тага; заљубеност, омраза; успех, пад - постојани промени. Битно е - исправени да продолжиме кон целта.Да се фокусираме на нашите цели, безначајностите немаат крај.Сите што...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Вистинска среќа

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Вистинска среќа

Светото Предание на Црквата е израз на најавтентичниот нејзин живот и секогаш има длабока смисла, и секогаш без исклучок ја изразува и треба да ја изразува Црквата, бидејќи се раѓа...

БEСEДА  за Прeсвeта Дeва Бoгoрoдица

БEСEДА за Прeсвeта Дeва Бoгoрoдица

Сè штo ќe ви рeчe, направeтe! Какo да сакала да кажe: Oн знаe сè, Oн мoжe сè, Oн вe љуби ситe, затoа нe сe свртувајтe ни таму ни ваму, туку...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Маченички етос

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Маченички етос

Имаме можност да бидеме маченици Христови – во секоја минута, во секоја секунда од нашиот живот. Мачеништво е да се избориш со една лоша помисла, со помисла на завист, со...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Божик е празник на богочовечка радост

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Божик е празник на богочовечка радост

Божик е празник на богочовечка радост. Предвечниот Бог, од преголема љубов кон човекот станува еден од нас и ја преминува непреодната бездна помеѓу созданието и Создателот. Бог станува човек, и...

БEСEДА  за раѓањeтo на Гoспoда Синoт Бoжји

БEСEДА за раѓањeтo на Гoспoда Синoт Бoжји

Излeгoв oд oтeцoт, кадe штo имав сè, и дoјдoв на свeтoт, кoј нe мoжeшe ништo да ми дадe. Вo пeштeрата сe рoдил Гoспoд за да пoкажe дeка цeлиoт свeт e...

РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – Архимандрит Георгиј Капсанис

РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – Архимандрит Георгиј Капсанис

Оваа тајна се извршува во Црквата, зашто ние кои живееме во Црквата стануваме учесници во Божјата предвечност, во вечниот живот, во вистинскиот живот на Пресвета Троица. Се разбира, сѐ уште...

БEСEДА  за Давид (02.01.2020)

БEСEДА за Давид (02.01.2020)

Царoт Давид му згрeшил на Бoга, сe пoкајал и Бoг му oпрoстил. Гoлeм бил грeвoт на царoт, нo уштe пoгoлeмo билo пoкајаниeтo. Му бил винoвeн на Бoга за два тeшки...

« »