„Да поШАРаме до Пожаране“ – настан за запознавање и уживање во убавините на Шар Планина


Нашата земја, Македонија е скапоцен мозаик и спој на природна и духовна убавина, а Шар Планина, таа возвишена убавица е еден од нејзините најсјајни бисери. Со цел да се запознаеме и да уживаме во убавините на Шар Планина, на покана на домаќините од славното и опеано село Пожаране, на 04.10. во организација на ПД „Трансверзалец“ од Скопје и во соработка со ПД  „Бистра“ – Гостивар, ВК „Адреналин“ – Гостивар и здружението „Единствена Македонија“ ќе се одржи Планинарско - Велосипедски Хепенинг насловен како "Да поШАРаме до Пожаране". Настанот вклучува 4 тури: 2 планинарски и 2 велосипедски чиј заеднички завршеток ќе биде со вкусна и добра забава со звуците на познатата песна „Благуно дејче, мори Пожаранче“ во селото Пожаране. Според вашите можности и желби може да изберете да се искачите на шарските врвови Голема Враца (2582 м.н.в.) и Мала Враца (2452 м.н.в.), да прошетате во околината на селото Пожаране каде низ густата и најголема костенова шума во Европа ќе го посетите археолошкото наоѓалиште Долна Локва. Доколку сте љубители на велосипедизмот може да извозите 55 км од Попова Шапка по трасата Шарски Води до Пожаране или пак  35 км од Гостивар преку селото Долно Јеловце до Пожаране. Сите спортско-рекреативни активности се предвидени да завршат со заедничка дружба на музичка забава и пикник со прочуеното тавче гравче од с.Пожаране од 16 до 19 часот во дворот на селската задруга. Организираниот превоз од Скопје кој го вклучува и превозот на вашиот велосипед до сите дестинации чини 600 денари. Поаѓање на 04.10.2015 во 6 ч. од Скопје - паркингот пред пошта 2 железничка станица. За подетални информации посетете го настанот на facebook: https://www.facebook.com/events/529790287174462/ . Дојдете да поШАРаме и уживаме во Пожаране!