логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 Од науката (Обновено)

Hristos.pricestuva.jpgБолестите според сфаќањето на светоотечкото учење

За да го објасниме ова прашање, ќе се обратиме кон еден од древните учители на Црквата, свети Василиј Велики. Еве што пишува тој за болестите:

„Има болести што се од материјална природа, и тука е потребна лекарска вештина; има болести и како казна за грев, и тука е потребно трпење и покајание; има болести што се дадени за трпење но и за соборување на лукавиот, како во случајот со Јов, и болести што се пример за нетрпеливите, како кај Лазар; трпат болести и светите, покажувајќи им го на сите смирението и ограниченоста на човечката природа, која е заедничка за сите.

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни“. 


Доволно јасно го изложува својот став за болестите во светлоста на светоотечкото учење протојереј Валентин Свенцицки (1882-1931), руски мислител од 20 век, чии дела, за жал, сѐ уште не се сосема достапни и не се во целост издадени во Русија. Има болести што се последица на казна, дадени за вразумување, за да се испита трпеливоста и верата – но сите тие за своја основа ги имаат нашите гревови, почнувајќи од прародителскиот грев, и во таа смисла болеста е почеток на физичката смрт.
Во врска со различните духовни причини на болестите, болните можат на најразличен начин да Му се обраќаат на Бога. Молејќи се на богослужбата за исцелување на болниот, Црквата смета дека чинот на вера и љубов, кои ги сведочи Црквата во таа молитва, го исполнува она што го сака Господ од душата на болниот човек. И Господ му дава оздравување.

Но понекогаш ваквата молитва на поединци и на целата Црква не е доволна. Болеста продолжува. Господ како да го повикува човекот на нешто поголемо. Го посетува со таа болест. Сака од него или покајание, или исправување, или вера, или трпење. Човек станува свесен за тоа, но се чувствува духовно слаб, потребна му е посебна благодатна помош. Тогаш тој ја моли Црквата за Тајната на Елеосветувањето, Tајната на светиот Елеј. Оваа Тајна во исто време е и покајание, и молитва за исцелување, и завет дека по исцелувањето човек својот живот ќе Му го посвети на Бога, измолување на благодатта Божја, која ќе даде сила сето тоа да се исполни. Прочитај ги молитвите што ги изговара свештеникот за време на извршувањето на оваа Тајна: „Исцели го слугата Свој од телесните и духовните немоќи кои го мачат и оживеј го со благодатта на Христос Твој...“

Нека не нѐ збунува тоа дека светоотечкото учење, наводно, премногу ја доведува болеста во врска со гревовноста. Тоа несфаќање се крие во недоволно длабокото разбирање на суштината на гревовниот чин и на причинско-последичната законитост во појавите на нашиот живот. Добро е познато дека секоја болест има некоја причина за своето настанување. На пример, ако кај страсен пушач се развие хроничен бронхитис или дури и рак на белите дробови, со поголема или помала веројатност, современата медицина причината за заболувањето ќе ја види во страста кон пушењето. А зарем тоа не е грев?


Неверноста во односот меѓу сопружниците може да доведе до венерични болести. Гревот и казната овде се очигледни. Можат да се наведат многу вакви примери: и кога од некои родители се раѓаат деца со вродени аномалии, и кога по првиот абортус се развива неплодност, и кога, јавно или сокриено, се нарушуваат други закони и причинско-последични односи кои ги востановил Творецот. Многу често болестите настануваат поради претерана и неумерена исхрана (стомакоугодување) и недржење на постите, поради раздразливост и други причини, кои од гледна точка на христијанството не се ништо друго туку грев: против Бога, против ближните или против самиот себе. Освен тоа, постојат болести од чисто физички, би се рекло, случајни причини (меѓутоа, и тогаш целосната случајност е само привидна појава). Има болести кога воопшто не можат да се откријат никакви очигледни причини од кои можело да се развие одредено заболување. Но во тие случаи, од гледна точка на светоотечкото учење, болеста настанала под влијание на Највишата промисла.

 


Големо значење во развивањето на болните состојби, светите Отци им придавале на страстите, како на чинители што штетно дејствуваат не само на душата туку и на телото. „Неспокојството на душата и страстите ја расипуваат крвта и му штетат на здравјето“ – пишува свети Теофан Затворник. 
Поподробно за ова прашање се изјаснува свети Јован Кронштадски во следниот извадок: „Искуството покажува дека гревот и страстите го разоруваат здравјето на душата и телото, а победата над страстите создава небесно спокојство на душата и телото. Победи ја многуглавата хидра на гревот и ќе бидеш здрав. Чувај го во себе спокојството на духот и не се возбудувај од никакви тешкотии, навреди, неправди – и секогаш ќе уживаш во душевно и телесно здравје. Немирите, возбудите, огнот на страстите од различни пороци, предизвикуваат во нас многу душевни и телесни болести“. 
А еве како ги сфаќал душевните пореметувања и во што ги гледал причините за нивното настанување рускиот философ Владимир Соловјов: „Во чисто физички причини на душевните болести не верувам, и речиси никој во тоа не верува. Психичкото пореметување... е краен начин на самоспознавање на внатрешното битие преку жртвување на неговото видливо ментално „Јас“, кое се покажало како недоволно во решавањето на духовната задача на нашето постоење“.

Многу длабока мисла, за разлика од многу современи патофизиолошки и биохемиски концепции кои не задираат и не ја откриваат суштината на конфликтот меѓу животот и неговата борба со пречките и тешкотиите, туку само ги констатираат физичките телесни промени кои настанале од други прапричини.

Исклучива заслуга на светоотечкото учење е своевидната концепција за полезноста на болестите. Што има полезно во страдањето? – во недоумица прашуваат многумина што првпат слушнале за ваков поглед на животот. И навистина, можеби луѓето најповеќе се плашат од смртта и тешките болести. Христијанството пак, му дава на човештвото пример за надминување и достојна подготовка за она најлошото што го очекува човекот.


Во последно време и официјалната медицина во извесни случаи ја потврдува оваа концепција за полезноста на болеста (а нејзината практична употреба почнала прилично одамна – на пример, вакцинацијата, која често не е ништо друго туку вештачки предизвикано заболување во лесен или слабо изразен вид за да се спречи посериозна и поопасна болест). Постои мислење дека извесни болести можат да се сметаат за очистувачка криза (на пример, настинките и грипот). После некои заболувања организмот формира постојан или помалку постојан имунитет, што може да се оцени само од позитивна страна.

 

Од гледна точка на светоотечкото учење, човекот со болести помалку греши, потрезвено размислува за смислата на животот. Како што кажал свети Игнатиј Брјанчанинов: „Болничката постела често станува место на богопознание“. Храброто поднесување на болестите формира во човекот својства како што се трпење, истрајност, издржливост и некои други добродетели. Постојат и други битни причини кои овозможуваат болестите да не се гледаат само низ призмата на страдање и неизмерен јад. Подвижниците на светоста сметале дека со правилно сфаќање и однос кон болеста, таа може да донесе полза за душата. Како пример што покажува христијански однос кон болеста може да послужи наведениот извадок од мислењето на свети Григориј Богослов: „Страдам од болест и изнемоштев телесно. Некои вообразени можеби им се потсмеваат на моите страдања. Раслабени ми се членовите на телото и нозете несигурно одат. Не знам дали е тоа последица од воздржување, или последица од гревови, или некаква борба. Како и да е, Му благодарам на мојот Владика! Тоа може да биде дури и подобро за мене. Но исцели ја болеста, исцели ја со Своето слово, Твоето слово за мене е спасение! А ако не исцелиш, дај ми трпение сѐ да поднесам“. На друго место, свети Григориј вели: „Болестите и на мојот дух му служат како извесно очистување, а секој има потреба од очистување, колку и да е силен“.

Уште многу пред настанувањето на психо-соматскиот правец во медицината, светоотечкото учење укажувало на меѓусебната врска меѓу душевното и телесното: „Расипаноста на душата е причина за телесните болести“ – пишувал свети Јован Златоуст.

Како средство за исцелување од нездравјето, светите Отци ги сметале пред сѐ молитвата, постот, Светите Тајни, како и земните лекови, зашто во лекарите гледале помошници, според промислата на Самиот Бог, заради олеснување на страдањата и лечење на болестите (спореди: „Господ од земјата создал лекарства; човек разумен не ги отфрла“ – Сир. 38, 4).

Покрај тоа, секое магиско дејствување, баење и надрилекарство не се сметало за богоугодно и категорички се отфрлало („Подобро ни е да умреме отколку да одиме кај непријателите Божји. Каква полза телото да се исцели, а душата да се погуби...“ – пишува свети Јован Златоуст).

 

Мисли во врска со темата

1. Зарем сите болести се поради гревовите? Не се сите, туку поголем број од нив. Некои настануваат и од негрижа. Стомакоугодувањето, пијанството и безработицата исто така предизвикуваат болести (св. Јован Златоуст). 


2. Болестите се случуваат и за наше испробување во доброто (св. Јован Златоуст).


3. Ако за време на телесна немоќ не ја искористиме помошта на постот, а покажеме уште поголема негрижа, ќе си причиниме најголема штета (св. Јован Златоуст).


4. Телесните болести ги очистуваат душевните (схимонах Макариј).


5. Во болестите – пред лекарите и лековите користи ја молитвата (св. Нил Синајски).


6. Болестите се испраќаат за очистување од грешењето, а понекогаш за да се смири превознесувањето (преп. Јован Лествичник).


7. Болеста се влошува поради нетрпение (св. Тихон Задонски).


8. Причина за болеста е гревот, сопствената волја, а не некоја нужност (преп. Ефрем Сирин).


9. Можеме ли да се лечиме кај лекар и да примаме лекови? Нема во тоа никаков грев, зашто сѐ е од Господа, па и лековите и лекарите. И нема грев во тоа дека човекот прибегнува кон средства за лечење, туку во тоа дека болниот сета надеж за оздравување ја полага само во лекарите и лековите, заборавајќи притоа дека сѐ зависи од себлагиот и семоќен Бог, Кој единствен дава живот или зема живот (св. Амвросиј Оптински). 


10. Од животот на многу свети познато е дека долгите и исцрпувачки болести им биле повеќе од помош, зашто ги смирувале страстите, ги лишувале од впечатоците на световниот живот со неговиот метеж и врева, која одвлекува од вдлабочувањето во скривалиштата на духот (св. Лука Војно-Јасенецки).


11. Бидејќи Бог е живот, а болестите и немоќите се оддалечување од животот, доволно е само да нѐ допре изворниот, првиот Живот, па да ги исцели (св. Јован Кронштадски).


12. Дали треба да се лечиме? А зошто да не се лечиме? И лекарите и лековите Бог ги создал. Зарем залудно ги создал? Не, туку за да лечат болести; избегнување на лекарите и лекарствата е прекор кон Бога (св. Теофан Затворник).     
 

Владимир Константинович Невјарович
„Терапија на душата“
Светоотечка психотерапија

 

Извор: ПРЕМИН бр.79/80

 

Друго:



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Декември 28, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

„Анатомија на бумбарот” на Стефан Марковски

Во романот, чие македонско издание е објавено од „Паблишер“, се дефинира енергична и психолошки силна приказна каде се претопуваат елементи на гротеска, хумор и егзистенцијалистичко преиспитување. Во наративот, како што во поговорот пишува Александар…
Октомври 23, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Поезија од Стефан Марковски застапена во меѓународна антологија на шпански јазик

„Преминот на поетските гласови бара прекугранични и меѓугенерациски средби и точки на дијалог. Тематските определби на песните почиваат врз различните емоционални, општествени, политички и интерперсонални набои на авторите; човечкото дистанцирање и поезијата…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Свети Јован Крстител (19.01.2022)

Митрополит Струмички Наум: Свети Јован Крстител (19.01.2022)

Свети Јован Крстител е и икона и почеток на тајната на новозаветното и есхатолошко свештенство, и почеток на крајот на старозаветното: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти...

Митрополит Струмички Наум: Богојавление (18.01.2022)

Митрополит Струмички Наум: Богојавление (18.01.2022)

Кога читаме за божествените работи, може да разбереме нешто со разумот, ама сфаќаме или проникнуваме само со духовниот разум – со преобразениот и просветлен разум; а може да  ни се...

Митрополит Струмички Наум: Обрезание во срцето, по Дух (13.01.2022 17:42)

Митрополит Струмички Наум: Обрезание во срцето, по Дух (13.01.2022 17:42)

Ако внимателно ја погледнеме оваа молитва, во неа ќе ги препознаеме историските периоди на Стариот и Новиот Завет, како и бесконечниот период на Царството Небесно, кој веќе е и уште...

ВИСТИНСКИ БОЖИК - СТАРЕЦ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС (06/01/2022)

ВИСТИНСКИ БОЖИК - СТАРЕЦ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС (06/01/2022)

Смирената наша молитва од Света Гора е да се подвизуваме сите против нашето самољубие, со цел да дојди во нашите срца, во нашите семејства, во татковината ни и во светот...

БEСEДА  за Рут

БEСEДА за Рут

И Бoг нарeдил сo Свoјата прoмисла, Рута да излeзe на нивата на бoгатиoт Вoз за да сoбира класјe. А Вoз ја видeл Рута и ја пoбарал за сoпруга кај Нoeмина....

Митрополит Струмички Наум: Различни блаженства (18.12.2021)

Митрополит Струмички Наум: Различни блаженства (18.12.2021)

Гледаме дека Господ се поистоветува (дури и најмногу) со секој еден страдалник. Затоа, секогаш кога со своето богатство ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат,...

Митрополит Струмички Наум: За мачеништвото (10.12.2021)

Митрополит Струмички Наум: За мачеништвото (10.12.2021)

Активирањето на благодатта со чинот на самото Свето Крштение редовно се случувало во првата Црква: кога луѓето се крштевале возрасни и кога пред тоа Крштение имало тригодишна подготовка. За време...

БEСEДА  за цeлта на раздeлувањe на дарoвитe, службата и звањeтo

БEСEДА за цeлта на раздeлувањe на дарoвитe, службата и звањeтo

Затoа Свeтиoт Дух ги раздeлил дарoвитe и направил eдни апoстoли, други прoрoци, трeти благoвeсници, пастири и учитeли, та свeтиитe, oднoснo христијанитe, да сe усoвршат. Какo штo сe пoдeлeни чeста и...

« »