На 11 март, во просториите на Францускиот институт во Солун, ќе биде одржана „Балканска книжевна вечер“.
Манифестацијата се одржува во рамките на Деновите на франкофонијата, во организација на Францускиот институт, а во соработка со конзулатите на Република Македонија и на Република Албанија. Вечерта е посветена на делото на македонскиот писател, академик Влада Урошевиќ и на албанскиот романсиер Исмаил Кадаре, и притоа е предвидено присуството на двајцата писатели. Вечерта ќе ја отворат дипломатските претставници на Македонија и Албанија во Солун - Маја Апостолова и Павлина Или. За поезијата на Влада Урошевиќ и, посебно, за неговата нова книга песни преведена на француски и објавена во Париз, ќе зборува писателот Владимир Мартиновски, професор на Филолошкиот факултет во Скопје.