Во среда, (16.11.2022) во 19 часот, во галеријата Рудиќ ќе се отвори изложба на “рециклирана фотографија под името АРТКРИЗИЈА на Игор Настевски.
Маја Чанкуловска-Михајловска за неговата изложба вели:
Како што сугерира насловот на најновата изложба на Игор Настевски - „АРТКРИЗИЈА“, авторот директно реферира на кризата во уметноста, а со тоа веројатно ја отвора Пандорината кутија во однос на повеќе прашања. Доколку го анализираме терминот „кризија“ како кованица/екстензија на „криза“, во својата основа означува тешка состојба, промена кога се очекува или излез, решавање, или крајно лоши последици и е веројатно еден од најчесто употребувани термини кога станува збор за состојбите во уметноста генерално. Историски земено, без оглед дали се поаѓа од лични или општествени становишта, уметноста и уметниците се секогаш во економска или идејна криза, но, од друга страна, пак, таа криза провоцира изнаоѓање креативни решенија. Сосема е логично во услови на криза, како ресурс за креативно дејствување да се рециклираат (ре-употребуваат, преработуваат) дадените или пак веќе употребени „средства“, кои добиваат сосема нов изглед или намена.
Во конкретниот случај, Игор Настевски сосема непретенциозно (во дела кои спаѓаат во категоријата мал формат) презентира едно свое лично „решение“ преку специфичен начин на рециклирање на фотографијата преку нејзино колажирање. Колажирањето како стара техника на спојување на разновиден материјал врз една подлога, особено се реактуелизира во уметноста со кубизмот, а кај Настевски се базираат врз техниката на класично колажирање на различни, веќе „готови“, т.е. објавени рекламни фотографии од весници, при што користи различни слоеви (помеѓу 2-4) за постигнување на конечниот неочекуван, апсурден или нереален приказ.
Имајќи ја предвид сликарската и дизајнерска провиниенција на авторот, иако сите фотографии се создадени од исечоци од рекламни фотографии, може да следиме најмалку две развојни линии: во првата доминира синергијата на фрагменти од рекламната утилитарност и спаѓаат доминантно во сферата на портретот, додека во втората групација понагласено се чувствува ликовната синергија на делчињата во приказната која се однесува на композицијата, распоредот на елементите, бојата и структурата. Сепак, ликовниот елемент кој ги обединува, а кој произлегува од самата суштина на колажот како арт форма на рециклирање слики и идеи, е сублимираното чувство на надреална, односно апсурдна атмосфера. Конечниот резултат на овие експериментални колажирани фотографии се серија на естетски софистицирани нарации кои се позитивен пример за справување со сеприсутната „арткризија“.