Дедо Наум: ПЛАЧОТ - ПОДВИГ КОЈ НИКОГАШ НЕ СЕ НАПУШТА
Понекогаш е добро при толкувањето на Евангелието да се користи и Александриската алегориска школа во комбинација со Македонско-светогорската аскетско-исихастичка школа.

Така, во денешното евангелие, мртовецот го симболизира умот на човекот – заробен и умртвен од страстите, а мајка му - душата човекова; носилата на кои е положен мртовецот - страстите, посебно исполнетите - како гревови; додека пак, носачите - демоните.
Мртовецот го носат надвор од градот, т.е. секогаш демоните сакаат да го извадат умот надвор од срцето, надвор од безбедноста на Царството Небесно – вселено во срцето преку Крштението.

Мајката плаче, односно, душата сепак плаче и тагува над умот, иако тој нема никаква контрола над страстите и демоните.
Овој вид плач би го нарекол инцидентен.
За оваа душевна состојба би рекол: и кога умот е немоќен да нè извлече од духовното беспатие на кое се наоѓаме,
ако нашата душа плаче пред Бог поради тоа, изгледа дека и тогаш имаме надеж.
Штом ја виде Господ, се сожали на неа,
се приближи (страдањето и плачот секогаш Го привлекуваат Бог) и се допре до носилото, т.е. му подари на умот простување на гревовите - како исцеление од зависноста на страстите.
Во тој момент носачите застанаа, т.е. демоните повеќе не можат слободно да делуваат – кога не се поврзани со страстите.
Богочовекот Христос му рече на мртовецот:
„Момче, тебе ти велам, стани!“
Умот ја добива првата – очистителната благодат, и му се случува првото просветлување на неговата енергија.
Со тоа добива и власт над гревот – момчето се исправи и седна на носилата.
Воскресението на мртовецот од Наин е симболика на првото просветлување на умот.
„И почна да зборува“
- тоа го симболизира почетокот на молитвата.

Единствено, постоењето на молитвата во човекот, е показател дека неговиот ум е жив.
Но, активно е жив кога енергијата на умот молитвено ја насочуваме кон нејзината суштина во срцето – кон Бог; и кога секоја пречка помеѓу енергијата на умот и неговата суштина во срцето – каде што пребива и Бог, повторно, се отклонува со плач.
И, оттука па натаму, умот треба плачот на душата свесно да го негува, затоа што – восовршувањето во Бог, нема крај.
Овој плач би го нарекол – освестен.
Исус го предаде назад жив единствениот син на мајка му, т.е. душата ја добива назад единствената словесна сила - умот.
Ако умот е жив, тогаш, преку послушанието, лесно ќе ги придвижи и другите бесловесни сили на душата – волјата и желбата кон добро, кон исполнување на Божјите заповеди.
Дедо Наум





























