Успение на Пресвета Богородица
На 28.08.2023 год. празник на Успението на Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на митрополитот Европски г. Пимен служеше Света Литургија во Лешочкиот манастир. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во својата беседа митроплитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: Празниците се определени од Светата Црква да се празнуваат. Празнувајќи го овој празник добра прилика е да се потсетиме за тоа како треба ние православните да ги прославуваме празниците. Еден празник достојно се прославува доколку го посетиме храмот Господов, доколку сме присуствувале на богослужението, доколку сме постеле, исповедале и како круна на сè доколку сме се причестиле со Светите Христови тајни. Подготовките за овој значаен празник започнаа пред две недели, со почетокот на Богородичниот пост, а денес е централното чествување. Оние што во овој период постеле, се исповедале и добиле благослов од својот духовен отец приоѓаат и се причестуваат со Телото и Крвта Христови. Токму Вашето присуство во овој манастир го зголемува празничното расположение и нашата радост. Пресвета Богородица, мили мои, е постојано со сите нас. Светиот Григориј Палама, во својата проповед за Успението на Богородица вели дека „Таа стои помеѓу Бог и целиот човечки род“. Несомнено таа е најубавиот украс, и Неа и прилега најголемата чест и слава, бидејќи со Неа човечката природа е воздигната на највисок степен на моралното усовршување. Заради тоа Богородица е најблиску до Бога. Земена во Христовите прегратки и вознесена на небото, Таа постанала прва и најголема застапничка на луѓето пред Бога, Која и денес се застапува за сите нас што на денешниот светол ден стоиме пред Нејзиниот успенски лик. Затоа Нејзините молитви ни се навистина потребни на сите нас. Во овие празнични мигови, наоѓајќи се под закрила на Небесната царица овде во нејзиниот манастир, да И се обратиме со молитва на Возвишената да ни биде како и секогаш, и сега постојана застапничка и молитвеничка пред Бога за нас и за сите наши идни поколенија. Таа нека биде нашата патеводителка на патот кон спасението и Нејзиниот благослов нека биде врз сите нас постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!
http://tge.mk/product/uspenie-na-presveta-bogoroditsa-1