Нешто што ми остави преголем впечаток и морам посебно да го потенцирам е неизмерната кротост и љубезност на монасите. За нив воопшто не беше важно дали е некој Грк или Русин или Романец или Македонец! Таму сите бевме ЕДНО. Сите не спојуваше љубовта кон Бога и НАШЕТО СВЕТО ПРАВОСЛАВИЕ. Не можам да опишам колку Му благодарев на нашиот Бог што ме удостои да ја почувствувам таа света соборност, тоа свето братољубие! „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно! ...Зашто таму Господ дал благослов и живот вечен.“ (псалм 132: 1, 3) Да, на ова свето место навистина силно се чувствуваше Господовиот благослов!
Друго нешто што многу ме воодушеви беше беспрекорниот ред и организираност во се – посебно за време на Богослужбите во светите Храмови. Верниците (вклучувајќи ги многубројните дечиња!) тивко и молитвено ги следеа светите Богослужби и во совршен ред, без никаков разговор и турканици пристапуваа да се поклонат на светите икони тогаш кога беше одредено да се целиваат иконите – обично пред самиот крај на Богослужбите.
++++
И повторно нешто што уште повеќе го издигна мојот ум над светските работи – иконата МИРОТОЧЕШЕ во светиот Храм пред очите на сите присутни. Јас знам дека постојат многу икони кои се мироточиви и тоа секогаш ме воодушевувало, но гледајќи со свои очи како капки миро со неописливо убава миризба излегуваат од ликот на Божјата Мајка, навистина не можев да престанам да Му благодарам на Бога и на Неговата света Мајка што ме удостоија да видам едно вакво вистинско чудо и да ја почувствувам ваквата преголема Божја милост кон нас луѓето! Верувам дека светоста на овој прекрасен Манастир и постојаните молитви на монасите многу придонесаа за Божјото благоволение иконата да мироточи токму тогаш и токму на ова свето место! Иконата беше во Храмот долго време и многупати имавме можност да се поклониме и да се помолиме пред неа. Во еден миг, кога свратив во Храмот, речиси немаше никој, па можев слободно и без брзање да И се помолам на Божјата Мајка. Монасите ни делеа икончиња, кои ги допревме до оригиналната мироточива икона, и кои долго потоа мирисаа на миро. Баш пред да заминеме, беше отслужен и Молебен Канон кон Пресвета Богородица, при што сите бевме помазани со миро што монасите го беа собрале од иконата во шишенце, а ни дадоа и натопени во мирото памбучиња да си понесеме за дома. Навистина, преголеми духовни дарови!